Србија сака да ги спречи другите сепаратистички обиди
БЕЛГРАД - Србија бара поддршка за резолуција од ОН, за која смета дека ќе спречи сепаратистички обиди што би го следеле примерот на Косово, кое унилатерално прогласи независност од Србија. Во минатата недела највисокиот суд на ОН пресуди дека декларацијата за сецесија на Косово од 2009 година не го прекршува меѓународниот закон. Косово се изјасни дека резолуцијата - која истакнува дека унилатерална сецесија не треба да биде начин за решавање на територијални спорови - е „катастрофална“.
Српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, во четвртокот имаше средба со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, на која разговараа за нацрт-резолуцијата, во која се истакнува дека унилатерална сецесија не треба да биде начин за решавање територијални спорови. Шеесет и девет земји - вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство и уште 21 земја од вкупно 27 земји-членки на ЕУ - досега го признаа Косово, каде што живеат мнозинство етнички Албанци, како независна држава.
„Десетици земји лично ми ветија дека ќе го признаат Косово по пресудата од Меѓународниот суд на правдата“, изјави за новинарите косовскиот министер за надворешни работи, Скендер Хисени, во седиштето на ОН во Њујорк. Сепак, тој одби да наведе кои земји, за да не го интензивира контралобирањето од Србите“, рече тој.
Со нацрт-резолуцијата се бара ОН да најдат заемно прифатливо решение за иднината на Косово. Резолуцијата е најдобар начин да се затвори Пандорината кутија, вели Јеремиќ, истакнувајќи го аргументот на Србија дека пресудата од судот би можела да направи преседан за други сепаратистички обиди. Јеремиќ бара поддршка од земјите, кои не ја признаваат независноста на Косово, меѓу кои Русија, Кина и Шпанија. Сепак, тој вели дека за да се добие тоа одобрување, ќе биде тешко.
Хисени ја опиша резолуцијата како катастрофална и како и неговите пријатели од Запад, инсистираше дека Косово е посебен случај. Тој побара Србија да ја прифати реалноста и да соработува со Приштина за заедничка иднина како членки на Европската унија. (Би-Би-Си) |