Мајката ги убивала бебињата во Франција

Убиствата се случиле меѓу 1989 и 2006 година, а сопругот на Доминк не знаел ништо за тоа
ЛИЛ - Доминик Котрез од северна Франција призна дека убила осум нејзини новороденчиња, но нејзиниот сопруг не знаел ништо за тоа, јави обвинителот од случајот. Котрез е под истрага за убиствата, што се случиле меѓу 1989 и 2006 година. Нејзиниот сопруг е ослободен без обвинение. Котрез првично се соочи со истрага за наводно прикривање на телата и непријавување на злосторства. Котрез (47) се соочува со обвиненија за доброволно убиство на бебињата.
Ставањето под истрага е првата фаза од кривичната постапка што може да доведе до обвиненија. Обвинителот побара обвиненија за непријавување на убиствата и криење на телата против Котрез, но истражниот судија во случајот се изјасни против тоа.
Останките беа пронајдени во селото Вилерс-о-Тертр, во близина на северниот град Лил, во средата. Доминик Котрез беше горда на куќата. Нејзината градина е како слика: таму нема никакви индиции - освен полициската лента на прозорците - за ужасната тајна што ја криела во гаражата на нејзината мала куќа. Обвинителот соопшти дека таа сега се соочува со осум обвиненија за убиство и можна доживотна казна затвор.
Котрез е активен член на заедницата, позната на сите како приврзана мајка и баба. Но, таа го загушила првото од тие осум деца во 1989 година, а последното во 2006 година. Таа не сакала да има повеќе деца, изјави пред полицијата, иако по професија е негувателка. Тврди дека премногу се плашела од лекари за да побара контрацепција.
Полицијата со кучиња трагачи ги пребара двете куќи во тивкото село, откако новите сопственици на едната куќа ја повикаа полицијата поради откривање на останки во градината. Куќата и' припаѓа на родителите на уапсената жена. Потоа полицијата направи претрес во другата куќа во селото - на уапсената двојка - каде што биле пронајдени телата на други бебиња.
Котрез рече дека знаела за бременостите, но таа не сакала повеќе деца и не сакала да оди на лекар заради контрацепција, изјави обвинителот на конференција за печатот. Котрез рече дека по првото тешко пораѓање поради нејзината голема тежина, не сакала веќе да оди на лекар. Таа била сама во текот на бременостите и при породувањата, истакна обвинителот.
Останките пронајдени во првата куќа биле завиткани во пластични кеси, додека другите шест тела биле пронајдени во гаражата на втората куќа, завиткани во херметички затворени пластични кеси, сокриени под различни предмети. (Би-Би-Си)
|