Маса на местото на несреќата

Бразилецот во преден план пред трката на Хунгароринг в недела, каде што лани тешко настрада
Фелипе Маса од Ферари има многу причини за да биде благодарен што в недела ќе учествува во трката за Големата награда на Унгарија, иако неговите шанси за титулата сезонава во Формула 1 и репутацијата претрпеа тежок удар. Бразилецот целосно закрепна физички од повредите на главата опасни за животот што ги доби минатата година на Хунгароринг и има намера лично да им се заблагодари на сите што му притекнаа на помош по тешкиот инцидент во квалификациите.
„Мојата прва средба кога ќе дојдам на патеката ќе биде со сите редари и со медицинскиот персонал што толку добро си ја заврши работата, внимателно извлекувајќи ме од кокпитот“, рече тој пред поаѓањето за Будимпешта. „Сакам да им се заблагодарам на тие луѓе, спрема кои сега имам посебни чувства“.
Наспроти оздравеното тело, последната трка во Германија му нанесе на Маса нов психолошки удар, кој можеби ќе биде потешко да се надмине. Тој сега се соочува со тоа дека ќе биде гледан како, де факто, втор возач на Ферари, токму како неговиот сонародник Рубенс Барикело во однос на Михаел Шумахер, откако се истави и му допушти на тимскиот колега Алонсо да го престигне и да победи на Германското гран-при во неделата во Хокенхајм. Вревата околу ненадејната употреба од Ферари на забранетите тимски наредби го остави Маса, вицешампион од 2008 година со само еден поен помалку, изложен на критики за тоа што го направи потегот премногу очигледно, како и за тоа што беше толку услужлив.
„Луѓето сега ќе го гледаат како ’човек да‘, кој ги исполнува желбите на друштвото“, вели поранешниот возач на Мекларен и на Ред бул, Дејвид Култхард, кој и на своја кожа ги има почувствувано сличните наредби во кариерата. „Можеби се во право. Тимски играч или дворски шут? Линијата е тенка“.
Дури и без помошта од својот тимски колега, Алонсо повторно ќе си ги испорба шансите на патеката на која ја забележа својата прва гран-при победа како возач на Рено во 2003 година и на која стартуваше од пол-позицијата минатата година. Спротивно на тоа, Маса никогаш немал многу среќа на Хунгароринг, иако ужива таму. Во 2008 година иташе кон удобна победа пред да му откаже моторот неколку круга до крајот.
„Победувањето е извонредно чувство, така беше и во Хокенхајм“, изјави Алонсо, без воопшто да ги спомене контроверзните околности. „Победата не го менува мојот приод кон остатокот од сезоната“, додаде двократниот светски шампион, кој сега има 34 поени помалку од севкупниот лидер Луис Хамилтон од Мекларен. „Бевме наполно свесни пред Хокенхајм дека нашиот болид е многу поконкурентен и токму тоа ме направи толку самоуверен. Сега мораме да продолжиме во тој правец, почнувајќи од овој викенд во Будимпешта“.
Ред бул и Мекларен, со сите свои возачи во трка за титулата, исто така ќе се борат за победата во 12. трка од вкупно 19 сезонава, последна пред тринеделната пауза. Хамилтон има две победи во Унгарија, а светскиот првак и негов тимски колега Џенсон Батон својата прва победа во Формула 1 ја забележа токму тука како возач на Хонда во 2006 година.
„Болидот е доста добар“, изјави Батон, кој заврши петти во Хокенхајм и остана втор во вкупниот поредок со 14 поени помалку од Хамилтон. „Во Унгарија болидот треба да биде многу поконкурентен, но не знам колку. Навистина уживам во патеката, која е една од оние што би требало да му одговараат на болидот“. |