Македонија остана без гас

„Макстил“ и Фабриката за цевки „11 Октомври“ запреа со работа
Александрија Стевковска
Испораката на гас во Македонија целосно е стопирана веќе втор ден поради спорот на Москва и Киев за цената на синото гориво. Фирмите што работат исклучиво на гас, како што се „Макстил“ и Фабриката за цевки „11 Октомври“, запреа со работа, бидејќи не поседуваат можност за користење алтернативна енергија, а останатите фирми се снаоѓаат како знаат и умеат, префрлајќи го производството на користење други видови енергија.
Најголемиот корисник на гас, скопска „Топлификација“, уверува дека граѓаните ќе продолжат да се греат без проблеми, бидејќи топланите веќе се целосно префрлени на работа на мазут.
„Скопје целосно се грее на мазут. Префрлањето од гас на мазут беше направено во рекордно кус рок од 14 часа, бидејќи станува збор за сложена процедура, но успеавме и сега работиме без проблеми со мазут. Снабдувањето со мазут засега е од ’Окта‘, а понатаму ќе биде од ’Макпетрол‘“, вели првиот човек на скопска „Топлификација“, Димитар Хаџимишев.
Според него, доколку се реши проблемот со снабдување на гас, тоа нема да значи дека „Топлификација“ повторно ќе се префрли на користење гас.
„Ќе продолжиме да грееме на мазут, бидејќи тоа е поевтин енергенс, што ќе значи разгледување на можноста со Регулаторната комисија за намалување на цената на греењето“, потенцира Хаџимишев.
Владата експресно реагираше на запирањето на испораката на гас од „Газпром“ за цела Европа, вклучително и нашата земја, преку гасоводите низ Украина, најавувајќи за денеска нов состанок со фирмите што користат гас, втор за последниве три дена. На првиот состанок со стопанствениците „Га-Ма“ и „Макпетрол“, било разговарано за проблемите со снабдувањето со гас и најавено е доставување протестна нота, во координација со земјите од регионот, до Русија и до Украина поради запирањето на дотурот на природниот гас за Балканот. Се најавува дека Македонија дипломатски ќе реагира и на европско ниво.
Ивица Боцевски, вицепремиер задолжен за европски прашања, побарал од чешкиот заменик-премиер Александр Вондра учество на Македонија во сите состаноци што ги планираат претседателството и Комисијата во насока на изнаоѓање решение за надминување на сегашната ситуација околу снабдувањето со природен гас. Од страна на чешкиот вицепремиер било најавено дека ќе биде упатена покана до македонската Влада да учествува на техничкиот состанок што ќе се одржи денес во Брисел со двајца македонски експерти. На состанокот ќе учествуваат технички експерти од земјите-членки на ЕУ, како и претставници од Русија и од Украина. Состанокот ќе има цел да се изнајдат начини и решенија за побрзо надминување на кризата со снабдување на природен гас во Европа.
Првичното сумирање на штетите од запрената испорака на гас ќе се направи денеска на состанок во Владата. „Ќе се разговара со сите фирми што користат гас за своето работење за да се види кои се нивните штети и заеднички да се побара излез од ситуацијата додека не се реши проблемот. Засега е познато дека ’Макстил‘ е во најлоша ситуација, бидејќи нема на располагање алтернативен енергенс во работењето“, вели владиниот портпарол Шефик Дураки.
Од „Макстил“ потврдуваат дека ги згаснале печките. „’Макстил‘ не работи. Системите се одржуваат на минимум заради отстранување можност за хаварија. Доколку инволвираните во спорот се договорат и се изрегулира снабдувањето со гас, за еден-два дена фабриката ќе продолжи со работа, но доколку продолжи оваа статус кво ситуација, ќе мора да се подготвиме за подолг застој на работењето“, вели Александар Панов од „Макстил“.
Според упатените, Македонија и не е толку погодена во целиот овој проблем со стопирање на испораката на гас, бидејќи не е толку зависна од користењето на овој енергенс, како што се тоа граѓаните на Западна Европа.
„Во Европа се грее и се готви на гас. За разлика од западноевропските граѓани, ние не го користиме гасот во секојдневниот живот, но земјава е колатерална штета од целиот политички и корецијален спор. Значи, граѓаните кај нас нема да го почувствуваат проблемот со стопираната испорака на гас, но проблем ќе имаат фирмите што го користат во своето работење“, велат упатените.
Фирмите законски мора да имаат можност за користење алтернативни енергенси. Само „Макстил“ и „11 Октомври“ не поседуваат таква можност, односно работат исклучиво на гас.
Од „Макпетрол“ уверуваат дека сопствениците на возила нема да имаат проблем, бидејќи гасот за возила е сосема друг вид енергенс и неговото снабдување не е доведено во прашање.
Испораката на природен гас во Македонија е запрена поради спорот на Москва и Киев за цената на енергенсот. Руската државна компанија „Газпром“ во целост ја прекина доставата и за Бугарија, Грција, Србија, Турција, Романија, Хрватска, а значително е намалена за Унгарија, Австрија, Босна и Херцеговина и за Чешка.
Во последните неколку години ова е шести руско-украински судир за гасот. Овој пат тој избувна откако „Газпром“ побара поскапување на гасот, што Киев не го прифаќа, сметајќи дека е поголемо отколку што би требало. Москва ја прекина испораката на гас за Украина затоа што тамошната влада ги нема намирено сите долгови од минатата година. Владата во Киев, меѓутоа, тврди дека е исплатена сметката пред Нова година. Алармантната состојба со недостиг од гас се случува во време кога во цела Европа потрошувачката е на максимално ниво поради ниските температури. Претставници на двете компании соопштија дека денеска ќе ги обноват преговорите за условите за испорака и таксите за транзит на природен гас од Русија во Украина во 2009 година.
Европската унија побара веднаш да се отворат вентилите и да стартува испораката на природен гас. За брзо решение на спорот, Унијата бара да се интензивира дијалогот меѓу свете страни.
Вчера во главниот град на Чешка, Прага, претставниците на Европската комисија разговараа за прекинот на трансферот на руски гас за Европа. Консултациите, најверојатно, ќе доведат до свикување вонреден самит на Европската унија, Русија и Украина.
И Соединетите Американски Држави изразија жалење поради ескалацијата на спорот околу гасот меѓу Украина и Русија и предупредија дека е неприфатлив прекинот на испораката на гас за Европа. Вашингтон, исто така, наведува дека овој случај укажува на значењето на обезбедувањето алтернативни извори на гас и на други енергенси. (А.С.) |