Елитата го гледа спасот за Македонија во ЕУ

Македонија како членка на ЕУ треба да биде многу поразлична држава од сегашнава Македонија
Климе Бабунски
Дваесетгодишната транзиција во Македонија има барем две суштински важни, но и спротивставени белези: стекнување членство во ЕУ и проблемот во врска со името. Во целиот период на дведецениски постојани промени, за овие два белега јавноста покажува бележита постојаност во своите размислувања и оцени. Ваквата постојаност е многу важна, ако се има на ум дека јавното мислење е променлив и управлив процес.
И токму за тоа станува збор, за менување на диоптријата, за менување на фокусот, за замена на тезите, „за мешање баби и жаби“. А познато е дека погрешната диоптрија го замаглува фокусот и воопшто целиот светоглед и во нашиов случај несомнено ќе предизвика национално слепило.
Јасно е дека името е поврзано со идентитетот и тука секоја импровизација, од каков и да е тип, вклучително и новопреродбеничката сточекорна историја ќе доживее пропаст. Штета, секако, (ќе) има, но зарем не беа штетни и сите антимакедонски пропаганди, особено во 19 век и во првата половина од 20 век, па, сепак, се' уште не' има. И не само што не' има, туку токму сега, како никогаш досега, сами ја одредуваме нашата иднина.
Од друга страна, и ставовите кон ЕУ се јасни. Елитата, да не заборавиме, токму таа има водечка улога во формирањето јавно мислење, во својот доминантен дел е цврсто решена за членство во ЕУ: 71 отсто сосема и 23 проценти многу го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ. Важно е да се напомне дека насоченоста „за“ или „против“ Владата и нејзината политика не произведува статистички значајни разлики во поддржувањето на членството на Македонија во ЕУ.
Но, она што е уште поважно, според анкетираните, Македонија како членка на ЕУ е многу поразлична држава од сегашнава Македонија. Доминантниот дел од испитаниците - 72 процента се убедени дека кога Македонија ќе стане членка на ЕУ луѓето во Македонија „повеќе ќе ги почитуваат законите отколку сега“, а оние што мислат дека тогаш законите ќе бидат почитувани „ни повеќе ни помалку, од сега“ се три пати помалубројни - 25 отсто. Во „Македонија, идна држава од Европската унија“, нивото на корупција „би се намалило“, одговориле 72 отсто, а 22 отсто од анкетираните очекуваат „не би се променило“. За елитата, членството во ЕУ има уште едно лекувачко дејство. Во „ЕУ-Македонија“ 47 отсто од анкетираната елита очекуваат „неформалното однесување“ (користењето врскички и врски и на неформални мрежи) да биде намалено, 37 проценти од анкетираните не очекуваат „ниту зголемување ниту намалување“ на таквото однесување, а само 11 отсто оцениле дека неформалното оценување ќе стане почесто, односно ќе се зголеми.
Ваквиот „панацеа ефект“ од членството во ЕУ е очекуван и разбирлив: ЕУ е симбол за развиено општество и во политичка и во стопанска смисла, а таквата развиеност е наша цел. Но, истовремено ваквото поимање на ЕУ е опасно. Се заборава дека законите ќе мора повеќе да се почитуваат сега, корупцијата ќе мора да се намали сега, а и цела низа реформи ќе мора сега да бидат направени за да станеме дел од ЕУ. Отрезнувањето од „селековитоста“ на ЕУ, ќе предизвика потреси, но не погубни, напротив, ефектите ќе бидат мотивирачки и раздвижувачки.
За жал, во „лекувањето“ од неуспесите во реформите, од доцнењето со реформите се имитира плацебо-терапијата, се користат „лекови“ што не се лекови, а нивниот хемиски состав ја има следнава формула: „ние сме добри и се' добро правиме, само името не' кочи“! Болниот не знае за ваквата замена и верува дека ќе оздравее, но ако врз експериментот се изгуби контрола, болниот може да заврши како уште една бројка во статистиката на смртни случаи.
Всушност, ајде да ја направиме замената на тезите стопроцентна, што мислите, дали во некоја идна анкета вербата во целта: дека ќе се намали корупцијата, дека законите повеќе ќе се почитуваат, ќе биде иста, ако место: „кога Македонија ќе стане членка на ЕУ“ во прашањето стои: „ако Македонија отфрли каков и да е компромис за името“?
|