На тетовско Кале најдени артефакти од османлискиот период

Подземни ходници, кујна со трпезарија, летен сарај, бунар - се само дел од објектите откриени на тетовското Кале
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Три тунели, подземни ходници што ги поврзувале тунелите, кујна со трпезарија, покриен и летен сарај, двоен објект бунар - се само дел од објектите што се откриени со археолошките истражувања на тетовското Кале. Најдени се и неколку предмети, посребрена табакера со зачуван тутун, неколку монети од турскиот период, керамички фрагменти од лулиња за пушење итн. Откриени се и три гроба, од кои два биле сосема зачувани, а едниот измешан, и дадени се на експертиза на антрополози во Музејот на Македонија.
Ова се само дел од пронајдените содржини при археолошките истражувања спроведени минатата година што ни беа презентирани од Љуљиета Абази, виш кустос и носител на проектот и директорот на Музејот на тетовскиот крај, Среќко Јовановски. Се' што е откриено и пронајдено главно е од османлискиот период. Нови археолошки истражувања на Калето не се предвидени, а експертите очекуваат да откријат артефакти од многу постаро време. Пронајдените предмети се чуваат, а откриените објекти се очекува да бидат конзервирани, за што биле одобрени финансиски средства. Работата ќе ја извршува Центарот за конзервација.
Според Љуљиета Абази, најголемо изненадување било откривањето на двојниот објект, кој се наоѓаше на средишниот дел на површина од 108 хектари. Тој простор беше во вид на брдо, обраснато со повеќедецениски дрвја, трње, треви и не оддавал впечаток дека одоздола се крие таков објект. Со земја биле покриени и „занданата“, бедемите, некои од галериите и подземните ходници. Од истражуваните објекти, вели Абази, видливи биле кујната со трпезарија, покриениот сарај со помошните објекти и летниот сарај.
„Дефинирани се и трите тунели што ги градел Абдураман-паша, некаде во 1820 година. Ги откривме излезите од Калето. Едниот води до Тетово и излегува некаде кај старото медицинско училиште, вториот води кон соседното село Лавце, а третиот кон левиот брег на реката Пена. Нивното целосно истражување бара многу средства и време, а целосната обработка ќе значи голема туристичка атракција, но и значајно откритие за научниците, историчарите и археолозите“, вели Абази. Според неа, значајно откритие се и фреските, од кои некои се зачувани како делови. „Работени се со боен малтер, некаде доминира црно-сивкава боја која претставувала имитација на травертин блоковите“.
Директорот Среќко Јовановски е оптимист и смета дека истражувањата на тетовското Кале ќе продолжат во некои подобри времиња. „Во досегашните истражувања не најдовме ништо од постари времиња. Меѓутоа, тоа не значи дека нема. Ќе се потврди или негира откако се' ќе се истражи“, смета Јовановски.
Тетовското Кале е споменик на културата и под заштита на државата. Инаку, целиот простор е сопственост на Македонската православна црква.
|