10.05.2012, 17:06 Истрагата за Смилковци загрозена?

Судот и Обвинителството го бараат кртот кој изнел детали од сведочењето на Хаки Хазири, обвинет за тероризам
Истрагата за петкратното убиство кај Смилковско Езеро е загрозена. Не само што е доведена во прашање едномесечната истрага за грозоморното убиство на четирите момчиња и рибарот, туку во опасност се доведени и судиите кои работат на овој чувствителен случај, е ставот на надлежните во Кривичниот суд и во Обвинителството. Двете институции во чии раце сега е целата истрага за петкратната егзекуција која се случи пред Велигден на Железарското Езеро во близина на Скопје, го бараат кртот кој изнел детали од изјавата на Хаки Хазири. Тој од заштитен сведок, деновиве стана шестообвинет за тероризам во случајот „Монструм“.
Неговото сведочење дадено пред истражен судија, осамна во медиумите, кои пренесуваат оти таксистот од Шуто Оризари признал дека ги возел убијците до езерото, но дека не знаел што се подготвува таму. Додека ги чекал во возилото, се посомневал дека се подготвува нешто кога забележал како се маскираат со фантомки и посегнуваат по оружје. По свирепото убиство, тој наводно тврдел дека со помош на негов чичко им помогнал на убијците да избегаат на Косово.
Ваквите детали кои се појавија во јавноста, предизвикаа вознемиреност во судските кругови. Според извори од Кривичниот суд, тоа не само што ја загрозува досегашната едномесечна истрага за грозоморното петкратно убиство, туку ги доведува во опасност и судиите кои работат на случајот, а чиј идентитет е јавно обелоденет.
„Според член 181 од Законот за кривична постапка, изнесување податоци од истрагата е кривично дело. Со тоа се нанесува штета на истрагата и судиите се доведуваат во опасност“, вели претседателот на Кривичниот суд во Скопје, Маријан Колишевски.
Со ист став е и Јове Илиевски, обвинителот за организиран криминал, кој за „Утрински весник“ вели: „Законот е прецизен, додека трае истрагата не смеат да се изнесуваат детали во јавноста. Институциите ќе направат се' што можат за да се заштитат судиите и понатамошниот тек на истрагата“.
Во овој момент не се знае дали ќе бидат преземени мерки и ќе се бара зголемена безбедност за судиите и за осомничениот, чие детално сведочење, кое е клучно за истрагата, се обелодени јавно. Тој во моментов е во притвор, но надлежните не откриваат во кој затвор се наоѓа. Четворицата осомничени за тероризам се сместени во казнени установи надвор од Скопје, поради безбедносни причини.
Дваесет и осумгодишниот Хаки Хазири, кој најпрво уште во полициската постапка се водел како заштитен сведок, подоцна на негово барање му е укинат статусот и сега ќе одговара со уште шестмина други, од кои двајца се во бегство, за тероризам. Сојузот на Македонците со исламска религија вчера предупреди убиството кај Смилковско Езеро да не биде искористено како повод за дестабилизација на земјава по основ на религија.
Тие посочуваат дека треба да се дозволи институциите надлежни за откривање на сторителите да ги спроведат сите потребни дејства, да ги изнесат пред лицето на правдата и да бидат соодветно казнети за стореното. (Д.Т.)
Груевски: Да не се подлегнува на манипулации
„Секој има право да протестира, тоа е човечко и демократско право, но треба да се внимава на сопствената одговорност, да не се подлегне на одредени манипулации и нечии туѓи агенди. Македонија е мултиетничка, мултиверска држава во која живееме заедно и така ќе продолжиме“, порача вчера премиерот Никола Груевски, во пресрет на низата протести кои се закажани за денеска попладне во неколку градови во земјава.
Груевски вели дека нема ништо против протестите, но дека треба да се мисли на денот потоа. „Апелирам до секој од демонстрантите, изразувајќи го своето мислење за она за што ќе излезат, да внимаваат на својата лична одговорност. Секој има таква одговорност во нашето општество, така што и тие што ќе протестираат имаат лична одговорност за своите постапки, да бидат законски и да не ги нарушуваат соживотот и меѓуетничкото и меѓуверското живеење кои со векови егзистираат на овој простор, а така ќе биде и во иднина“, порача вчера премиерот. Тој додаде дека безбедносната ситуација во земјава будно се следи.
Според најавите на социјалните мрежи, протести против приведувањето на групата следбеници на радикалниот ислам се најавуваат во Скопје, Тетово, Куманово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга. Според најавите, собирите треба да започнат по петочната молитва во локалните џамии. Младите ќе се собираат пред државните институции и пред судовите. Контрапротести, пак, се најавуваат и в сабота во 13 часот пред Владата.
„Додека правото на собир и мирно изразување на мислењето мора да се почитува, ние и понатаму ги повикуваме сите граѓани да ги искажуваат своите мислења на мирен начин, да останат смирени и да дозволат во овој случај законскиот процес да се одвива по својот тек, во согласност со законите и со судските процедури во Македонија“, апелираше вчера и Амбасадата на САД во Скопје. (Д.Т.) |