Број 3347  сабота, 31 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Спорт

Работнички бескрвен, Ливерпул рутински

Гостите лесно славеа против македонскиот вицепрвак со 2:0 во првиот меч од третото коло на Лига Европа

Сашко Ѓ. Димовски

Квалитетот на еден фудбалски натпревар обично се гледа низ призмата на возбудливоста што ја нудат актерите на теренот, играта, создадените шанси, потезите за око, борбеноста и на крајот доаѓаат головите, иако токму за нив и се практицира и најважната споредна работа на светот. Кога сето тоа ќе изостане, тогаш во преден план излегуваат ситуации што немаат допирна точка со фудбалската игра. Во четвртокот на националната арена „Филип Втори“, во мечот меѓу Работнички и Ливерпул (0:2), го немаше она првото, па гледачите мораа да најдат каква-таква причина за полнење на душата, кога тоа веќе не го добија од македонскиот вицешампион и од англискиот гигант во летната вечер крај Вардар. Не беше тешко да се погоди кој ќе биде во центарот на вниманието во отсуство на квалитетна фудбалска претстава: грчкиот интернационалец и репрезентативец Сотириос Кирјакос. Секој негов контакт со топката беше проследен со концерт од свирежи од устите на околу 21.000 гледачи на обновената Јужна трибина и на Северната, за што и менаџерот на Ливерпул, Рој Хоџсон, посвети дел од прес-конференцијата.

„Публиката беше одлична. Дојде во голем број, но изгледа беше позадоволна кога Кирјакос играше со топката отколку од самиот меч воопшто. Не пропушти ниту една можност за да му свири на, можеби, нашиот најдобар поединец вечерва. Кирјакос е голем џентлмен, искусен фудбалер, прекален професионалец. Тој добро го поднесе сето тоа и не дозволи да се одрази во неговата игра, концентрација, залагање и однос на теренот“, рече Хоџсон со насмевка на лицето.

Вториот момент што го одбележа фудбалскиот спектакл на годината (не според играта, туку според името на противникот што гостуваше во Скопје) се случи во 75 минута. И тоа, исто така, не беше поврзано со настаните на теренот. Ако првиот момент беше од чисто политичка природа, вториот беше технички. Затаи дел од осветлувањето на Националната арена. Накратко откажаа дел од рефлекторите на Северна, и тоа оние што се насочени надолу, кон тунелите што водат во поттрибинските простории (на работ на покривната конструкција има два реда рефлектори - едните насочени кон тревникот, другите кон просторот предвиден за атлетска патека). Иако кратко, сепак, се почувствува намалувањето на квалитетот на условите за игра. Натпреварот, сепак, не беше прекинат и, за среќа на домаќините, тие набрзо се вратија во функција.

За причините за кусиот испад во осветлувањето никој не сакаше да говори по мечот, сите креваа раменици, се оградуваа од одговорноста. Добро, и ќе ги разбереме, проблемот е од техничка природа и не може да се влијае премногу врз него. Сме биле сведоци на исти или слични ситуации и на европските фудбалски терени, на своја кожа тоа го почувствува и македонската фудбалска репрезентација на гостувањето кај Шпанија во Аликанте во квалификациите за ЕП 1996, кога мечот имаше неколкуминутен прекин поради прекин во снабдувањето на стадионот со електрична енергија.

Конечно, доаѓаме до фудбалските моменти во долго очекуваниот меч меѓу Работнички и Ливерпул. Англискиот и европски великан забележа рутинска победа од 2:0 (двоен стрелец беше Давид Нгог во 17 мин. и во 58 мин.) во првиот официјален натпревар на „црвените“ под водство на новиот менаџер Рој Хоџсон. Тоа се единствените два момента во 90. минути во четвртокот што влегоа во новинарските бележници, а очекувањата беа далеку поголеми. Никој не очекуваше дека Работнички ќе го победи Ливерпул, но многумина очекуваа да видат барем жар од дебармаалци и борба во пораз, а не пораз без борба. Затоа, како завидно нивото на домашните фудбалери го оцени само тренерот Зоран Стратев. Кога виде колку е часот, публиката масовно почна да се упатува кон излезните врати на Арената. Од домашните, веројатно, повеќе очекуваа и претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и дел од министрите во македонската Влада во свечената ложа.

Да се разбереме (ова вази за суетните луѓе во фудбалот, кои ги има премногу и кои често пати мешаат баби и жаби, сметајќи дека само тие и никој друг се во право и однесувајќи се како да ги поставиле фудбалските темели во светот и ги измислиле правилата на играта), незадоволството е присутно. Не поради поразот, туку поради отсуството на борбеност, преголемиот респект кон противникот, воздржаноста, плашливоста. Стратев пред мечот рече дека постојано ги советувал фудбалерите да излезат на теренот и да уживаат. Но, тие не уживаа. Психолошки беа преоптоварени од можен висок пораз, можеби им се пресекоа нозете кога го разбраа резултатот од Борас, Шведска, меѓу Елфсборг и Тетекс, па потсвесно ја имаа „петардата“ на тетовци во глава. Општа е констатацијата дека Работнички се однесуваше пререзервирано на теренот, иако против себе имаше состав на Ливерпул кој со ваква физиономија ќе може да се види само во натпреварите од англискиот Лига куп (не Ф.А). Дома останаа Стивен Џерард, Фернандо Торес, Џејми Карагер, Џо Кол, Хавиер Маскерано, Глен Џонсон, Дирк Кујт, Пепе Реина. Па, Хоџсон во Скопје се потпре на играчи без голема минутажа лани, добар дел од нив имаа едвај неколку средби во првиот тим, без големо меѓународно искуство и без многу можности да играат пред толкава публика. Но, стартерите Спијаринг (има 21 година), Кели (20), Амо (19) и Дарби (22), Дала Вале (19), Еклстон (20), кои влегоа од клупата, не покажаа трема, страв, не дозволија да им се „фатат“ нозете. За волја на вистината, никој и не им вршеше притисок, се разбира, во спортска смисла, на теренот.

„Ова беше огромно искуство за многумина од моите играчи. Дел од тимот со кој допатував овде одигра само неколку меча со сениорите лани, а имав и играчи кои пред неколку недели се вратија од одмор. За да се излезе на терен и да се одигра ваков меч е голем товар за нив, но тие го сторија тоа и имаа одговор за секоја замисла на противникот. Тоа прави да се чувствувам задоволен од играта и од резултатот“, рече Хоџсон и додаде: „Кога ја презедов работата во клубот, ги имав предвид сите очекувања на навивачите и на јавноста што ќе морам да ги понесам на грб во секое време. Јас сум подготвен за тоа, затоа и го прифатив предизвикот во Ливерпул. Ја знаев ситуацијата и важен проект пред мене ќе биде да се создаде тим што ќе може да одговори на таквите очекувања“.

По мечот реален беше и Стратев.

„Видовме со кого имаме работа. За да се спротивставиме на големите екипи треба уште многу работа и вложувања. Мора да потенцирам дека Ливерпул е едно од најголемите европски и светски имиња. Денеска не настапи во својот најдобар состав, но сите што играа се потенцијални првотимци и никако не смее да се гледа дека тие дошле со втор состав. Тие фудбалери се селектирани од Ливерпул и играат за клубот. Не може да се каже дека Шкртел, Агер или Дала Вале се играчи од трета класа. Не знам зошто се создаде фама дека противникот дојде со втора екипа, со младинци, а сите тие имаат милионски договори. Дел од нашата јавност мисли дека ние сме не знам што. Треба да се погледне за колку пари играат фудбалерите овде, во какви услови работат, па потоа да се говори за резултати. Затоа, мислам дека ова што го прикажа Работнички е на завидно ниво. Атмосферата беше величествена, љубителите на фудбалот покажаа дека ја сакаат оваа игра и се надевам дека во иднина ќе имаме повеќе вакви можности за полн стадион“, изјави тренерот на Работнички.

Гостувањето на Ливерпул, за кое наголемо се пишуваше деновиве, заврши. Слабата, бескрвна игра на анемичниот Работнички наскоро ќе се заборави, но ќе остане споменот на 29 јули, кога во Скопје дојде 18-кратниот шампион на Англија и петкратен првак на Европа. Ние, веројатно, уште долго ќе останеме во нашето фудбалско сивило и препукувања кој е во право, а кој не, кој е добриот, а кој лошиот. И додека ние се обидуваме да ја лоцираме причината за проблемот (најчесто го бараме во погрешна насока) по која ќе бараме солуции за да ги направиме последиците што е можно побезболни и поподносливи, светот ќе си ја брка работата, ќе вложува, ќе лоцира таленти, несебично ќе работи со нив за во иднина да оствари профит (согласни сме дека фудбалот е повеќе од игра, дека фудбалот е бизнис). А, ние ќе се оддалечуваме педа по педа, од година во година мислејќи дека со импровизации ќе го надмудриме светот, продавајќи фудбалска памет, и со нетрпение ќе очекуваме по еден годишен блесок на нашите фудбалски колективи, кои со малку среќа во ждрепката ќе ни овозможат нова фудбалска гордост - да можеме да гледаме гигант во главниот град. За жал, во последните години тоа му успева единствено на Работнички.

Работнички - Ливерпул 0:2



Полувреме: 0:1. Национална арена: „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 21.000. Главен судија: Антонио Дамато. Помошници: Никола Николети и Еспедито Марко Мусолино (сите тројца од Италија). Стрелец: Нгог во 17 и 58 минута за Ливерпул.

Работнички: Богатинов, Секуловски (Адем ’44), Фернандо, Белица, Димовски, Тунески (Петковски ’78), Тодоровски, Глигоров, Зе Карлос (Мојсов ’57), Силва, Вандеир. Тренер: Зоран Стратев.

Ливерпул: Кавалиери, Шкртел, Кирјакос, Спијаринг, Агер (Дарби ’72), Кели, Јовановиќ, Леива, Амо (Еклстон ’84), Аквилани (Дала Вале ’83), Нгог. Тренер: Рој Хоџсон.


#
Статијата е прочитана 1163 пати.

Испрати коментар

Од: dedo dimo
Датум: 31.07.2010 11:06:15
Sashko mnogu preteruvash i se pravish ekspert a za drugi zboruvash Te molam ne ti treba tresenje mnogu .Rabotnichki navistina e sreken shto izgubi so samo 2-0 i od ftoriot tim na LIVERPUL. Eden nivni igrach od rezerva ili ftor tim mozda vredi kolku za cel Rabotnichki e tuka e razlikata .I ako Rabotnichki izgubi samo so 2-0 toa e pak uspeh..Barenm igraa so eden od Najdobrite Evropski timovi .
Од: talent
Датум: 31.07.2010 15:49:31
Od Uplasenite domakini ne spomna deka ne postoese nikakva vrska taktikata na stratev 4:3:3, i deka toa u stvari bese nekoja varijanta na 4:5:1, i deka niednas i pri retkite probivi nemase komu da mu se dodade topka, sreka gostite ne sakaa da ne napolnat ako igraa poofanzivno,. Kade e Losata organizacija na vlez vo stadinot, na timovite licenca za uefa treba prvo za to da im se dade, i zasto ne e spomnato deka sise voda kostase 250 denari i deka odenje vo talet e samo za najhrabrite i aj smenete sema so ovie dosadnive izvestai smislete nesto novo

Најди! во Утрински
Спорт
Со Грин по стартна победа во Украина
Идову со личен рекорд до европската титула во трискок
Маса на местото на несреќата
Хирвонен тешко излета во Финска
Почнува новото првенство на Македонија