25.02.2007, 21:56 Фељтон: МАРА БУНЕВА
Обвинетите македонски студенти ги бранел Анте Павелиќ

Која е контроверзната тетовка што ја слават Бугарите? (3)
ВИКТОР ЦВЕТАНОСКИ
На атентатот што го изврши Мара Бунева врз Прелиќ му претходел голем судски процес на 20 македонски студенти во Скопје, кој побудил големо интересирање кај европската јавност. Судените биле членови на Македонската младинска тајна револуционерна организација, основана во 1923 година во Виена. Таа имала своја мрежа во Берлин, Грац, Лајпциг, Прага и Париз каде што студирале македонски студенти. Истовремено, свои јадра создала и во Македонија - во Скопје, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Крушево, Ресен, Крива Паланка, Куманово, Кратово, Берово, Струмица, Тетово, Радовиш и Неготино. Организатор на ММТРО бил Иван Бојаџиев од Велес, кој студирал во Виена.
ВМРО на Ванчо Михајлов ќе се обиде судскиот процес да го искористи за свои цели, настојувајќи студентите да ги прикаже како Бугари, дека се борат за бугарската кауза. Организацијата на Михајлов дури ја плаќала и одбраната, а од Загреб специјално дошол да ги брани тогаш познатиот адвокат Анте Павелиќ, кој подоцна ќе стане поглавник на Независна држава на Хрватите, која за време на Втората светска војна застанала на страната на нацистичка Германија. Михајлов со него подоцна ќе стане голем пријател.
Од студентите членови на ММТРО, прв бил уапсен Димитар Ѓузелов, на 29 мај 1927 година, а потоа и другите. Судењето започнало на 15 ноември 1927 година и траело само неколку дена. Тоа побудило големо интересирање и за него пишувале сите поголеми европски весници. Пресудите биле изречени на 10 декември 1927 година. Деветмина од нив биле осудена на казна затвор - Димитар Ѓузелов од Дојран и Иван Шопов од Гевгелија на по 20 години строг затвор, Димитар Нацев од Струмица на 15, Димитар Чкатров од Прилеп на 10 години. На петмина од нив - Харалампие Фукаров, студент на Машински факултет во Белград, Тодор Гичев од Штип, Борис Андреев од Велес, Штерјо Баздов од Крушево и Борис Светиев од Битола им е изречена казна од по пет години затвор. Другите единаесетмина: Петар Хаџипанзов, Георги Хаџиманов, двајцата од Велес, Јордан Сапунџиев од Дојран, Кирил Вангелов, Христо Хаџикимов, Благој Манев, Тодор Христов, Страхил Иванов, Кирил Караџов, сите од Штип, биле ослободени.
ВМРО на Михајлов ќе настојува организацијата на младите македoнски студент да ја стави под своја контрола, за што ќе се одржат и неколку средби со претставници на ММТРО. Но, тие ќе завршат без успех. Кирил Прличев, кој присуствувал на нив, во спомените објавени во Софија ќе напише: „Младите од Македонија се плашеа од права и не прифаќаа задолженија. Тие настојува да се одложи една година правото и задолжението за влегување во редовите на ВМРО по завршувањето на образованието“.
„Ваквиот крај на разговорите меѓу претставниците на ЦК на михајловистичката ВМРО, во кои последните не се согласиле да станат дел од механизмот на михајловистичката ВМРО и на нејзините шпионски и терористички методи, ја решил и иднината на ММТРО во вардарскиот дел на Македонија“, тврди академик Иван Катарџиев. Тој подвлекува, кога во ВМРО сфатиле дека кај членовите на ММТРО постои бескомпромисна определба за самостојно и независно дејствување од ВМРО, довело до идејата за предавство на членовите на ММТРО. „Предавството, се сметало, би имало поголем пропаганден ефект отколку што би можело тоа да се постигне со дејност која не се вклопувала во шемата на активностите на ВМРО. Од експлицитното тврдење на Кирил Караџов од Штип, член на ММТРО и еден од притворените студенти, сугестијата за предавство потекнала од членовите на Задграничното претставништво, Георги Баждаров и Кирил Прличев, по средбата на планината Влаина. Тие на еден од делегатите од ММТРО во Горна Џумаја му порачале „да ги смират другарите што се бунат, во спротивно да инсценираат предавство“, пишува академик Катарџиев во Историјата на македонскиот народ.
Како што подвлекува македонскиот историчар, студентите со своите изјави пред судот не ги задоволиле желбите на големобугарската пропаганда, која очекувала да се определат како Бугари. Тие се претставиле како Југословени. „Подобро ќе беше во врска со тоа да ги послушаа сугестиите, кои на соодветен начин им беа давани: тврдо пред судот да држат дека се Бугари. Тоа ќе беше најважниот и фактички поубиствен удар против Србите“, пишува весникот „Македонија“, кој бил под контрола на Михајлов. Барањата упатени до затворените студенти да се изјаснат дека се Бугари биле доставени од ВМРО, преку затвореникот Димитар Шалев, член на местен комитет на ВМРО во Скопје.
„Ваквата непослушност на студентите некои во Бугарија не им ја заборавиле. Четиринаесет години подоцна (1941), во една анализа на бугарската окупаторска власт, во врска со тоа е забележано: ’Дури и оние што од организацијата добивале пари, не се изјасниле за Бугари. Сите обвинети на судењето својата активност ја претставувале врз југословенска основа’. Но независно од тоа, се вели во анализата, бугарскиот печат со сите сили се трудел судењето да го претстави како манифестација на бугарскиот дух, иако ’обвинетите ниту збор не спомнале за Бугарија’. Наспроти тоа, во својата одбрана некои од обвинетите истакнале дека ММТРО во вардарскиот дел на Македонија се залагала за легална културна и политичка активност во државата. Тие ја обвинувале власта за денационализација и асимилација на македонскиот етнос. Ѓузелов во својот говор категорично констатирал дека планот на српската власт во областите на културата и политиката што се спроведувал во Македонија народот ’не може да го прифати зашто тој не се потпира на традицијата на тие луѓе’. ’Не може, рекол тој, ’од Македонците кои немаат права само да се бара да ги исполнуваат своите обврски. Власта мисли со еден удар да го откорне месното македонско сознание’“, пишува академик Катарџиев.
Македонскиот историчар смета дека судскиот процес на студентите во Скопје практично го означил и почетокот на крајот на ММТРО во Македонија, ММТРО доживеала два странични удара: едниот од српската власт, другиот од михајловистичката ВМРО. Убиството на Александар Протогеров на 7 јули 1928 година, по наредба на Иван Михајлов, повторно ги активирало споровите и несогласувањата меѓу дел од членовите што биле уапсени. Иван Бојаџиев и неговите пријатели повторно ја истакнале потребата од самостојна организација во Македонија, на која и' е туѓ тероризмот. Бојаџиев својата желба нема да ја оствари. Во Виена се нашол во тешка материјална положба, без средства за живот. Заболел од туберкулоза на коските и починал набргу потоа, пролетта 1930 година.
„Тоа практично било и крај на ММТРО во вардарскиот дел на Македонија или поточно крај на оној дел од неговите членови кои се залагале за самостојна и независна асоцијација на македонската интелигенција. Еден незначителен број студенти, како што се Коста Црнушанов и Тома Петров, што останале верни на ВМРО, ја продолжиле својата дејност надвор од Македонија. Според Кирил Прличев, Коста Црнушанов по судскиот процес преку Унгарија пребегал во Софија. „..Но, не за да се врати во Македонија, па да пополни едно од испразнетите места на обезглавената ММТРО, туку за да се најде на високо место во Михајловата ВМРО во странство“.
„За цело време на Кралството Југославија живите приврзаници на Иван Бојаџиев настојувале да го зачуваат својот македонски политички интегритет. Тие одржувале контакти со прогресивните сили на македонското национално и револуционерно движење и во текот на Втората светска војна се вклучиле во ослободителната војна на македонскиот народ. Оние што му останале верни на ВМРО во текот на војната се ставиле во служба на бугарската окупаторска власт во Македонија“, заклучува Катарџиев.
Ликвидирани повеќе членови на ММТРО
Членот на ММТРО, Коста Црнушанов, кој се ставил на страната на ванчомихајловистичката ВМРО, почина пред десетина години во Софија и до крајот на животот остана на бугарски позиции. Тој детално пишува за скопскиот судски процес и за репресиите што ги вршеле српските власти по завршување на судскиот процес. „Два дена откако беше произнесена пресудата во Скопје, на улица во Струмица беше застрелан членот на ММТРО Томе Кујунџиев. На 29 декември истата година во Неготино, во раните зори, беше застрелан младинецот Георги Ангушев, исто така, член на ММТРО“, пишува Црнушанов. Еден месец подоцна, во Тетово бил убиен и адвокатот Борис Андрејчин, есента 1928 година на железничката станица Јесенице во Словенија бил ликвидиран Кирил Ципушев од Радовиш, исто така, член на младинската организација. Наредната година во подрумот на полициската станица во Штип бил убиен Благој Монев, еден од тие што биле ослободени на судскиот процес. „Подоцна во Дојран беше застрелан низ прозорецот на неговата спална младинецот Кољо Чакаров, исто активист на ММТРО, а во текот на декември 1931 година во Гевгелија е убиен Трајко Попов, исто така, член на ММТРО, заедно со татко му Теохар Попов и неговиот другар Илија Димов, исто така, член на младинската организација“, пишува Црнушанов.
(Продолжува) |