Број 3376  понеделник, 06 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Секој од уредниците на весникот во период од 14 дена одговара на вашите прашања поврзани со областа што ја покрива. Доколку имате сугестии за одредени уредници �� новинари кои би требало да се појават во оваа рубрика, испратeте го својот и-мејл на prasajgoutrinski@utrinski.com.mk. Анонимните прашања не се земаат предвид.

 

 

 

Нина Нинеска-Фиданоска

Уредничката на Економската рубрика во „Утрински весник“, одговара на вашите прашања од 12 август. Прашањата може да ги поставувате на prasajgoutrinski@utrinski.com.mk

 

 

 

Нина Нинеска-Фиданоска е уредник на економска рубрика во „Утрински весник“ од јануари 2008 година. Во оваа редакција работи од нејзиното основање во јуни 1999 година. Претходно има тригодишно искуство во дневниот весник „Вечер“, како новинар во економската рубрика, каде што, главно, работеше на теми од областа на макроекономската политика, банкарството, берзанското работење... Има дипломирано економија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

 

Прашања и одговори:

Прашање: Ме интересира дали воопшто ќе биде објавен конкурс за стипендии за постдипломци од универзитетите во државата. Не можеме да дознаеме кога ќе биде објавен, дали воопшто се предвидени средства од буџетот за овие стипендии. Ќе ви бидеме благодарни доколку би можеле да ни дадете некаква информација на оваа тема.

Катерина Ѓоргиевска, Битола

Одговор: Според мои информации, со донесувањето на новиот Закон за високо образование донесени се и нови правилници со кои се регулира стипендирањето. Според нив, конкурсот ќе биде објавен со почетокот на академската година, односно моите извори велат дека треба да се очекува во октомври оваа година.

 

Прашање: Дали имате податоци и дали може да ми кажете: кој човек во Македонија има најголем капитал? Колку му изнесува капиталот? Со каков бизнис се занимавал во својот работен век? Поздрав

Н. Стоилов

Одговор: Во Македонија едноставно не постои релевантна институција и релевантни методи според кои би се правеле листи на најбогати луѓе во земјава. Токму и затоа се плашам дека не би можела да ви одговорам категорично на вашите прашања како што ми ги поставувате. За разлика од нашата држава, во светот, бизнис-магазинот "Форбс", на пример, постојано објавува листи на најбогати луѓе во светот, а и ги ревидира кога доаѓа до промена на нивните позиции според моменталниот износ на богатството. Па така, за светските бизнисмени постојано се знае со колкаво богатство располагаат, дали во меѓувреме тоа се намалило или се зголемило, и на кое место на листата на најбогати луѓе во моментот се наоѓаат.

Во Македонија, за жал, нашите богаташи воопшто не се подготвени јавно да ги дадат на увид податоците за своето богатство. До некакви сознанија може да се дојде ако се истражуваат податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, кој објавува податоци за акциите со кои располагаат поединци во компаниите, но само над пет проценти, и ако тие акции се помножат со нивната моментална цена на Берзата, би можел да се добие податок колкаво е моменталното богатство на сопствениците на тие акции, но само во делот на нивните хартии од вредност. Според таквите истражувања, најбогати се мнозинските сопственици на најголемите компании во земјава.

Но, мора да се има голема резерва, бидејќи постојат многу други моќни компании кои немаат обврска да известуваат за акциите со кои располагаат нивните сопственици, па затоа и богатството на овие "газди" не и' е познато на јавноста.

Покрај компаниите, богаташите во земјава имаат и голем недвижен имот, возила, но и компании или недвижен имот надвор од земјава, за кои, пак, сосема е тешко да се дојде до информации.

Токму затоа е невозможно да ви одговорам кој е најбогат и како го стекнал својот капитал. Ние како новинари неколку пати сме ги прашале директно нашите „тајкуни“ за тоа колку изнесува нивниот капитал, но сме наишле на ѕид од молчење од нивна страна, дури и револтираност зошто навлегуваме во нивната приватност.

Имотната состојба на политичарите, пак, јавно излегува на веб-страницата на Антикорупциската комисија.

Но, во секој случај, земјава е далеку од времето кога би се формирала листа на најбогати Македонци.



Прашања и одговори од претходниот циклус:

Прашање: Зошто во сметките за потрошена електрична енергија се' уште се наплатува 33 отсто за ангажирана моќност, кога пред неколку години, со одлука на Уставен суд, таа давачка беше прогласена за неуставна?

Стефан Петровски

Одговор: Според моите информации што ги добив од дел од енергетските компании во земјава, одлуката за плаќање ангажирана моќност не била укината од Уставен суд.

Нашите извори велат дека таа давачка за ангажирана моќност се плаќала секаде во светот, но директно била вклучена во цената на електричната енергија, така што потрошувачот не ја гледа, но, сепак, ја плаќа. За разлика од некои други земји, пак, кај нас транспарентно се гледало дека се плаќа 33 отсто за ангажирана моќност во самите сметки за потрошена електрична енергија. Инаку, таа ставка за ангажирана моќност ја одредувала Регулаторната комисија за енергетика, што важи и за сите други ставки во сметките за потрошена енергија.

Инаку, енергетските компании велат дека таа ставка се плаќа како гаранција за користење одреден капацитет од мрежата. На пример, дневно еден потрошувач може да вклучи само една светилка, но може да вклучи и три печки во исто време, па мора да се обезбеди моќност за сите апарати.

 

Прашање: Дали во Македонија постојат независни печатени медиуми што би работеле во име на обичниот човек, без зад нив да стои некоја политичка партија? Според она што секојдневно го читаме во весниците, очигледно дека не е така.

Марјан Трифуновски

Одговор: Почитуван господине Трифуновски, прашањето Ви е сосема на место. Според моето мислење, медиумите во земјава премногу се критикувани дека се блиски до политичките партии, што не е целосна невистина. Факт е дека дел и од електронските, а и од печатените медиуми во земјава имаат свои сопственици, кои или членуваат или, пак, се блиски до одредена политичка партија. И факт е дека тие сопственици понекогаш знаат да забранат одреден текст што не е во интерес на нивната политичка партија или на нивниот бизнис-партнер. Но, за најголем дел од колегите што работат во тие медиуми можам да кажам дека и покрај сите притисоци, вложуваат максимални напори и даваат се' од себе да бидат професионални, да ја напишат вистината за одреден проблем и да се борат за интересите на граѓаните. Некогаш го прават тоа и по цена на остри реакции од газдите, па дури ризикуваат и поголеми последици.

Конкретно за мојот медиум "Утрински весник", слободно можам да кажам дека не сме блиски до ниту една политичка партија, ниту, пак, сме имале одредени притисоци да напаѓаме или да браниме некого поради партиската припадност. И од нашиот претходен сопственик, а и од сегашните сопственици - групацијата ВАЦ не сме имале апсолутно никакви сугестии околу уредувачката политика. Тоа што ги критикуваме потезите на Владата апсолутно не значи дека треба да не' идентификуваат со партијата што сега не е на власт. Владите се тие што ја водат земјата и нормално е дека ќе пишуваме, критикуваме или ќе пофалуваме некои од постапките на Владата. За време на сите досегашни влади што се сменија за време на нашето десетгодишно постоење, секогаш ги критикувавме лошите потези или одлуки, особено оние што беа на штета на обичниот граѓанин.

 

Прашање: Како ќе влијае влезот на Македонија во Европската унија врз македонската економија и особено какво влијание ќе има врз животниот стандард на македонските граѓани?

Светлин Цветков, Бугарија

Одговор: Почитуван господине Цветков, искрено Ви благодарам за Вашето прашање.

Мое лично мислење е дека Македонија, македонската економија и македонските граѓани ќе имаат огромна корист од влезот на земјава во Европската унија. Но, пред да се случи тоа, она што моментно силно го посакуваме е нашата држава да успее да ги отвори барем вратите на НАТО, што би било чекор поблиску до Европската унија.

Зошто сметам дека македонската економија ќе има голема корист од влезот во елитното европско друштво?

Прво, секако, не смее да се потцени фактот што тогаш во земјава ќе влезат големи износи средства од европските фондови, што мора да има позитивно влијание и врз економијата и врз животниот стандард.

Но, парите мислам дека воопшто не се пресудни. Она што е најбитно, според мое мислење, е што со влезот во Европската унија властите во земјава, од која партија и да се, ќе бидат под силен мониторинг, пред се' во делот на финансиите. Тоа, пак, значи многу помалку корупција, помалку сомнителни тендери, зделки, многу повеќе отчет и транспарентност во трошењето на буџетските пари. Тоа автоматски ќе ја подобри економијата и животниот стандард.

И, конечно, толку посакуваните странски инвеститори, кои сега речиси и не' одминуваат, со влезот во НАТО и во Европската унија сигурно ќе бидат заинтересирани повеќе да вложуваат во една држава што е безбедна, со силни институции и силна заштита на сопственичките права, каква што очекувам дека тогаш ќе биде Македонија.

Инаку, се надевам дека Вие во Бугарија имате позитивни искуства по влезот во европскиот клуб на држави.

Прашање: Што се предвидува со новиот Закон за т.н. дивоградби, до каде е неговата подготовка и дали тој ќе помогне, конечно, да се решат низа горливи прашања на граѓаните со нерешени прашања за земјиштето и за куќите изградени на него и дали можат граѓаните да дадат свои предлози на работната група која го подготвува законот?

Зоран Аврамоски

Одговор: Почитуван господине Аврамоски, однапред да Ви се извинам што нема да Ви дадам исцрпен одговор на Вашето прашање, бидејќи оваа област не е од мојот домен и не ми е целосно позната. Но, според информациите што успеав да ги добијам од моите колеги, овој закон се' уште е во собраниска процедура, иако досега веќе требаше да биде донесен. Зошто се' уште не е изгласан и кога ќе се случи тоа, засега не ни е познато и навистина не можеме да предвидиме. Да се надеваме дека ќе биде донесен наскоро и граѓаните, конечно, да можат да си ги решат своите животни прашања. Инаку, со тој закон се предвидува легализација на дивоградбите, со тоа што нивните сопственици треба да ги платат давачките спрема државата, со што нивните објекти ќе бидат законски изградени. Инаку, во врска со Вашето прашање дали и граѓаните може да даваат свои предлози, сметам дека штом законот се наоѓа во собраниска процедура, тој веќе е подготвен, но можеби се' уште не е доцна во него да се внесе некој позитивен предлог, преку амандман кој би го предложил некој од пратениците, но под услов власта да се согласи да го прифати тој амандман.

 

Прашање: Здраво, ме интересира подетално да ми кажете за светската економска криза, кои се причините за нејзиното појавување на почетокот и врз кои гранки најмногу ќе се одрази. Однапред ви благодарам.

Божидар Секуловски

Одговор: Почитуван господине Секуловски, однапред да ви се извинам што не ќе можам детално да ви објаснам за причините за настанувањето на кризата. За тоа би ми требало многу повеќе простор од оној што е предвиден со оваа рубрика, а и не се чувствувам доволно компетентна, бидејќи на таа тема спротивставени мислења имаат и многу врвни економски аналитичари. Сепак, ќе се обидам во кратки црти да ви ги изнесам моите видувања зошто настана кризата. Нејзините почетоци веројатно се наѕираа уште во 2007 година, кога пазарот на недвижности во САД почна да ги покажува првите знаци на слабост. Но, тогаш веројатно никој не се надеваше дека ќе се случи она што се случи. Кога лани пропадна една од петте најголеми американски инвестициони банки „Леман Брадерс", работите веќе станаа многу појасни.

Мене најмногу ми се допаѓа како на настанувањето на кризата
гледа Џозеф Штиглиц, добитник на Нобеловата награда за економија, поранешен главен економист во Светската банка и сегашен професор на Универзитетот „Колумбија" во Њујорк, кој смета дека сегашната глобална економска криза го носи знакот „произведено во САД". „Ние ја извезувавме нашата филозофија за намалување на државното регулирање на економијата, ние извезувавме токсични хипотекарни хартии од вредност, а сега го извезуваме и нашиот стопански пад", истакна Штиглиц на предавање во Њујорк. Тој укажа на најголемите слабости на финансискиот систем на САД, кој не беше во состојба да обезбеди мобилизација за штедење, пласирање на капиталот и избегнување на ризиците. Според Штиглиц, штедењето во САД сега е „на нула", а капиталот бил масовно пласиран во изградба на куќи, кои нивните купувачи не биле во можност да ги отплатуваат. Тој смета дека наместо да ги намалува ризиците, постојниот финансиски систем на САД постојано ги зголемува, а таквите пропусти се услов за комплетна „деформација на целиот американски економски систем", на кој сега му се „неопходни длабоки реформи".

 

Прашање: Кога министерот Славески ќе го реши проблемот со бруто-плата кај занаетчиите, кај кои сега придонесите се пресметуваат на цела бруто-плата?

Весна Трајкоска, Прилеп

Одговор: Почитувана, според последните информации што беа објавени во медиумите, Владата пред извесен период реши да попушти под притисок на самовработените лица и за нив оформи нов принцип на пресметување на придонесите од бруто-плати, врз основа на остварениот нето-приход. Минималната основица за вршителите на економска дејност, каде што спаѓаат занаетчиите, таксистите и земјоделците, ќе биде педесет отсто од една просечна бруто-плата исплатена во државата.

Со овие измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, Владата вели дека покажува разбирање за барањата на овие категории субјекти, а со цел да го поддржи и поттикне самовработувањето во различните дејности, како и да даде поддршка на традиционалните занаети.

Занаетчиите тогаш изјавија дека го поздравуваат владиното решение, но сметаат дека е престрого во делот каде што се предлага трошоците за придонеси да се пресметуваат на нето-приходот што го остваруваат тие.

Инаку, пред околу две недели од Владата најавија дека што поскоро новите законски измени ќе ги достават во Собранието на разгледување, но засега немам информации кога точно ќе бидат изгласани.

 

Прашање: Ме интересира што мислите, дали фармерите од "Сведмилк" ќе си ги добијат своите пари за исплатеното млеко?

Маја Трајковска


Одговор: Тоа прашање е многу тешко да се одговори. Иако најновото ветување е дека парите ќе им бидат исплатени в петок (денес), јас не сум сосема сигурна дека тоа ќе се случи. Ако имаа навистина намера да им ги исплатат парите на сточарите, новите газди на "Сведмилк", односно компанијата "Феникс енерџи" тоа требаше да го стори многу порано. Неколку пати досега им даде ветување на фармерите дека ќе ја почне исплатата, но тие не видоа пари на своите сметки. Затоа сега и самите млекопроизводители не веруваат дека ќе бидат обесштетени.

Доколку новиот газда не ги исплати сточарите како што вети, тие би требало парите да си ги бараат по судски пат, но тоа е долг, макотрпен и неизвесен процес. Владата, пак, би можела да им ги исплати овие пари од буџетот, но тоа е крајно спорно и недозволиво за пазарна економија, бидејќи намената на буџетот не е од него да се исплаќаат долгови на приватни компании. А и самата Влада објави дека нема намера да плаќа буџетски пари за фармерите, туку само можела да посредува за полесно да се реши проблемот.

 

Прашање: Здраво. Прво сакам да изразам голема поддршка за овој начин на комуникација со публиката. Ме интересира зошто во услови на економска криза, низок стандард и голем растечки трговски дефицит кон странство, политичарите не повикуваат на штедење? Дали и како штедењето е штетно за граѓаните?

Александар

Одговор: Почитуван господине Александар. Според мое мислење, штедењето не е штетно за граѓаните. Напротив, во услови на криза, многу влади во другите држави ги повикаа своите граѓани на штедење, со цел да се надмине овој кризен период. Доколку граѓаните повеќе штедеа ќе имаше помал увоз, помал трговски дефицит, а со тоа и помал притисок врз девизниот курс. Нашата Влада, меѓутоа, досега и сама покажа дека не е многу склона кон штедење, па така, и покрај сите повици да го намали трошењето од државниот буџет, таа не ги прифати и продолжи со интензивно трошење на средства од државната каса. Уште поголем проблем е што власта не се откажува од трошење за непродуктивни цели, како што се споменици, музеи, театри, што не е добро во време на криза. Многу подобро е кога од буџетот се троши барем за инфраструктурни проекти, на пример, енергетски објекти, патишта и за слични капитални објекти, бидејќи тоа го поттикнува економскиот развој.

 

Прашање: Почитувана, многу често пишувате за даноците, буџетите и за други прашања од јавните финансии. Со задоволство ги читам написите поради нивниот квалитет. Моја оцена е дека речиси и нема официјални податоци за даноците и за буџетите, или ако ги има тоа е минимум. Забележувам дека секогаш при изнесувањето на некои податоци од страна на меѓународните финансиски организации (ММФ, Светска банка, европските банки и др.), како и од други потврдени авторитети (научно-истражувачки центри, економски списанија, познати економисти и др.) нема податоци од јавните финансии за Македонија. Болно е што и во големите проекти, одредени за меѓудржавните споредувања во даноците и во буџетите - податоци за Република Македонија нема!? Зошто е така? Зошто сами се доведуваме во подредена состојба? Што да се направи за да се сменат овие состојби, кои на никој друг не му нанесуваат штета, туку само на РМ? Се надевам дека со вашето долгогодишно новинарско искуство и знаење ќе придонесете за менување на овие работи и ќе ги лоцирате проблемите, за што побрзо да излеземе од оваа состојба, со цел да почнеме да изгледаме како другите држави.

Лазо Стефанов

Одговор: Господине Стефанов, за жал, факт е дека јавните финансии во земјава се' уште ја немаат потребната доза на транспарентност. И покрај бројните проекти што се во функција тоа да се промени, сепак, се' уште нема значаен напредок на тој план, иако има одредено подобрување. Нашите власти се' уште не сфатија дека мора да дадат отчет пред граѓаните за секој денар од народните пари што ќе го потрошат. И покрај тоа што буџетот е даден на увид на јавноста и може да се види на веб-страницата на Министерството за финансии, граѓаните реално немаат сознанија дали тие средства се трошат наменски. Државниот завод за ревизија прави контроли околу тоа дали средствата се трошат законски и наменски, но и покрај тоа што ДЗР кај повеќе министерства или институции открил бројни неправилности, досега многу ретко сме сведоци тоа да заврши и со судски процес и санкции за прекршителите. Искрено се надевам дека работите ќе се сменат откако Македонија ќе стане членка на НАТО и на Европската унија и дека тогаш јавните финансии ќе бидат многу потранспарентни.

 

 

Прашање: Здраво. Искрени комплименти за вашата работа. Дали мислите дека владите на балканските држави, особено на Бугарија и на Македонија, не инвестираат доволно во заштитата на сигурноста на народот. Сметате ли дека економските субјекти во овие две земји не инвестираат доволно во развојот на човечкиот потенцијал? Ве прашувам, бидејќи по влезот на Бугарија во ЕУ, ние, бугарските граѓани откривме дека во текот на 20 години сме биле бескрупулозно експлоатирани од работодавците. Сега работите се подобри и тој тренд на подобрување продолжува не од добра волја на нашата влада, туку под притисок на ЕУ. Им посакувам на граѓаните на Македонија брзо зачленување во ЕУ, за да добијат заштита од европските институции.

Читател од Бугарија


Одговор: Се согласувам со Вас. Политичарите во Македонија, кога ќе дојдат на власт, речиси преку ноќ забораваат на ветувањата што им ги дале на граѓаните и многу малку се грижат за нивна заштита и благосостојба. Иако на хартија правата на работниците се јасно наведени, во реалноста е нешто сосема друго.

Драго ми е што во Бугарија конечно работите тргнале на подобро. И целосно се согласувам со Вас дека тоа се случило под притисок на европските институции, бидејќи без таков притисок ниту една балканска влада нема многу да се грижи за интересите на своите граѓани. Секоја чест на исклучоците.

Токму затоа ние, новинарите, се обидуваме да им укажеме на читателите колку е битно и Македонија да влезе во НАТО и во Европската унија, во смисла дека тогаш ќе важат многу појасни правила на игра, кои ќе мора да ги почитуваат и Владата и компаниите. Финансиските злоупотреби, кои сега минуваат речиси без санкции, особено доколку сторителите се блиски до власта, а кои се на директна штета на граѓаните, се надевам дека тогаш ќе бидат многу помали, токму под притисок на европските партнери. Правата на работниците ќе бидат многу позаштитени. Од тие причини се надевам дека Македонија што побрзо ќе успее да се интегрира во НАТО и во ЕУ.



 



 

 

Претходно на Вашите прашања одговараа уредниците:

 


#
Љупчо Поповски - главен и одговорен уредник
Тина Иванова - Култура
Ерол Ризаов - извршен директор
Мирче Јовановски - помошник-главен уредник
Зоран Ричлиев - Интернет издание
Фарко Шакири - Спорт
Димитар Чулев - Свет
Гордана Дувњак - Политика
Билјана Ангеловска - Скопје
Петр Стојановски - Фотографија
Даниела Трпчевска -Хроника
Јасминка Павловска - уредничка на прилогот „Стил“ и „Перископ“
Соња Крамарска - Истражувања
 
Катица Чангова -Дописна рубрика