Здравје на телото
Мислете на староста, чувајте ги бубрезите

Внимавајте колку вода пиете и колку сол внесувате - кога ќе пресолите, бубрезите треба да се изнамачат за да го елиминираат вишокот
Валентина Тодоровска
Бубрезите се мало совршенство што во организмот прави голема работа. Мало - поради големината (12 см и тежина 150 грама), а големо поради фактот што дневно целата наша крв по 35 пати минува низ нив, а тоа во превод значи - 180 литри драгоцена течност. Сево ова се случува за да се излачи околу 1,5 литар урина во која, покрај вишокот вода од телото има и многу отровни материи. Здравјето на бубрезите е огледало на општата состојба на целиот организам. Кога од нивната зачуваност зависи и нашата старост, слободно можеме да заклучиме дека не е преценета важноста на овие органи, вредните чистачи во нашето тело.
- Токму затоа ќе спомнам дека е најважно да се спречи какво било оштетување на бубрезите, ни рече примариус д-р Љупчо Стојковски, нефролог, директор на болницата за нефрологија и дијализа „Диамед“ со кого разговаравме за функционалноста на бубрезите.
„Многуброен е арсеналот што атакува врз нив, од надворешни непријатели во вид на токсични лекови до прекумерно количество сол во храната, пушењето, стресот се' до внатрешните непријатели од кои најпознати се високиот крвен притисок и шеќерната болест“ .
Но, во природата се' е доведено до совршенство, па така и улогата на бубрезите не завршува едноставно. Како што раскажа д-р Стојковски, во бубрезите е вткаен прецизен и мошне сложен биокомпјутер одговорен за балансот на течностите и минералите во телото. Бубрезите се и моќен регулатор на ацидобазната рамнотежа во телото. Малкумина знаат дека во нив се создаваат и хормони што имаат клучна улога во регулацијата на крвниот притисок и создавањето нови црвени крвни зрнца. Патем, кој би кажал дека бубрегот продуцира и витамин, многу важен за цврстината на коските?!
- Прашувате - имаат ли бубрезите пријатели? Се разбира, тоа е водата, продолжува Стојковски. Кога внесуваме повеќе течности во организмот, се подобрува протокот на крвта, се создава повеќе урина и се олеснува исфрлувањето на штетните материи. Затоа се препорачува редовно и обилно пиење чиста вода како најдобра заштита на здравите бубрези“.
Разбирливо е дека при повисоки температури и поголема физичка активност треба да внесуваме повеќе течности. Основната формула е најмалку осум чаши вода на ден, а уште подобро десет: две чаши вода наутро, една пред и по секој оброк и две чаши пред спиење. Во текот на летото земајте уште 3 до 4 чаши вода повеќе. А дали сме земале доволно количество течности, може лесно да провери и при секое мокрење - урината, според докторот, треба да биде бледо светложолтеникава.
Интересно е сознанието дека Македонија е една од ретките земји во светот во кои може да се пие вода од чешма. Во однос на квалитетот, докторот го наведува изворот Рашче, од кој Скопје, како втор во Европа според квалитетот на водата за пиење, веднаш по изворите на пивка вода во Шварцвалд, Германија.
Нашиот соговорник не' информира дека бројката на бубрежно болни во Македонија се наоѓа во средината на табелата, и тоа во однос на оваа популација во Европа. Моментално околу 1.300 бубрежно болни во нашата земја имаат потреба од терапија, се лекуваат со дијализа или живеат со пресаден бубрег. За жал, секоја наредна година зголемувањата се се' поевидентни, а постои податок дека цифрата на нерегистрирани бубрежно болни е меѓу 50.000 и 80.000 жители. Значи, бранот на тешко бубрежно болни допрва доаѓа.
- На што можеме да влијаеме кога е во прашање зачувувањето на бубрезите? Сметам дека нашите навики за внесување сол во храната се катастрофални. Се' уште, за жал, на нашата трпеза владее смртоносната формула: Посолено, повкусно. Јас на моите пациенти, но и на оние со добро здравје им велам: „Бегајте од солта како од ѓавол!“ Имајте на ум дека од вкупното количество сол што го внесуваме со храната видливи се само околу 20%, а остатокот од 80% е невидлив и се наоѓа во готовата или полуготовата храна што ја консумираме. Максималното дневно количество сол со кое се подготвува храната или се досолува (не правете го ова никогаш!) е една рамна кафена лажичка сол, која содржи околу 2300 милиграми натриум.“
Бубрезите се одговорни за балансот на натриумот (составен дел на солта) во телото. Кога ќе внесеме повеќе сол, тие треба добро да се изнамачат за да го елиминираат вишокот сол од телото. Задршката на сол во организмот значи задршка на повеќе вода во телото, а тоа ќе доведе до зголемување на крвниот притисок, а со тоа проблеми за срцето, крвните садови, бубрезите. Како пример д-р Стојковски наведува дека најголем број од пациентите што имаат зголемен крвен притисок припаѓаат на т.н. сол зависна хипертензија. Кај нив со намалувањето на солта во исхраната доаѓа до подобрување на вредностите на крвниот притисок и намалување на потреба од лекарства.
Еден од најчестите проблеми во врска со уринарниот тракт се и бубрежните камчиња. Се смета дека околу 4-6 % од популацијата барем еднаш во животот ќе создадат бубрежно камче, а за Македонија тоа значи околу 100.000 луѓе.
- Кој не преживеал болка при исфрлање бубрежно камче, една од најсилните болки забележани во медицината, нема да го сфати ова сериозно. И покрај тоа што за создавањето бубрежни камчиња се виновни многу фактори од кои најзначајни се: генетската предиспозиција, односно наследниот фактор, климатските услови, навиките во исхраната и хроничните инфекции на мочните патишта, јас, сепак, како најважен фактор, на кој може и да се влијае, би го истакнал количеството вода што го внесуваме во текот на денот. Едноставна равенка: помалку вода, поголем ризик за создавање бубрежно камче. Запомнете дека сите оние што имаат наследено зголемен ризик за создавање бубрежни камчиња, треба да пијат многу вода. Ако уште успеат да го намалат внесот на белковини (месо, млеко, јајца) и сол шансите да се создаде бубрежно камче значително ќе се намалат“.
Интересно е дека до денес не се најдени цврсти научни докази за поврзаноста на т.н. тврда вода (вода богата со калциум) и зголемениот ризик од создавање бубрежни камчиња. Докажано е дека умерен внес на калциум преку храната или водата спречува создавање на бубрежни каменчиња. Затоа слободно пијте вода каде и да сте.
- Честопати се сеќавам на една шега што пред неколку години ми ја упати мојот драг и почитуван учител, академик проф. д-р В.Серафимов - гастроентеролог: „Колку многу знаете Вие нефролозите! Учите за еден орган, а знаете за два!“ Да, навистина така е, бубрезите се парен орган и се неделив фактор од совршенството на природата - човечкиот организам. Јас оваа луцидност на мојот професор ја сфатив сериозно и се' уште континуирано учам и се дообразувам со една единствена цел - да им помогнам на пациентите, заврши д-р Стојковски.
„Диамед“
Во специјалната болница по нефрологија и дијализа „Диамед“ во Скопје покрај хемодијализа, функционира и амбулантно-поликлинички дел со современа еходијагностика, лабораторија и дневна болница со широка палета на интервентно-дијагностички и терапевтски постапки од областа на нефрологијата и интерната медицина. Основниот концепт на СБ „Диамед“ е индивидуален и рационален пристап кон секој пациент. Во составот на болницата работи и Центар за бубрежна болка во кој за кратко време се добива дијагноза, а може да се изврши и анализа на измокрен бубрежен камен, да се одреди неговиот состав и да се препише соодветна терапија и режим на исхрана. Во решавањето на една од најчестите состојби, покачениот крвен притисок се пристапува со лекови и со советувалиште за пациентите за промена на стилот на живеење и на исхраната. Во составот на лабораториските анализи има можност преку анализа на урината успешно да се лекуваат хронични уринарни инфекции, а за пациентите со напредната хронична бубрежна болест се изведува посебна нефрокардиолошка проценка за ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Совети
„Јас пијам негазирана вода“, вели д-р Стојковски. „Таа е поздрава и полесна за пиење. Ги препорачувам олигоминералните и оние со соодветна содржина на калциум и магнезиум. Доколку, сепак, сакате газирана или како што кај нас најчесто се вика - кисела вода, водилка треба да ви бидат индивидуалните потреби, вашите навики во исхраната, ризикот од создавање бубрежни камчиња или присуство на други заболувања. Во овој случај би советувал да се консумираат газирани бикарбонатни (а не кисели) води со умерено количество калциум и магнезиум како најдобра превенција од создавање бубрежни каменчиња.
Би упатил четири „свети“ препораки до ризична група на болни, а кои, всушност, се однесуваат на сите граѓани - одржувајте го крвниот притисок на вредности од најмногу 130/85, пациентите со шеќерна болест мора да водат строга контрола на нивото на шеќер во крвта, одржувајте ги маснотиите (триглицеридите и холестеролот) во крвта во нормала и прекинете со пушењето“. |