13.09.2012, 14:06 „Трето полувреме“ е годинешен кандидат за „Оскар“

Во конкуренција годинава беа и филмовите „Жената која ги избриша солзите“ на Теона Стругар Митевска и „Скопје Ремикс“ на група режисери (во продукција на „Ново македонско видео“)
Филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски (во продукција на „Кино око“) е годинешен македонски кандидат за наградата „Оскар“, избран од комисијата на Друштвото за филмски професионалци на Македонијава, асоцијација овластена од страна на Американската академија за филмски науки и уметности.
Во конкуренција за избор на националниот македонски кандидат за „Оскар“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, годинава беа и филмовите „Жената која ги избриша солзите“ на Теона Стругар Митевска (во продукција на „Систерс енд Брадр Митевски“) и „Скопје Ремикс“ на група режисери (во продукција на „Ново македонско видео“). Својата кандидатура од технички причини навремено ја повлекол филмот „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски (исто така во продукција на „Кино око“). (К.Р.)
|