Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Коментари
29.08.2012, 18:38

Глобалист

Што сака Мит?

Љупчо Поповски

Американската јавност нема одговор на прашањето кој е вистинскиот Мит Ромни? Тој едно зборува за време на појадок, а го тврди сосема спротивно на вечера. Подготвен е да им се умилкува на сите само за да биде избран

Ураганот „Исак“ и' се смилува на Флорида и денес во Тампа поранешниот гувернер на Масачусетс, Мит Ромни, треба да ја прифати кандидатурата на Републиканската партија за во ноември да излезе на изборен мегдан со Барак Обама. Запрепастувачки нискиот интерес во Македонија за оваа претседателска трка (такво отсуство на љубопитност немало од 1984 година кога Роналд Реган го прегази бледиот Волтер Мондејл). Има повеќе причини за тоа, но најглавната веројатно е што во јавноста се инсталира мислењето дека Америка не е веќе нашиот најдобар пријател, затоа што демократи ја водат администрацијата во Вашингтон; дека не успеа да ја исправи неправдата и поразот од Букурешт, дека контактите со оваа Бела куќа се повеќе изнудени отколку искрени. Обата македонски политички кампа во Македонија, и десниот и левиот (едниот отворено, другиот прикриено), се надеваат дека Мит Ромни ќе успее да го победи Обама и дека американскиот авион кон Македонија ќе го врати на коридорот што го трасираше Џорџ Буш.

Се разбира, тоа е заблуда. Како што Филип Рикер во интервјуто за телевизијата Алфа испрати порака дека на овие избори во САД единствена тема е „економијата, економијата, економијата“, така и евентуалната победа на Ромни нема да го врати Вашингтон на сцената каде што јавно повеќе ќе има симпатии за Македонија отколку за Грција во спорот за името. Но, што да се прави, тоа е погледот од балканското слепо црево на настаните во светската арена.

Овдешнава јавност речиси и нема поим кој е Мит Ромни, која е неговата агенда во економијата (каде што е насочена целата негова кампања) и што може да се очекува од него. Но, тоа и не може да и' се земе за грев, затоа што и Американците, а и Европејците не знаат што сака човекот кој можеби ќе ја води единствената суперсила во светот.

Кој е човекот кој од бизнисмен се труди да стане политичар, кој во овие месеци постојано ги менува своите ставови, па оние што внимателно ја следат претседателската трка во Америка се прашуваат во што, всушност, верува Мит. Кога во 2002 година стана гувернер во либералниот Масачусетс, Мит Ромни, го поддржуваше абортусот, беше на страната на оние што водеа кампањи за климатските промени и за контрола на оружјето, за нов здравствен пакет, за праведни даноци... Сега тој му сврте грб на она во што тогаш, наводно, веруваше и во Тампа отиде како жесток противник на своите сопствени ставови. Пред една година, кога почнуваше прелиминарната трка меѓу републиканците, тој најавуваше дека ќе го задржи постојното ниво на даноците, а сега вели дека тие треба да се намалуваат, особено за најбогатите – од 35% на 28%. Веднаш беше поставено основното прашање – каква лична корист ќе има Ромни, кој е многу богат човек, од ваквото намалување на даноците за милионерите. И зошто на Америка и' се случи претседателски кандидат да има мултимилионска сметка во швајцарска банка и да инвестира десетици милиони долари во Кајманските Острови, познат даночен рај.

Неговиот татко Џорџ Ромни, гувернер на Мичиген, кој како богаташ се обиде да влезе во претседателската трка во 1964 година, ја напушти партиската конвенција кога републиканскиот кандидат Бари Голдвотер во својот говор се сврте премногу десно и се дистанцира од програмата за поголеми човекови права. Тоа беше времето кога кај републиканците либерализмот беше дел од агендата. Сега тоа е незамисливо. Синот Мит сега е подготвен да го исполни она против кое се бореше неговиот татко. Секако, тоа е знак и колку Америка се променила и потврда дека никаде не е запишано дека синот мора да го следи политичкото кредо на таткото.

Ромни сака да се прикаже пред Американците како менаџер што знае да ги среди работите и да ја води државата. Но, аналитичарите му забележуваат дека да водиш толку голема држава не е исто како и да водиш компанија, која ги крие изворите на нејзините големи добивки. Пред четири години Ромни брзо загуби во трката меѓу републиканците од Џон Мекејн. Сега отворено кажува дека ќе направи се' што се бара од него (од пребогатото републиканско лоби) само за да биде избран. Најави дека ќе инсталира судии во Врховниот суд кои имаат пледоаје против абортусот (за тој, како мормон, да им се допадне на радикалните религиски евангелисти од американскиот југ). Не се дистанцираше доволно од идиотската теза на републиканскиот конгресмен Тод Акин за „легитимно силување“, која ја крена на нозе Америка. Објавувајќи дека ќе штеди на сите страни, најави дека драматично ќе го зголеми воениот буџет за да им се умилкува на оние што произведуваат оружје, чии пари му се неопходни за кампањата. Се закани дека ќе ја дисциплинира Кина, затоа што била манипулатор со нејзината валута; настојува да ги намами американските Евреи со речиси расистички забелешки за Арапите и грми против Иран. Прашање е дали во сето тоа верува или, пак, сега е премногу доцна да се откаже од овие платформи.

Минатата година се почувствува повикан како успешен бизнисмен да претстави план како ќе ја спаси американската економија. Тој план од 59 точки Ромни сега речиси и не го споменува. Тоа требаше да биде мамка за републиканските избирачи во примарните избори – сега кога економијата е во кампањата за претседател, тој се потпре на економската агенда на потпретседателскиот кандидат Пол Рајан, кого нобеловецот Пол Кругман го нарече „несериозен човек“. Пол Рајан верува дека може да ги намали сите буџетски трошоци, а Ромни сака драматично да го зголемува воениот буџет. Дали бројот 2 на републиканскиот билет има една програма, а неговиот шеф друга? Никој не ги знае вистинските одговори. Кој е вистинскиот Мит?

Дел од одговорите лежи во кругот на советниците кои направија вистинска опсада во неговиот камп. Весниците пишуваат дека таму има толку многу луѓе што Мит не би можел да ги консултира ни за целиот свој живот. Дали тој верува во своите инстинкти – а нема харизма – или на плановите и правците што постојано се менуваат како што доаѓа нова група советници. Таму има секакви – за имигрантската политика го советуваат тврдокорните од Алабама и Аризона, кои се бајрактари во борбата против имигрантите; таму се неоконзервативците од администрацијата на Буш: најгласен е Џон Болтон. Таму се и неговите пријатели бизнисмени од времето кога го правеше богатството со финансиски инженеринг. Но, најмногубројни се оние што се задолжени да збираат пари, а тие збираат многу. Само во јуни и јули на сметката на кампот на Ромни се слеаја 207 милиони долари, 60 милиони повеќе од она што го собра Обама. Се очекува во целата кампања да бидат собрани 800 милиони долари, додека кампот на Обама предвидува максимум 750 милиони.

И покрај тоа што за Мит Ромни велат дека едно зборува за време на појадокот, а сосема спротивно на вечерата, тој не е без шанси. Последните истражувања покажуваат дека трката меѓу него и Обама е изедначена. Тој дури и води со неколку процентни поени во перцепцијата дали е вистинскиот човек кој може да ги реши проблемите во економијата. Сериозно заостанува во впечатокот за него како личност.

Бидејќи претседателот во САД не го избира вкупниот глас на народот, туку електорите од државите, она што го храни со оптимизам кампот на Мит Ромни се измените во изборната легислатива кои треба да го намалат одѕивот на поддржувачите на демократите. Во оние држави кои се клучни за победата, како што се Флорида, Охајо, Пенсилванија и Висконсин, републиканската легислатива воведе ограничување во правилата кој може да се регистрира како гласач. Тоа особено се однесува на малцинствата, младите и сиромашните. Во Пенсилванија отворено изјавија дека овие ограничувања ќе му овозможат на Ромни да ја освои државата. Нечесно? Се разбира дека е нечесно. Но, кои избори биле чесни, иако имаат демократска потврда.

Денеска Ромни ќе мавта со републиканската номинација. Демократите ќе ја одржат својата конвенција за две недели во Шарлот, Северна Каролина, и ќе почне последната етапа од битката за прв човек на светот. На едната страна е претседателот кој изгледа по малку заморен од четирите години во Белата куќа, а друга страна е човекот за кого лондонски „Економист“ (конзервативен по вокација) напиша дека може да добие олимписки медал за превртливоста на својата политика. Тежок избор за американските гласачи.


Статијата е прочитана 2255 пати.


Испрати коментар



Цените растат побрзо од реакциите
За и против
Пораките на Амнести



jovan, 30.08.2012 01:03:41
Ne e biten bidejki i onaka nema da pobedi, i ke bide zaboraven expresno.
milan, 30.08.2012 08:27:44
Nivnite izbori voopsto ne se nasa rabota,otuka slab interes.Ne moze nikoj da ni pomogne dokolku samite ne si pomogneme.Ama so vakva vlast ne mozeme da si pomogneme. POZDRAV.
Nikolce, 30.08.2012 11:51:22
Za Makedonija ke bide podobro ako pobedi Mit. Republikancite (za razlika od demokratite koi se so grcite) ja priznaa Makedonija pod naseto ustavno ime. Znaci, voopsto ne e tocno deka toa ne e nasa rabota. Site Makedonci vo SAD treba da glasaat za Mit, a ne za Obama koj smeta na grcki glasovi i nisto ne napravi za nase vleguvanje vo NATO i EU.
BitolaHamiltonCanada, 30.08.2012 16:16:22
*Tezok izbor za amerikanskite glasaci*.Ne za site.I ednite i drugite(rep.i dem.)veke se odlucile za kogo ke glasat.Borba se vodi koj da gi dobie na svoja strana seuste neopredelenite glasaci.Tie se shto ke gi odlucat izborite.Po najnovite podatoci,Obama vodi megu niv.Ako ja dobie bitkata za niv,Obama ke gi dobie i izborite.Ke bide tesko i neizvesno se do krajot no sepak Obama dobiva.Trendot e na negova strana.A koj od niv e podobar za Makedonija?Nema razlika.I Republikancite i Demokratite za nas se isti.Nie mislime deka ima razlika i sakame nekoj od niv da ni gi resi nasite problemi.Nikako da svatime deka toa shto ke si go nadrobime treba sami da si go srkame.Segasnive nasi vladeteli mislat deka Romni,ne samo shto ke srka i golta seshto ke mu zgotvat,tuku i prsti ke lizhi i ke prasuva dali ima ushte.
девичанецот, 30.08.2012 16:49:41
Почитуван Љупчо, За да се заинтересираме за изборите во Америка, можно е само ако ОБСЕ испрати мисија од 5-6000 набљудувачи, на чело со Радмила Шеќеринска. А тоа дека Економијата им била на први план, тоа се само приказни за мали деца. На први план им е како да рушат демократски држави, како да поздравуваат од се срце убиства на министри во Сирија и насекаде во светот, Како да извезуваат оружје, да убиваат мирни жители под името на колатерална штета, и секако, што е шлаг на сето тоа, како да ги користат природните ресурси на земјите во кои инсталирале свои луѓе, без никаква надокнада.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

  
Што прават денеска
 


Site Meter


Време
Скопје, 30°C

Делумно облачно

Понеделник
Ведро
Макс: 29°C, Мин: 11°C

Вторник
Сончево
Макс: 30°C, Мин: 13°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Вкусен агол
Евровизија се сели во Данска
Дваесетгодишната пејачка Емели де Форест, која пееше „Only Teardrops“, очекувано го однесе најголемиот музички натпревар...
Се појави наследник на Садам Хусеин
Ибрахим ад Дури, близoк соработник на соборениот ирачки диктатор, се појави како лидер на отпорот во северен Ирак...
(ВИДЕО) Сто најдобри песни според „Ролингстоун“

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |