16.04.2012, 14:51 Коњановски и Димовски - ривали или усогласен тим

Министерот за земјоделство, социјалистот Димовски, во сенка на својот заменик од ВМРО-ДПМНЕ
Сања Наумовска
Македонските земјоделци, но и медиумите многу почесто го гледаат заменик- министерот за земјоделство Зоран Коњановски отколку неговиот шеф Љупчо Димовски. Додека актуелната Влада има неколку министри кои буквално секојдневно се присутни во јавноста и преку медиумите ги промовираат своите активности, нивните втори луѓе речиси постојано се во нивна сенка. Иако се именувани пред речиси 10 месеци, на добар дел од замениците по министерствата ретко им го гледаме ликот, а јавноста не им ги знае ниту имињата. Главната улога во промовирањето на работата на ресорите го имаат министрите, кои тешко се откажуваат од задоволството, и покрај многубројните обврски, да бидат присутни во медиумите и меѓу граѓаните.
За разлика од своите пасивни колеги, Коњановски е еден од најактивните заменици, кој на терен поминува можеби повеќе време и од министрите во Владата. Речиси секојдневно е присутен во некои од земјоделските региони низ државата, иако во почетокот беше забележливо дека најмногу сака да се дружи со производителите од родниот битолски крај.
Во Министерството за земјоделство велат дека зад оваа практика не се крие двојна политика, министерување во сенка, ниту пак ривалитет меѓу министерот кој е кадар на Социјалистичката партија и заменикот од ВМРО- ДПМНЕ. Земјоделството е една од најважните сектори со голем извозен потенцијал, кое се наоѓа високо на листите на приоритети на двете партии. Доделувањето на субвенции од државниот буџет во последните години слева огромни суми пари во овој сектор, а се почнаа и поголем број на проекти.
Појавувањето на различни места и настани на Димовски и Коњановски било меѓусебен договор меѓу првите луѓе на земјоделство, кој се правел секое утро. „Зошто би оделе двајцата заедно, кога вака можат да постигнат повеќе и да бидат поефикасни“, со вакво контрапрашање реагираа од министерството, објаснувајќи ја практиката на министерот и неговиот заменик. И двајцата, велат наши извори, спроведуваат иста политика во земјоделството, со истите цели. Појавувањето на различни места во различно време е само од практични причини, да се реализираат што повеќе од проектите.
Министерот почесто има обврски во Владата, на комисиите или во Економскиот совет, а заменикот повеќе е присутен на дневните настани врзани со земјоделските активности, почесто е на терен да ги слушне проблемите на производителите, а е активен и во соработката со нивните здруженија. Се случува, но поретко, велат во министерството, заменикот да ги извршува административните обврски, а министерот да се дружи со земјоделците или, пак, двајцата заедно да се сретнат со лозарите во Кавадаречко или со градинарите од Струмичко. „На огромниот спектар на активности кои влегуваат во земјоделскиот ресор му е неопходен активен заменик-министер каков што е Коњановски“, коментираат негови колеги од министерството, кои ја отфрлаат можноста на тој начин да го фрли во сенка својот шеф Димовски. |