11.06.2012, 18:44 Брегот на Шпанија се распродава
Го викаат Коста катастрофа. Шпанското приморје е прекриено со стотици илјади нови куќи, а сега банките конечно ги пуштаат низ вода претприемачите и распродаваат нивни имот по многу ниски цени, наведува „Гардијан“.
Сите главни шпански банки отвораат интернет сајтови за недвижности за да се ослободат од новите куќи кои сега се во нивна сопственост нудејќи попуст и до 60 отсто во однос на почетната цена. Меѓутоа, многу експерти сметаат дека цените во Шпанија треба уште да се намалат и дека сегашните се далеку од реалните.
Servihabitat, сајт за недвижности на банката Каикса, им порачува на купувачите - Понудете цена...ние ќе ви одговориме за 24 часа.
Банкиа, група од седум банки кои неодамна поради финансиски проблеми побараа 19 милијарди евра помош од Владата, продаваат недвижности на сајтот BankiaHabitat. Моментно во тек е промоција на „пешки до плажа“ (andando a la playa) во која се нудат стотици станови и апартмани во близина на плажи по цени веќе од 39 илјади евра.
Во градежната експанзија во 2006 година, изградени се повеќе од 760.000 куќи. Изградбата оттогаш е намалена за 90 отсто, а банките кои се најдоа во неволја не можат да ги продолжуваат роковите за неплатени камати на огромните кредити кои ги дале на претприемачите.
Многу од банките нудат по поволни кредити во висина од 95 отсто или дури и 100 отсто од цената доколку купувачот сака да ја плати првобитната „надувана“ цена.
Михала Маркусен од Сосиет женерал групацијата, очекува оваа година намалување на цените за 15 отсто додека Вилем Бајтер од Сити банка смета дека Шпанија, што се однесува на пад на цени на недвижности, минала само половина од патот.
Дел од локалните медиуми јавуваат дека постојат и т.н. ловци на распродажби, кои нудат ултраевтини цени за недвижности и поволни кредити и масовно одат во Шпанија за да купуваат по ниски цени. Но, многу згради се изградени од евтин и неквалитетен материјал често со кршење на прописите во врска со потребните дозволи. |