Број 2864  среда, 17 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Економија

„Лукоил“ ги намалува инвестициите

Водечката руска нафтена компанија драстично ги намали своите инвестиции

Од нашиот дописник
Бранко Влаховиќ

МОСКВА - Најголемата руска нафтена компанија „Лукоил“ ќе ги намали своите инвестициски планови поради сегашната финансиска криза што ја зафати и Русија. Претседателот на „Лукоил“, Вагит Алекперов, изјави дека во 2009 и 2010 година оваа компанија ќе се откаже од одделни инвестиции во проекти во странство.

Поради немање пари, ќе се откаже и од модернизација на големата рафинерија во бугарскиот град Бургас, а исто така ќе се сопрат и испитувањата во Централна Азија. Ако продолжи да паѓа цената на нафтата, сосема е реално дека „Лукоил“ ќе се откаже и од работата на новиот извор на нафта Филановски што се наоѓа во Касписко Море. Во време кога цената на нафтата беше висока, раководството на „Лукоил“ планираше тој нов извор да почне да се експлоатира во 2013, а во текот на 2014 година требаше да бидат поставени сите цевководи што ќе го поврзуваа тоа нафтено дупчење со рафинеријата. За реализацијата на тој план „Лукоил“ имаше намера да потроши 1,2 милијарди долари. Реализацијата на тој проект, според зборовите на Вагит Алекперов, се одложува за една година. Филановскиот извор на нафта е најголем во Касписко Море, а исто така се смета и за еден од најголемите на светот.

Руски независни експерти тврдат дека прогнозите на Алекперов се премногу оптимистички и дека сите планови ќе се пролонгираат на подолго време. Во „Лукоил“ категорично тврдат дека воопшто немаат намера да се откажат од плановите во Западен Сибир и на Јамал.

Во 2008 година планот на „Лукоил“ за инвестиции изнесуваше дури 15 милијарди долари, а во 2009 година тој ќе се намали најмалку за пет милијарди. Претседателот на таа нафтена компанија, Вагит Алекперов, објаснува дека плановите за развој се правени врз основа на прогнозите дека нафтата следната година ќе чини во просек 50 долари за барел. Потпретседателот на „Лукоил“, Леонид Федун, објаснува дека веќе од порано компанијата ги направила своите планови за развој во три варијанти, кога цената на барел нафта би изнесувал 50, 65 и 80 долари.

Интересно е тоа што земјите-членки на ОПЕК побарале од Русија да го намали дневното производство на нафта на 200-300 барели. Досега Москва се' уште нема излезено со официјален одговор. Првиот човек на „Лукоил“, Алекперов, ја поддржува идејата на ОПЕК, бидејќи смета оти сегашната цена на нафтата е нереално ниска. Според Алекперов, реалната цена на нафтата е од 70 до 90 долари за барел.


Статијата е прочитана 243 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Економија
Следната 2009 ќе биде тешка година
Огромен буџет за „лов“ на странски инвеститори
Реконструкцијата на мостовите продолжува во мај
Телекомуникациите засега отпорни на кризата
Хрватска со 650 млн. евра за патишта
Се предлага одложување на бруто-платите
Нови банкомати на ТТК банка
Составот на МБИ 10 останува ист
Производителите на делови пред банкрот
Обама избра нобеловец по физика
Хрватскиот Собор го усвои буџетот за 2009
Ирската влада ќе им помага на шест банки