Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Економија
03.11.2011, 18:47

Кај Иловица ќе никне голем рудник за бакар и за злато

Мостри од рудата во Иловица се испитувани во Софија, во најсофистицирана лабораторија за метали

Иван Бојаџиски



Штип – Седумгодишните истражување во атарот на селото Иловица во општината Босилово покажаа дека во блиска иднина овде ќе никне еден од најголемите рудници за бакар и злато во Југоисточна Европа. Во поголемиот дел од вкупно 28 дупчења, од кои најдлабокото е близу 650 метри, утврдени се рудни резерви на бакар и злато кои, согласно со содржините на металите во рудата и нивната континуирано растечка цена на светската берза на метали, се мошне погодни за економска експлоатација.

Канадската компанија „Еуромакс“, која ги врши истражувањата, неодамна го објави извештајот со резултатите од една мала и две средно длабоки дупки. Од компанијата најавуваат дека до крајот на годината ќе ги објават и резултатите од најдлабоката дупка од 635 метри, на која работите неодамна се завршени и чии резултати, во домашните рударски кругови, се очекуваат со најголем интерес. На три дупчења со длабочина од 345, па се' до 545 метри, на разни нивоа во нив, според објавените резултати, содржината на бакарот се движи од 0,19 до 0,30 проценти по тон руда, а на златото од 0,20 до 0,45 грама по тон руда. Овие содржини се побогати и повеќе ветувачки ако се споредат со содржините на бакар и злато кои се експлоатираат во „Бучим“, единствениот рудник за вакви метали во Македонија. Во овој рудник од тон руда се добиваат 0,22 проценти бакар и 0,22 грама злато. Покрај овие поволности, локалитетот Иловица по количината на рудата, која засега официјално не се објавува, но за која во научните кругови кај нас се говори како за исклучителна големина, би требало да биде еден од најголемите рудни наоѓалишта за бакар и за злато во Југоисточна Европа.

Мостри од рудата во Иловица се испитувани во главниот град на Бугарија, Софија, во најсофистицирана лабораторија за метали, каде што испитувањата се вршени според меѓународно прифатени методи и процедури. Процесот бил надгледуван од д-р Роџер Мос, квалификувано лице за Иловица, кој потврдил дека испитувањата биле извршени во согласност со најдобрите познати практики во светот за ваков вид испитувања на квалитетот и содржината на металите.

Во однос на доистражувањата на Иловица, од „Еуромакс“ најавуваат соработка со некоја позната светска рударска компанија, а во план е во оптимален рок од 90 дена да се изврши дупчење на уште неколку локации на Иловица во вкупна длабочина од 10.000 метри, процес во кој партнерот ќе треба да вложи три милиони евра. Поради утврдените квантитативни и квалитативни капацитети на Иловица, се цени дека повеќе светски рударски компании ќе покажат интересирање за ова истражување. Д-р Квинтон Хениг, технички советник на канадската компанија, вели дека тие се задоволни од добрите резултати на Иловица и дека се надева на решавање на сопственичките интереси во овој проект.

Рударски експерти од Источниот регион во кој се сконцентрирани најголемите македонски рудници „Саса“, „Злетово“,„Бучим“ и „Тораница“ вчера не беа расположени да ги коментираат утврдените параметри на Иловица. Од сите добивме одговор дека е тоа процес што го води странска компанија и дека не би било фер, онака неповикани, да се мешаат во нивниот бизнис во рударството. Сепак, дел од нив ни рекоа дека јавно објавените содржини на металите бакар и злато во рудата се на средно ниво, но оптимизмот дека тие содржини ќе бидат и повисоки го влева фактот дека во подолните слоеви на локалитетот Иловица може да се очекуваат зголемени вредности на бакарот и на златото.

Инаку, процените на светските експерти за металите и нивната употреба во светската економија се дека бакарот и златото, покрај оловото и цинкот, ќе бидат се' побарани на нашата планета. На светскиот конгрес на стопанските комори одржан уште во 2004 година во Бразил, беше најавена зголемена побарувачка на метали, а со тоа и нивни повисоки цени. На тој конгрес беше точно предвидено дека бакарот во тековната година ќе достигне цена од 10.000 долари по тон, а беше погодена и берзанската цена на златото. Светските експерти прогнозираат дека во 2017 година бакарот ќе има цена од 17.000 долари по тон и дека цената на златото, со секоја тековна година, постојано ќе се зголемува.


Статијата е прочитана 2807 пати.


Испрати коментар



Мегабуџет за пруги и патишта - кој ќе го издржи?
Повисоки плати и пензии пред избори во 2013
Донираните органи спасуваат живот
Посебна лента за товарни возила



Petar, 04.11.2011 08:47:40
super za strumickiot region!
Tina, 04.11.2011 12:02:12
Samo napred zlatni moji, ....i bakarni?
Еколог, 04.11.2011 12:29:10
Знаете ли како се добива злато? Со еден од најголемите отрови, со цијанид. Се сеќавате ли на поморот на реката Тиса во Румунија? Ако се отвори овој рудник, никој нема веќе да купува зеленчук од Струмица!
XX, 04.11.2011 12:54:50
Јас колку што знам Иловица е струмичко село, од каде Штип?
Рудар, 04.11.2011 18:37:23
@ Еколог: немој да шириш невистини кога појма немаш од оваа струка. Рудата на Иловица ќе се преработува до концентрат на бакар, а понатамошната преработка ќе се врши во топилнички постројки надвор од земјата. Зеленчукот во Струмица ќе биде со ист квалитет како што е и сега!

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

    


Site Meter


Време
Скопје, 29°C

Делумно облачно

Сабота
Ведро
Макс: 29°C, Мин: 13°C

Недела
Сончево
Макс: 31°C, Мин: 14°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Вкусен агол
Каде се пресели ВМРО-ДПМНЕ?
Новата (привремена) адреса на ВМРО-ДПМНЕ е меѓу населбите Капиштец и Козле, кај зградата на „Бетон“, во близина на Минис...
(ВИДЕО) Сто најдобри песни според „Ролингстоун“

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |