Шопинг-молот на Израелците пропадна в земја

Нема ни трага од „Газит глоуб“ на местото на поранешната фабрика „Алумина“
Деспина Трајковска
Наместо висококатници ексклузивен шопинг-мол на местото на поранешната фабрика „Алумина“, се' уште има само остатоци од некогашниот фабрички гигант. Ниту на повидок не е почетокот на градбата на предвидениот израелски проектот „Џимол“ вреден стотина милиони евра. Иако овој проект уште лани амбициозно беше најавен од Владата и од израелската компанија „Газит глоуб“, а Општина Карпош по брза постапка го донесе урбанистичкиот план, нема трага од шопинг-центарот и од другите предвидени содржини. Од Општина Карпош, на чија сметка од овој проект се очекува да се слеат илјадници евра комуналии, велат дека Израелците како да пропаднале в земја.
„Израелците никаде ги нема. Заедно со Владата бараа од нас што побрзо да го донесеме урбанистичкиот план, божем се' е подготвено да се почне да се гради. Претставници на фирмата дојдоа кај нас во март со најава дека најдоцна до јуни ќе го достават идејниот проект за да ја започнат постапката за добивање градежна дозвола. Но, еве поминаа и јуни и јули, а од нив ни трага ни глас. Како што тргнала работава, и израелскиот трговски центар ќе биде една од неуспешните странски инвестиции што ги промовира Владата, речиси идентичен случај како со проектите миниград на Зајчев Рид и етносело кај Нерези“, вели Стевче Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош. Тој посочува дека во врска со овој случај немал никакви информации од Владата, која овој проектот го посочуваше како една од големите странски инвестиции во државава.
Каде запнал проектот, неодамна не одговорија ниту од Агенцијата за странски инвестиции, која беше вклучена во неговата промоција. Од Агенцијата посочија дека „Газит глоуб“ е приватна компанија, која е сопственик на предметното земјиште, па од тие причини за сите детали одговорни биле Израелците. Нивните претставници, пак, во државава вчера не беа достапни за коментар.
Останува нејасно зошто „Газит глоуб“ не започнува да го реализира проектот кога веќе е сопственик на градежната парцела, а и урбанистичкиот план овозможува изградба на предвидените содржини.
Инаку според пезентираниот проект, на местото на фабриката „Алумина“е планирано да се изградат неколку висококатници, трговски центар, киносали и други забавни содржини. Предвидено е подземно паркирање за потребите на комплексот, како и изградба на сервисни улици и сервисен крак на улицата „Теодосиј Гологанов“ како еден од главните пристапи. Израелците станаа сопственици на земјиштето лани за 22 милиона евра и тогаш најавија дека почетната инвестиција ќе биде тешка до 120 милиони евра. Компанијата „Газит глоуб“ досега инвестирала во шопинг-центри во САД, Бразил, Индија, Бугарија и во Турција. |