Поправен дефектот во РЕК „Битола“
Битола - Отстранет е дефектот на вториот блок на термоцентралата на РЕК „Битола“. По речиси два дена прекин и испад од електроенергетскиот систем, вториот блок повторно е вклучен во производство. Ова го потврдуваат од ЕЛЕМ додавајќи дека проблемот е надминат и уште завчера доцна вечер блокот е ставен во функција.
Оттаму негираат дека испадот на еден од блоковите на РЕК „Битола“ може да предизвика недостиг од електрична енергија во државата, иако од трите блока чадеше оџакот само на третиот блок. По испадот, стожерот на електроенергетскиот систем на државата функционираше само до 225 мегавати на час електрична енергија, а има капацитет за производство на 675 мегавати на час кога се вклучени трите блока.
„Зафатот на вториот блок беше мал и за многу брзо време е решена ситуација. Сега во погон се двата блока, а првиот е веќе влезен во процес на модернизација“, вели Мирче Котевски, портпарол на ЕЛЕМ.
Првиот блок е исклучен од производството во почетокот на неделава што изминува, при што се започнати работите за негова модернизација. Тоа ќе значи замена на основните погонски делови на блокот - турбините, како и модернизација и ремонт на генераторот што би требало да го продолжи векот на работа на блокот за најмалку две децении. Од ЕЛЕМ тврдат дека проектот за модернизација на блоковите ќе трае три години, но убедуваат дека активностите нема да се одразат врз снабдувањето на граѓаните со струја. (А.Б.) |