Пари за пругата кон Бугарија дури во 2012
Софија - Кон крајот на 2011 и во почетокот на 2012 година се очекува да се обезбедат средства за изградба на делот од железничката пруга од Куманово до Бугарија. „Се надевам дека во 2011 година реално може да ги обезбедиме финансиските средства и потоа да почнеме со изградба и со реконструкција на постојниот дел од железничката мрежа од Коридорот 8“, изјави вчера во Софија министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, по средбата со бугарскиот колега Александар Цветков.
Се очекува кон средината на септември да се изработи физибилити студија и студија за влијание врз животната средина, за што се обезбедени 500 илјади евра од Европската банка за обнова и развој. „Тоа е првичен чекор за обезбедување средства за да почне изградбата на Коридорот 8, најпрво кон Бугарија, а потоа и кон Албанија“, нагласи Јанакиески.
Коридорот 8 е значаен не само за трите балкански држави, туку и за европските земји, затоа што е предвидено тој да ги поврзува пристаништата во Бари во Италија и Бургас и Варна во Бугарија. На македонска страна припаѓаат 313 километри, од кои постојни се 154 километри од Кичево до Куманово, додека од бугарска страна недостасуваат околу два и пол километри за поврзување со Македонија.
За комплетирање на железничкиот дел од овој паневропски коридор Македонија, Бугарија и Албанија имаат потпишано меморандум за заедничко лобирање пред меѓународните финансиски институции, за обезбедување на потребните средства.
На средбата со Цветков било разговарано и за либерализацијата на железничкиот сообраќај во Бугарија, каде што во моментот оперираат десет компании, како и за гасификацијата и авиосообраќајот. Министерот Јанакиески го информирал својот бугарски колега и за прогресот што државата го прави во делот на концесијата на патиштата, каде што се очекува кон крајот на август и во почетокот на септември да бидат познати компаниите што ќе одат во втора фаза. (МИА)
|