Број 3017  вторник, 23 јуни 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Втора страница

Што ќе прелистуваме - весник или Интернет?

Дали пајаковата мрежа на Интернетот ќе ги прати во историјата печатените медиуми и ќе ги загрози електронските

Светлана Унковска

Кога се појави радиото, се прогнозираше дека таквиот брз начин на информирање ќе ги згасне весниците. Кога потоа се појави и телевизијата, тогаш се прогнозираше дека овој медиум со слика и тон ќе ги затвори и радиото и весниците. Но, досега не се случи тоа. Со новата форма на комуникација и информирање – Интернетот, повторно се поставува истото прашање - дали новите технологии на достапност на информации ќе ги пратат во историјата печатените медиуми и во голем дел ќе ги загрозат електронските.

Имаат ли иднина весниците, радијата и телевизиите? Можат ли да ги издржат новите технолошки промени манифестирани главно преку Интернетот, но и преку другите електронски форми, како што се сателитските и кабелските комуникации? Ова се дилеми и прашања со кои се преокупирани медиумските стратези.

Дополнителен и, се чини, најсилен удар и за домашните и за светските медиуми задава економска криза со глобални размери, што ги натера многу светски медиумски брендови да ги скратат трошоците и да се снаоѓаат како што умеат. „Њујорк тајмс“ се откажа од комоцијата и прв пат во својата историја реши да издава неколку катови од својата нова блескава зграда за да ја ублажи финансиската криза. Исто така, објави и реклама на насловната страница, што никогаш претходно не го направил. Голема загриженост за опстанокот на медиумите во оваа криза покажуваат американските авторитети кои се ставаат во одбрана на овој, како што се нарекува, „проблематичен бизнис“, а конкретно весниците кои се и први на удар веќе се третираат како „загрозен вид“.

Владата на Франција, за да го ублажи ударот врз печатените медиуми, обезбеди зголемување на и онака високите субвенции. Настојувајќи повеќе да им помогне во финансиските тешкотии, на младите од 18 до 24 години им понуди бесплатна едногодишна претплата на омилените весници и таблоиди. Синдикатите предвидуваат дека со таа акција ќе се остварат 200 илјади претплати со потенцијал да се стигне дури до 750 илјади млади и ваквата мерка француската влада ќе ја чини околу пет милиони евра годишно, а целиот пакет-мерки што го планира за помош на медиумите изнесува околу 200 милиони евра.

И додека голем дел од светот покажува загриженост за опстанокот на медиумите по ударите на економската криза, во Македонија тие не само што се соочени сами да се справуваат за опстанок туку ги притискаат и новите и брзи развојни технолошки процеси. Медиумите во земјава ќе мора паралелно да се борат со проблемите со финансирањето и истовремено технолошки да се доразвиваат барајќи ги новите форми на информирање.

Професорот по новинарство, Живко Андревски, вели дека медиумите и натаму ќе бидат во центарот на настаните и ќе се приспособуваат кон тоа што го бараат општествените услови. Тој со оптимизам гледа на нивниот опстанок, што значи дека пак ќе има место и за печатот, и за радиото, и за телевизијата.

„Веројатно не е голем проблем и е можно да се најдат решенија медиумите и во криза точно да го определат своето место и да ги искористат шансите како простор во кој ќе се доразвијат. Медиумите се составен дел на најударната, најсовремената и на идната историја и мора да ги има. Во кои форми и на кој начин, како тие ќе се доприспособат да бидат колку што е можно подобри во однос на себе и во однос на тоа колку што е можно повеќе да му нудат услуги и полза на општеството - тоа е прашање на нив самите“, вели професор Андревски.

Можеби конкуренцијата меѓу медиумите е ограничена, но внатре во самиот медиум таа е неограничена. Значи, секој весник, радио или телевизија може во своите рамки да се доразвива неограничено, но медиумот како истражувачки зафат треба да ја открие новата форма и потребната трансформација. Минатото покажало дека медиумите отворале и ќе отвораат нови епохи во начинот и формата на информирање. На младите генерации секојдневие им се компјутерите и Интернетот, што покажува дека сепак претстои едно приспособување и преструктурирање кон нивните потреби.

„Претпоставувам дека она што се трендови или, пак, истражување е дека се' поголем број дневни весници ќе одат на Интернет, само треба да бидеме доволно мудри и да ги видоизмениме, и содржински и технички, според потребите на генерациите што доаѓаат. Не велам дека нема да има класични медиуми, но тренд е содржините да бидат на веб-страница, а тие што ќе сакаат да прочитаат и да анализираат некоја статија, ќе си купат весник од трафика“, вели Жанета Трајковска од Македонскиот институт за медиуми.

Во светски рамки, според одредени истражувања, се покажува дека бројот на читателите на весници и на оние што слушаат информации на радио опаѓа за сметка на се' побројните посетители на Интернет, како и на публиката на кабелската и сателитската програма. Во Македонија нема податоци од вакво истражување, најверојатно, и поради тоа што Интернет-изданијата на весниците се пресликана копија на печатеното издание.

Во трката со времето треба да влезат и печатените медиуми кои имаат можност преку онлајн-изданијата актуелно и навремено да информираат и на некој начин да ги стигнат телевизијата и радиото како едни од најмоќните медиуми. Истовремено преку своите печатени изданија на читателите да им се пласираат аналитички и истражувачки содржини, како и коментари кои, исто така, можат да бидат ставени на Интернет, но пристап до нив да има само преку регистрација.

Напредок во оваа смисла има во телевизијата А1, која на својата страна има целодневни ажурирани вести кои постојано се достапни, додека за поексклузивните видеа, интервјуа, па и емисии е потребна регистрација, што значи и финансиски профит во бизнисот со информации.

„Ја користиме предноста на Интернетот да ги употребиме барем оние вести кои можеме да ги наречеме дневни вести што му значат на обичниот човек. Она што велиме дека е поексклузивно и кое знаеме дека нема да биде објавено на друг медиум или на друг сајт, генерално го чуваме за таква форма. Глобално, Интернетот секаде во светот носи профит и сега и рекламите се пренасочуваат на Интернет, но кај нас тоа е слабо развиено“, смета Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на А1.

„Македонија како да е во една приспивна фаза додека светот бара решение како да им се помогне на медиумите. Тие сега се наоѓаат во двојна криза – едната е онаа, нивната иднина во пајаковата мрежа на Интернетот, и втората, економската криза што го меле светот“, нагласува Љупчо Поповски, главен и одговорен уредник на „Утрински весник“. Тој вели дека вести и понатаму ќе се читаат, само прашање е преку каков медиум.

„Кога во секој момент на Интернет може да дознаеме што се случило во Буенос Аирес, во Манила, на Гренланд или во Скопје, главна улога на весниците ќе биде на читателот да му дадат длабинска анализа зошто дошло до тие настани и какви последици може да предизвикаат. Весниците веќе ја загубија трката со Интернет-порталите и телевизиите, но се' уште можат да бидат доминантни во толкувањето на настаните. Тоа изгледа едноставно, но е неверојатно тешко да се направи“, вели Поповски.

Со ова се согласува и главниот и одговорен уредник на „Дневник“, Сашо Кокаланов, кој вели дека со менувањето на формата на весникот се менува и неговата содржина и новинарството мора жанровски да се приспособува. Сепак, додава тој, суштината на новинарската работа ќе остане иста, критички да се опсервираат нештата што не' опкружуваат, да размислуваме за нив и да ги споделуваме нашите мисли со публиката, да ја откриваме вистината тогаш кога таа е заматена и да им ја пренесуваме на читателите.

„Главниот погон на весниците не се променил од Гутенберг наваму, а тоа се читателите. Затоа не треба да бидеме многу загрижени за иднината на весниците. Дали тоа ќе биде на хартија или електронски, дали ќе вртиме страници или ќе кликнуваме на глушецот за да поминеме од една содржина на друга е само прашање на формата“, вели Кокаланов. Според него, кризата што влегува на голема врата и има влијание во секој сегмент од нашиот живот не може да ги заобиколи весниците.

„Бизнисите, и покрај се', и натаму ќе имаат потреба од рекламирање и огласување и никој не може да си дозволи сосема да се откаже од маркетингот. Исто така, и луѓето нема сосема да се откажат од читањето весници. Но, медиумите треба да смислат начин како да ги привлечат и тие што ќе бидат поуспешни во тоа полесно ќе ја преживеат кризата. Но, повеќе загрижува тоа што во услови на недостиг од пари можно е сопствениците на медиумите да потпаднат под нечии влијанија и интереси за да преживеат, но тогаш ќе настрадаат објективноста и професионалноста, што никако не смее да се дозволи“, предупредува Кокаланов.

Но, Интернетот како бизнис е главна преокупација на некои портали, а меѓу првите кои речиси една деценија се на пазарот е „Он-нет“. Иако не се работи за класично информирање со дневни актуелности, туку централно е насочен кон забава, занимливости, па и вести кои информативните куќи ги прескокнуваат, може да се пофали дека финансиски добро профитира со реклами и посетеност.

„Печатените медиуми во Македонија треба да разберат дека тоа што го ставиле денешното издание не значи дека имаат Интернет-издание, туку копија на тоа што го нудат на хартија. Медиумите треба да сфатат дека е потребно да го градат своето е-реноме, паралелно со она печатеното. Не може весник цел ден да има едно менување на содржината или уште полошо на страница на магазин цела недела или месец да стои едно издание. Стручниот поим за ова што се прави е - архива, а она што треба да се научи е - мултимедија“, коментира Љупчо Јуруковски, заменик-уредник на порталот.

Отворањето на новите поглавја во информирањето, секако, ќе предизвика удар на многу медиуми, барем на оние што нема навреме да го фатат моментот на трансформација. Застарените видови кои нема да одговараат на новото супербрзо темпо на живеење само ќе заостануваат во однос на новите технологии и затоа медиумите мора поскоро да се приклучат во новите текови на информирањето.


#
Статијата е прочитана 685 пати.

Испрати коментар

Од: maki
Датум: 23.06.2009 14:42:53
Интернет се разбира!

Најди! во Утрински
Втора страница
„Роман на годината“ - литературен „Оскар“
Електронско издание
Ја чуваат, а исчезнува!?
Како пропадна промената на светот
Кој ќе преживее - ќе пишува
„Утрински весник“ и револуцијата на имбецилите
Танатос ме гледа
Првото десетлетие со „Утрински весник“
Десет години потоа
Загубена политичка невиност
„Утрински“ за Трпчески - Трпчески за Македонија
Како се станува моќна компанија
На работ од социјална бездна
Лудилото на филмските фестивали
Македонија доби нови места за аџилак
Десет години исчекувања
Сјајот на Москва и бедата на провинцијата