Број 3347  сабота, 31 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Спорт

Идову со личен рекорд до европската титула во трискок

Британецот Филип Идову со скокот на својата кариера го победи големиот фаворит Теди Тамго од Франција во финалето во трискок на 20. Европско првенство во атлетика што се одржува во Барселона од 27 јули до 1 август. Французите веднаш добија утеха кога десеттобоецот Роман Бара, кој влезе со предност од пет поени во последната дисциплина (1.500 м), се одбрани од заканата на најблискиот ривал Елко Синтниколас од Холандија во битката за титулата. Германија, пак, стигна до своите први злата на шампионатот благодарение на неочекуваниот триумф на Линда Штал во фрлање копје и на Ферена Зајлер на 100 м.

Светскиот шампион Идову беше „приземјен“ од вирус годинава и се мачеше да ја достигна својата најдобра форма, но се' тргна во вистински правец на Олимпискиот стадион кога 31-годишникот во четвртиот обид постигна личен рекорд од 17,81 м на огромно одушевување од публиката. Додавајќи ја европската круна на својата светска титула, Идову веднаш го тргна од мислите златото што недостигаше во неговата колекција.

„Јас сум добар атлетичар. По светската и европската титула сега ми недостига само уште една - олимписката“, изјави вицешампионот од Пекинг. „Моите подготовки за првенството не беа најдобри, но многу сум среќен што бев способен да скокам константно денеска. Знаев дека тоа ќе биде тешка задача. Теди беше извонреден цела година и знаев дека веројатно ќе ми треба личен рекорд за да победам“.

Додека времето се расчистуваше по луњата со грмотевици, Идову, лесно препознатлив по црвената коса и по пирсингот на лицето, јурна на залетиштето и ја отвори својата серија со импресивен скок од 17,46 м, кој му донесе водство што не го испушти до крајот. Тамго, кој го има најдобриот скок сезонава, но и со тазе залечена повреда на листот на ногата, најдалеку скокна до 17,45 м и се очекуваше да го освои сребрениот медал. Меѓутоа, олимпискиот вицешампион од Атина 2004, Маријан Опреа, во претпоследната серија скокна 17,51 м и изби втор.

„Во мислите не бев присутен тука, не знам зошто. Таков е животот. Тоа е се'“, изјави неутешниот Тамго на прес-конференцијата.

Бара го освои десеттобојот со вкупно 8.453 поени, 17 повеќе од Синтниколас откако финишира пред европскиот првак до 23 години во трката на 1.500 м. Белорусинот Андреј Краучанка беше трет.

Бара и Синтниколас беа еден до друг до последниот круг, кога Французинот со црни долги чорапи почна да бега, создавајќи доволно голема разлика меѓу него и неговиот ривал, која му овозможи да ја слави победата на рамниот дел од патеката.

„Се' уште не можам да ги поврзам зборовите ’Роман Бара‘ и ’европски шампион‘. Имаше многу работа и жртви“, со емоции тој ја опиша својата прва голема титула.

Штал ја предводеше Германија до еден-два победа во фрлање копје со личниот рекорд од 66,81 м во претпоследниот обид, со кој ја престигна светската рекордерка Барбора Шпотакова од Чешка, кој водеше уште од првата серија со 65,36 м. Олимписката шампионка Шпотакова, која никогаш ја нема освоено европската титула, потоа падна на третото место кога Кристина Обергфел го фрли копјето 65,58 м.

Спринтерката Зајлер и' го донесе на Германија второто злато вечерта, спречувајќи ја Французинката Вероник Манг да го повтори успехот на сонародникот Кристоф Леметр, откако со моќен финиш во трката на 100 м победи со време од 11,10 сек. Манг заостана само една стотинка, а нејзината сонародничка Мирјам Сумаре, ја освои бронзата.

Како што и се очекуваше, машкото финале во скок во височина се претвори во битка меѓу Русите Иван Ухов и Александар Шустов, кој го победи својот сонародник со прескокнатите 2,33 м во првиот обид, со што го израмни најдобриот резултат во светот годинава. Светскиот првак во сала Ухов мораше да се задоволи со среброто во натпреварувањето што почна под силен дожд, откако не успеа во својот прв обид на 2,33 м, за потоа два пати да ја урива летвичката на 2,35 м. Британецот Мартин Бернард со подобра серија ја собра бронзата пред Швеѓанецот Линус Торнблад, откако обајцата прескокнаа 2,29 м.

Французинот Јохан Дини триумфира на 50 км брзо одење со време 3:40,37 ч., пред Гжегорж Судол од Полска и Сергеј Бакулин од Русија.


#
Статијата е прочитана 184 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Со Грин по стартна победа во Украина
Работнички бескрвен, Ливерпул рутински
Маса на местото на несреќата
Хирвонен тешко излета во Финска
Почнува новото првенство на Македонија