05.02.2013, 17:26 Посилни со витаминот Ц

Овој витамин не ја спречува настинката во целост, но придонесува за јакнење на природните одбранбени способности на организмот
Природни извори
Витаминот Ц не се произведува во организмот, туку мора да го земаме преку храната. Најмногу го има во овошјето и зеленчукот, а најбогати со витамин Ц се пиперката, магдоносот, брокулата, кељот, јагодите, агрумите (особено лимонот и портокалот), спанаќот, репката, ананасот, кивито, компирот, доматот, праската
Витаминот Ц или аскорбинската киселина е дел од нашиот секојдневен живот. Знаеме дека е вклучен во многубројни процеси на организмот и дека ја зајакнува природната одбрана од болести, стрес и замор. Но, ако го земаме во прекумерни количества, може ли да штети?
Или, колкава дневна доза му е неопходна на организмот?
Потребите за витамин Ц и неговото поднесување се разликуваат од личност до личност. Витаминот Ц се топи во вода и евентуалниот вишок организмот го отфрла преку мочта. Во секој случај, препорачлива дневна количина во човечката исхрана е:
- за деца до девет години од 35 до 40 мг
- за над 10 години, од 50 до 60 мг
- за трудници, приближно 70 мг
- во текот на доењето 90 мг
Сепак, има периоди кога потребите од овој витамин се зголемени. Тоа е во следниве случаи.
- На пушачите им е потребно 40 отсто повеќе витамини Ц отколку на непушачите.
- На луѓето од метрополите, кои секојдневно се изложени на смог, им е потребно повеќе витамин Ц, приближно 200 мг, или половина литар свеж сок од портокал. Витаминот Ц заштитува од загадување, затоа што се врзува на оловото, што влегува во организмот кога го вдишуваме од автомобилските издувни гасови и го поттикнува нивното исфрлање преку мочта.
- Во бременоста и во текот на доењето потребата за аскорбинска киселина е зголемена, па затоа трудниците би требало да внесуваат 20, а доилките 40 мг повеќе дневно.
- Лицата кои редовно се занимаваат со спорт имаат зголемена потреба од витамин Ц.
- Би било добро да се зголеми дневната количина на витаминот Ц и пред хируршки зафати, или во случај на изгореници и воспаленија, зашто аскорбинската киселина го поттикнува создавањето колаген и клеточна мембрана.
Пушачите имаат поголема потреба од витамин Ц
Пушењето значително го намалува ни
вото на витамин Ц во крвта. На пример, на лицето што ќе испуши една кутија цигари дневно му се потребни 40 отсто повеќе витамин Ц отколку на непушач.
И алкохолот го менува нивото на витамин Ц, бидејќи ја спречува неговата апсорпција. Значи, и оние склони кон уживање во алкохол треба да земаат поголеми количества витамин Ц преку храната.
Дали навистина го забавува стареењето?
Витаминот Ц има антиоксидантно дејство, што значи дека го спречува дејствувањето на слободните радикали, нестабилните клетки што ги оштетуваат околните ткива. Слободните радикали непосредно се вклучени во процесот на стареење на кожата и организмот, зашто ги „напаѓаат“ блиските клетки, предизвикувајќи верижна реакција. Еден од начините на којшто организмот успева да се одбрани од слободните радикали е токму внесувањето на витамините Е, Ц и А (и во форма на бета-каротин).
За што служи?
Неопходен е за создавање колаген и обновување на ткивото по повреди. Ги одржува забите, забното месо и крвните садови здрави. Ја олеснува апсорпцијата на железото во цревата. Дејствува како антиоксиданс, зашто го неутрализира дејството на слободните радикали. Го заштитува витаминот Е и фолната киселина од оксидација. Неопходен е за асимилација на другите материи неопходни за организмот, како што се калциумот, фениланилинот и другите. Учествува во искористувањето на јаглехидратите, во синтезата на маснотиите и белковините. Го одржува здравјето на природниот одбранбен систем.
Дали навистина ја спречува настинката?
Витаминот Ц може да го намали траењето и интензитетот на настинката. Во текот на настинката, залихите од витамин Ц брзо се трошат, зашто тој е присутен во белите крвни зрнца, чиешто производство е значително зголемено за време на настинката. Затоа треба да се надомести со зголемено внесување, приближно 2 грама на ден.
Освен тоа, аскорбинската киселина го поттикнува производството на интерферон, природна состојка што го зајакнува организмот против напади однадвор. Витаминот Ц го зајакнува дејствувањето на белите крвни зрнца, чијашто задача е да ги бранат од тие напади, произведувајќи антитела.
Витаминот Ц не ја лекува настинката, ниту ја спречува во целост, но придонесува за јакнење на природните одбранбени способности на организмот.
Како да знаеме дека ни недостига витамин Ц?
Замор, раздразливост, несоница, зголемена чувствителност на заразни болести, отежнато зараснување на рани – тоа се последица од долготраен недостаток на витамин Ц. Најчестата болест предизвикана со недостаток на аскорбинска киселина е скорбут.
Штети ли премногу витамин Ц?
Врежано е мислењето дека витаминот Ц може само да користи. Но, стручњаците не се согласуваат со тоа. Докажано е дека многу високи количества витамин Ц (од 10 до 20 отсто повеќе од просечните) не дејствуваат позитивно. Повеќе аскорбинска киселина се отстранува од организмот, значи бескорисна е, а според некои нутриционисти може да биде и штетна.
Вишокот витамин Ц, на пример, може да предизвика пречки како што се мачнина и дијареја. Вишокот аскорбинска киселина се лачи преку мочта: според најновите научни истражувања, прекумерните колични не го зголемуваат ризикот од бубрежни камења. Сепак, на лицата со бубрежни болести им се советува да не ги надминуваат пропишаните количини витамин Ц.
Другиот можен ризик е поврзан со неговото антиоксидантно дејство. Во нормални количества, витаминот Ц го намалува дејството на слободните радикали, но во количество значително поголемо од нормалното, го засилува нивниот развој .
Витаминот Ц ја олеснува апсорпцијата на железото, што е добро за повеќето луѓе. Но, некои лица, поточно 10 отсто од белците, се раѓаат со гени што предизвикуваат засилена апсорпција на железо. Според некои научни истражувања, за таквите лица, долготрајното земање прекумерни количества витамин Ц може да биде многу опасно. Но, станува збор за многу високи дози, приближно 500 мг дневно, во текот на подолг период.
Улогата на аскорбинската киселина во превенција на тумори
Се' уште не е со сигурност докажано, но витаминот Ц штити од некои видови тумор. Аскорбинската киселина го спречува создавањето на нитрозаминот, токсична материја од нитритите, присутни во некои продукти, што можат да го поттикнат создавањето на туморите.
Според некои истражувања, зачестеноста на туморот на дебелото црево и желудникот е намалена кај луѓето кои секојдневно консумираат храна богата со витамин Ц. Други истражувања зборуваат дека овој витамин ја намалува опасноста од тумор на белите дробови. Но, не постојат научни докази за негово превентивно дејствување.
Дејствува ли витаминот Ц на некои лекови?
Да, аскорбинската киселина меѓусебно дејствува со некои фармаколошки материи. Може да се намали или зголеми ефектот на лековите, а лековите може да влијаат на дејството на витаминот врз организмот. На пример:
- со орални антикоагуланти го намалува нивното дејство;
- со барбитурати: го зголемува нивното дејство, но го намалува ефектот на витаминот;
- со апчиња за контрацепција: се намалува дејството на витаминот Ц;
- со аспирин: се намалува ефектот на витаминот Ц. |