18.04.2012, 17:00 Охридските плажи со старо-нови закупци

Се лицитираше само за пет плажи, иако за закуп беа понудени вкупно 15
Петте најатрактивни плажи на Охридско Езеро и во наредниве две години ќе ги имаат истите закупци кои досега стопанисуваа со нив. Тие беа избрани за најповолни понудувачи на вчерашната лицитација што ја организираше Министерството за транспорт и врски за закуп на вкупно 15 плажи. Највисока цена беше понудена за плажата „Куба либре“, вкупно 636.480 денари. Околу 300 денари помалку ќе плаќа закупецот за плажата „ТД Бела Виста 2011“. Министерството прифати за плажата „Канео – Потпеш“ закупецот да плаќа надомест од 114.570 денари, додека, пак, за „Кадмо“ беше понудена цена од 429.840 денари. На лицитацијата, најниска цена за закуп беше понудена и прифатена за плажата „Канео – Извори“, во висина од 46.620 денари.
Понудените цени, всушност, ќе бидат годишна закупнина на плажите кои се дадени на концесија во период од две години. Почетната цена за закуп изнесуваше 80 денари за квадратен метар.
Очекувано, како што коментираат охриѓани, на лицитацијата имало интерес само за најатрактивните плажи од понудените 15. За останатите немало заинтересирани, бидејќи важеле истите услови и цена, иако некои од нив се наоѓаат на неатрактивни локации, а немаат ни можност да работат и како кафулиња, што е случај со петте плажи кои се во градскиот дел на Езерото.
Од Министерството за транспорт информираат дека најповолните понудувачи имаат обврска да ги отворат плажите на 1 јуни, да ги опремат со тушеви, санитарни јазли, лежалки и да бидат попесочени. Според насоките и упатствата за уредување на плажите, велат од Транспорт, закупецот е должен да овозможи слободен влез за посетителите, а при планирање на просторот да води сметка 40 до 60 проценти од плажата да биде слободна за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити.
Инаку, за плажите за кои вчера немаше интерес за закуп, Министерството денеска ќе распише нов јавен повик со истите услови. (Дс.Т.) |