Ќе пресуши ли и грчкиот туризам?

Поради бензинот околу половина милион туристи се заглавени на Халкидики. Сообраќајот на патиштата е намален за 50 отсто
Миркица Поповиќ
Се' уште нема надеж за нови резерви на гориво во грчките бензински пумпи. Штрајкот продолжува, до кога - се' уште не се знае. Штрајкувачите незадоволни од вчерашните разговори со грчкото министерство за транспорт и врски, категорично продолжуваат со протестите.
Македонските граѓани и оние во Грција и оние што треба да заминат викендов, се во се' поголема паника. Плановите за летување два-три дена пред поаѓање им се изместуваат, можно е да го одложат одморот за неколку дена или, пак, ако се веќе во Грција, да се снајдат како да го продолжат додека не се најде чаре за нафтената криза. Најмногу ги јаде неизвесноста за времетраењето на штрајкот.
Оние што веќе се таму треба да најдат и ново сместување, но и финансиски средства за да останат уште неколку дена додека не се прекине штрајкот. Некои полесно се снаоѓаат за сместување, но не се ретки и оние што наидуваат на тешкотии за наоѓање соби и апартмани, бидејќи многумина веќе од први август очекуваат нови групи туристи.
Во најкомплицирана ситуација се туристите на островите, бидејќи нема никаков начин до нив да се донесе бензин. Во малку полесна, но, сепак, незавидна ситуација се оние што планирале да појдат на одмор овој викенд. „Требаше в сабота да заминам на Крит, но сега не знам колку ќе може да се оствари тоа. Не можам да заминам на толкав пат без да знам кога ќе има повторно гориво на грчките бензински. Јас, секако, ќе мора неколку пати на патот до Крит да дополнам гориво. Навистина не знам што ќе правам“, ни вели еден наш сограѓанин.
И оние што заминуваат на поблиските плажи на Халкидики се во слична ситуација, пред се', поради видот на возилата што ги имаат. „Мојот автомобил има помал резервоар, па дури и да наполнам гориво во Гевгелија, мислам дека нема да ми стигне до вториот крак на Халкидики каде што веќе имаме резервирано соба. Ме загрижува и тоа дали бензинските во Гевгелија ќе можат да не' услужат сите“, вели една скопјанка, која в петок планира да замине за Сарти.
„Покрај бензинските, пресушува и грчкиот туризам “, пишуваат грчките медиуми. Туристичките работници секојдневно добиваат загрижени повици од туристи од Грција, од Балканот, но и од Европа, кои не знаат дали да ризикуваат да дојдат на одмор на некое од туристичките места поради кризата. Особено се мислат и оние што патуваат со приколки.
Загриженост изрази и претседателот на Здружението на хотелиери на Халкидики, Григорис Тасиос, кој за грчката информативна агенција АНА-МПА изјави дека доколку до петок бензинските на Халкидки не се снабдат со гориво, ќе се појават сериозни проблеми со туристите претежно од балканските држави. „Секојдневно се јавуваат туристи што имаат резервирано сместување за овој викенд и прашуваат дали да откажат. Ако кризата продолжи, има можност следната недела да се појави недостиг од храна во хотелите“, вели Тасиос, додавајќи дека сега засега нема откажување на резервациите.
Според него, околу половината милион туристи се заглавени на Халкидики и моментално имаат потреба од гориво, а се проценува дека сообраќајот на патиштата е намален за 50 отсто. „Половина милион туристи е логична бројка, сега сме во врвот на сезоната и имаме и домашни и странски туристи, но и локално население. И сите тие се во потрага по бензин“, додава Тасиос, разочаран дека овој штрајк уште повеќе ќе ја наруши сликата за Грција во очите на туристите.
Надежите за прекин на штрајкот паднаа во вода по вчерашната средба на претставници на сопствениците на камиони и цистерни со генералниот секретар на министерството за транспорт и врски, Христос Циока. Претседателот на синдикатот на превозници, Јоргос Ѕорѕатос, по средбата во министерството, остро ја критикуваше владата незадоволен од она што им било понудено, истакнувајќи дека уште еднаш само покажува дека не е спремна да направи промени и да им излезе во пресрет. „Не не' засега одговорноста од штрајкот, тајното однесување на владата за законот за ослободување на професии не' доведе до овој степен да излеземе на улици. Прво се криеја за законот, а сега повторно покажуваат колку се незаинтересирани да им излезат во пресрет на граѓаните“, изјави Ѕорѕатос, додавајќи дека од министерството побарале прво да се прекине штрајкот, па да започнат преговори за решение на проблемот, што за штрајкувачите е неприфатливо.
Претставници на асоцијациите на бензински пумпи во Солун истакнаа дека вчера утрината штрајкувачите дозволиле да поминат 10 приватни цистерни со бензин, што за нив, сепак, е само капка во океанот. „Десет цистерни пренесуваат околу 30.000 литри, а само во Солун има околу 450 бензински. Па каде попрво да одат? Секојдневно за потребите на бензинските во Солун се потребни околу 300-400 цистерни со гориво. Што да правиме со 10 цистерни, особено сега кога се екстремно критични работите, а зголемени се и потребите на трговците и на хотелиерите?“, истакнаа претседателите на здружението, Темис Киурѕис и Спирос Мелидис, за весникот „Катимерини“.
Според информациите во грчките медиуми, бензинските во државата се речиси пресушени. Голем дел од медиумите апелираат до граѓаните да им ги пратат адресите од бензинските каде што се уште може да се најде гориво за да можат да ги информираат нивните сограѓани.
Според информациите, капка бензин нема на Халкидики, во Патра, Егио и Аргос. Резерви од бензин до вчера уште можело да се најдат на некои од бензинските во Александрополис, Илија, Јанина, Кавала, Кукуш, Пирија, Лариса, Трикала, Превеза, Флорина и Драма. Од островите, според медиумите, засега нема големи проблеми на Хиос, Крф и Самос.
Во околината на Костур вчера вечерта бил забележан првиот обид за кражба на бензин од приватно возило. Командирот од локалната полиција за медиумите истакна дека е изненаден бидејќи досега немале ниту еден случај за ваков криминален чин и изрази надеж ова да биде прв и последен ваков случај. (М.П.)
|