Mакедонски работи
Македонија полека се престрашува
Манчо Митевски
Падна фамата за чесност, работливост и борба за името на власта
Преродбениците во својата немоќ и параноја - со своевидниот полициски упад/удар во Собранието и со апсењето на мажите од битолското земјоделско семејство Илиевски за, наводно, одгледување див коноп на меѓата од нивната нива - сами си испукаа куршум в нозе! Отпуштањето неподобни новинари во Канал 5 е капак! По овие парадигматични случаи, по секојдневните афери во кои во фокусот се претставници на власта, и особено по големиот митинг на опозицијата, се' поголеми групации се ослободуваат од оковите на четиригодишниот страв потхрануван со Орвеловите методи што ги практикува оваа, неспособна и недемократска, но прилично мускулеста и арогантна владејачка структура. Стравот во Македонија полека го напушта досегашниот сопственик - граѓаните и се префрла кај новиот стопан - власта. Граѓаните се' повеќе се престрашуваат и се окуражуваат, а власта е се' поуплашена за својата иднина.
Еден месец по победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, летото 2006 година, додека се' уште се вршеа консултациите за новата влада, гледајќи како се преговара со ДУИ, напишав дека партијата и нејзините лидери поседуваат скромен демократски капацитет. За констатацијата добив критики од партиските војници на сајтот на „Утрински“. Сега, точно четири години оттогаш кога ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски ја раситнија петтата година од своето владеење, состојбите во државата и во партијата со цел милион докази ја потврдија мојата тогашна теза и покажаа дека и како власт, и како партија и како персонална структура се далеку од демократија. Уште подалеку се од потребата како владејачка партија и елита да генерираат демократски процеси и амбиент за слободна мисла и дијалог во државата и во партијата. Ова ќе го поткрепам - не со измислени аргументи - туку со цитати од образложенијата на високи државни и партиски функционери кога поднесуваа оставки. Оставките и посебно аргументациите на министрите и на другите државни функционери најмногу говорат за системот и за менталитетот на власта, а наедно претставуваат несоборливи, докази без пардон, бидејќи се изведени однатре.
Ногата на овој процес ја повлече Ивица Боцевски, вицепремиер за евроинтеграции, еден од најзаслужните за визната либерализација, кој единствен го држеше во движење евроинтеграцискиот процес во Владата на Груевски. Пред повеќе од една година поднесе оставка, која сама за себе многу говори: „Мојот придонес во актуелната Влада веќе е целосно исцрпен и затоа Ве известувам дека поднесувам неотповиклива оставка...“ Оставката ја дообјасни Перо Димшоски, првиот соработник на Боцевски во Секретаријатот за евроинтеграции: „Доскорешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, си замина зашто направи колку што можеше да направи, колку што му се даде да сработи“. Притоа, Димшоски даде и свој коментар, кој ја откри суштината на проблемот: „На Македонија не и' треба вицепремиер, туку премиер за Европа“! Поради тоа беше разрешен од функцијата државен секретар за евроинтеграции.
Според тежината на укажаниот проблем, значајни се наводите во оставката на Ване Цветанов, директор на Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам. „Оставката ја поднесов поради лицемерната политика и незаинтересираноста за борба со вистинскиот криминал од страна на Владата, а особено на премиерот Никола Груевски“. Цветанов наведува дека стапил на функцијата за да се бори со вистинскиот криминал, кој ги задушува и стопанството и народот, но, „веројатно застанав на многу патишта, па ме снајде состојбава“. Кај Цветанов има уште една финеса: „Им се извинувам на сите пријатели, роднини и познајници, кои како и јас, верувајќи Ви, сум ги довел во заблуда да го дадат својот глас за вас“, (според изборниот принцип на ВМРО-ДПМНЕ - еден оди сто води! м.з.), му се обрати Цветанов на Груевски.
„Не сакам да бидам дел од овој тим, од оваа погубна политика и систем...“, изјави Дејан Гацов, кој до давањето на оваа изјава, беше портпарол на Фондот за здравство. „Сите реформски одлуки што го доведоа здравството до ова дереџе, според Гацов, се донесени и се спроведени со директен диктат на Никола Груевски и на Мартин Протоѓер“. Контекстот на индикативни укажувања ќе го заокружам со Трајко Славески, ексминистер за финансии, кој не сакаше сам да си поднесе оставка, но при разрешувањето, смогна храброст и ја призна катастрофалната економска состојба во државата, барајќи ребаланс на буџетот веднаш зашто во септември (лани м.з.) ќе било доцна.
Власта на ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на последните два изборни циклуса сурфајќи на доблестите - чесност, работливост и одбрана на името. Сега, по четири години, кога се сведуваат билансите, се доаѓа до неспорната вистина дека сето тоа било привид. Падна фамата за чесност, бидејќи во прв план се парите, па интересите - партиските и личните, а на крајот интересите на државата и граѓаните. Падна фамата за работливост. Точно е дека постојано се во движење, но најголемиот дел од тоа движење е в место. Она што се гради е фасадно, непродуктивно и за овој кризен стадиум за државата непотребно. Наскоро ќе падне и фамата за одбрана на името, бидејќи ќе има компромис, па макар бил покриен со референдум.
Состојбите во државата и она на што укажуваат оставките на високите државни и партиски функционери го покажуваат, прво, заедничкиот именител на проблемите - Никола Груевски и, второ, дека не е остварен ниту еден од петте врвни приоритети од „Програмата во 100 чекори“. Македонија во ноември ќе наполни точно 5 години чекање во чекалницата на ЕУ со кандидатски статус, а 2,5 во НАТО. Економијата е околу нулата, а стагнираат и високата невработеност и сиромаштијата. Се води лоша фискална и буџетска политика, се трошат пари наместо за развој, за споменици со кои се велича некое далечно минато, а со тоа се задолжуваат многу идни генерации. Се фингира борба со организираниот криминал на ситно и, главно, против политички неистомисленици. Меѓунационалните односи се нарушени, бидејќи станаа поле за политичко-профитно пазарење во владејачката коалиција. Со државата наместо институциите, раководи мала и затворена партиска елита, роднински поврзана, со воена организација и менталитет - генерал, аѓутант и штаб - се' друго е војска.
Ако еден граѓанин каже дека владејачката врхушка е проблем - нема проблем! Ако стотина или илјада тврдат исто - пак нема проблем! Ако тоа го кажува стручната јавност, опозицијата, ако го констатираат цели групации, странците, ако го тврдат штотуку отидени и сменети од власта и од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш има проблем! Проблем е самата власт! Впрочем, неодамна во анкета на ИРИ речиси половина од анкетираните кажаа дека Македонија се движи во погрешна насока (45 отсто), а Владата нема план за излез од кризата (49 отсто). Работите се се' појасни и поизвесни. |