Фотографија
За вашите дигитални спомени

Никола Бурагев
Во морето на понудата на дигитални фотоапарати наменети за корисниците што тежнеат кон што е можно поквалитетни фотографии, без желба претерано да се заморуваат со нагодувањата на уредот, ви издвојуваме неколку модели вредни за внимание. Моделите што ги тестиравме ги одликуваат пристапни цени во однос на перформансите што ги нудат. Ги карактеризираат квалитетна изработка, компактни метални и пластични куќишта, како и остри фотографии со одлични бои. На вас е да изберете за кој модел ќе се определите, во зависност од потребите и финансиските можности.
Canon A-490
A-490 е наменет пред се за луѓе кои за евтина цена сакаат да ги фотографираат моментите од летувањата или родендените на своите најблиски. Куќиштето е изработено од пластика со солиден квалитет, а за убавиот дизајн придонесува комбинацијата од сребрена и црна боја. Стандардните копчиња за навигација и контролата на опциите при сликање се сместени десно од LCD екранот, чија дијагонала е 2,5 инчи. Објективот е потпишан од самиот производител и има оптички зум од 3,3х (37-122 мм еквивалент). Сепак, овој модел остана без оптичка стабилизација на сликата во цел на намалување на трошоците на производство. Што се однесува до режимите на фотографирање, овој модел во потполност се потпира на автоматиката и предефинираните сцени (вкупно ги има 15).
Со квалитетот на фотографиите овој модел прилично не изненади, имајќи ја во вид класата на која припаѓа. Сликите се остри, блага заматеност се забележува по аглите, додека боите се нагодени за споменатата целна група корисници, поточно се нешто поизразени, посебно црвената. Експонираноста е рамномерна и доста задоволителна. За солидната брзина на работа и внатрешната и внатрешната обработка на фотографиите задолжена е претходната генерација на DIGIC III процесорот. Кога се во прашање полошите светлосни услови и ноќните фотографии, губитокот на деталите и појавата на шумот се доста изразени на вредностите поголеми од ISO400, па поради тоа тие повисоки нагодувања не би требало да се употребуваат, освен во итни ситуации. Цена: 6.990 денари (подарок торба, полнач и картичка 2 GB)
Panasonic Lumix FP-8
Одите на одмор, ви треба добар туристички фотоапарат, но не можете да потрошите многу пари на него? Веројатно Panasonic не е прво на што сте помислиле, бидејќи не го гледате на билборди, но Panasonic е бренд кој секогаш знаел да понуди многу за малку пари. Тие први ја воведоа оптичката стабилизација како „default“ опција кај сите модели (вклучувајќи ги и нискобуџетните), металните куќишта се стандардно присутни, а благодарејќи на извонредната Leica оптика, Panasonic отсекогаш беше за чекор пред конкуренцијата кога е во прашање широчината на аголот кај минијатурните апарати.
Солидното метално куќиште оддава впечаток за фотоапарат од класата на стилизираните модели, широчината на зумот кој се движи од 28 мм ви дава доволно простор во кадарот да опфатите се што сакате, а распонот од 4,5х е поголем од она што поголемиот дел од конкурентите со слична цена го нудат. Уште еден куриозитет е снимањето на видео-клипови во резолуција 1280х720, што денес е воглавно резервирано за моделите над 200 евра.
Panasonic држи до механичките преклопници, така што и на FP-8 постојат два: за вклучување и за префрлање од модот за фотографирање во модот за преглед. „Интелигентната“ автоматика (iAUTO) функционира добро, a на корисникот му нуди и некои прилично егзотични можности, како што е AF tracking – можност фокусот да го „заклучите“ на некој објект во кадарот. Дури и во услови на послабо светло, апаратот изненадувачки лесно фокусира, што кај евтините модели не е баш секогаш случај. Цена: 7.990 денари
Nikon Coolpix S4000
Границата помеѓу аматеризмот и професионализмот се помести и во светот на фотографијата. Со дигиталните фотоапарати, денес, секојј може да направи фотографија со одличен квалитет, а уметничките резултати се работа на талентот. Nikon Coolpix S4000 е дигиталец наменет за секојдневно бележење на настаните, односно за секого. LCD екранот од 3 инчи (7,5 см) е чувствителен на допир и преку него можете да ги изберат сите нагодувања во согласност со потребите. Nikon S4000 поседува објектив со 4х оптички зум и 4х дигитален зум. Резолуцијата е нагодлива до максимални 12 мегапиксели Со поголемата резолуција можете да направите помал број фотографии, а бројот на сликите зависи од капацитетот на мемориската картичка која ја користите.
ISO чувствителноста може рачно да се нагодува до 3.200, а самиот фотоапарат поседува 16 различни сцени на снимање кои можете да ги прилагодите на условите во кои фотографирате. Ако сакате да снимите видеозапис, тоа е можно да се направи и во HD резолуција со звук и 30 фрејма по секунда. Coolpix S4000 поседува Li-Ion батерија која може да се полни и преку УСБ кабел, поврзан со компјутер или преку класичен струен адаптер. Дали S4000 е аматерски или професионален уред? Новите технологии и можности на напредни нагодувања ја прават таа граница се потешко јасно воочлива. Цена: 7.990 денари
Samsung ST550
ST 550 има секундарен LCD дисплеј на предната страна на уредот што досега не е видено на овој пазар. Во што е поентата? Овој дисплеј е наменет за беспрекорна контрола при правење автопортрет – наместо да целите приближно, можете прецизно да кадрирате и да го видите сопствениот израз на лицето. Што се однесува до основните техникалии, Samsung кај овој модел не потфрли. Оптиката почнува уште од 27 мм, што им дава на сопствениците одлични креативни можности, обезбедувајќи широко видно поле како за пејзажи, така и за фотографирање во мали простории.
Корисничкиот интерфејс е сличен како кај моделот ST1000 – од задната страна речиси целата површина ја зазема брилијантниот 3,5-инчен LCD екран чувствителен на допир, со најголема резолуција досега видена на некој фотоапарат (1.152.000 пиксели), а интерфејсот е одлично осмислен за лесно користење и едноставен пристап до најчестите функции.
Перформансите се споредливи со конкурентските модели со позвучни имиња, нудејќи брз и прецизен фокус, face detect, кој има одличен одѕив и многу прецизно поставување на основните параметри на автоматиката. Во квалитетот на добиените фотографии не може да се воочи заостаток во однос на „горниот дом“ на ултракомпактната класа, додека шумот при повисока осетливост е во рамките на очекуваното. Цена: 11.990 денари
Canon SX120 IS
Третиот наследник на популарната серија SX, кој би требало да ја продолжи традицијата на новата класа ултразум модели. Тоа се уреди кои не се прескапи, а во спецификациите нудат поголем дел од карактеристиките со кои можат да се пофалат и многу поскапите модели, при што мислиме на одличен објектив и квалитетни фотографии. Помладиот брат овојпат брои 10 мегапиксели и поседува CCD сензор со големина Ѕ,5 инчи. Што се однесува до физичкиот изглед, претрпе минимални промени, односно и натаму е со класичен правоаголен дизајн со благо заоблување на горната страна. Стандардно, задната страна на апаратот ја прекрива LCD екран со дијагонала од 3 инчи и резолуција 230.000 пиксели, покрај кој се стандардните копчиња за навигација и контрола на опциите при сликањето. На горната страна се наоѓаат звучникот и интегрираниот блиц, кој рачно се подигнува доколку има потреба од него.
Како и претходниците, така и моделот SX120 поседува квалитетен Canon објектив со распон 36-360 мм (35 мм еквивалент), што претставува 10x оптички зум, со интегрирана оптичка стабилизација. Единствено што би сакале да видиме е поширок агол на објективот во споредба со трендот кај другите производители, како и кај останатите модели на Canon.
Генерално, квалитетот на фотографиите кај овој модел е одличен кога светлосните услови се добри. Многу добар контраст и експонираност на фотографијата, како и правилен приказ на боите. Во слаби светлосни услови, очекувано, опаѓаат и перформансите кога се прашање појавата на шумот, губитокот на детали и неправилноста на приказот на боите. Цена: 13.590 денари (подарок торба, полнач и картичка 4 GB) |