23.07.2012, 17:37 Предвреме заврши сезоната за Воениот базен

Популарниот базен „Бисер“ во општина Аеродром е затворен поради истекување на договорот со Министерството за одбрана
Бојан Шашевски
Се затвори базенот „Бисер“ во општина Аеродром, единствената алтернатива под отворено небо за разладување на граѓаните кои и летово немаат можност да отпатуваат и да се разладат надвор од градов. Како причини за нефункционирањето на популарниот и најевтиниот Воен базен од населбата Јане Сандански се наведува истекот на договорот за концесија меѓу Министерството за одбрана и фирмата „Бисер“.
Од Министерството велат дека се работи за договор за закуп од 2001 година за објект во касарната „Гоце Делчев“, односно за пливачки базен со површина од 1.647 квадратни метри, соблекувални со гардероби, санитарии, тераса и помошен објект за кои закупецот Александар Маниќ бил обврзан да плаќа закупнина од 500 евра месечно или 6.000 евра годишно. Договорот бил склучен за период од 10 години со можност да биде продолжен, но и да се раскине ако за тоа има потреба Одбраната на Македонија. Во 2007 година била оневозможена планска активност на припадниците на АРМ поради лошиот квалитет на водата, по што била поведена судска постапка за раскинување на договорот и ослободување на објектот за 30 дена, но оттогаш Маниќ воопшто не одговарал на известувањата.
„Министерството за одбрана во целост го испочитува законот и го врати во владеење имотот на Република Македонија“, соопштува Министерството.
Досегашниот закупец, Александар Маниќ, пак, вели дека, настрана од договорот, најверојатно се работи за бизнис-интереси на одредени личности кои ја забрзале работата за инстантно затворање на базенот, и тоа насред лето, иако сезоната траела некаде до крајот на август или почетокот на септември.
„Базенот е затворен по судско-извршно решение кое јас го водев со Министерството за одбрана. Но, има дополнителни бизнис-фактори. Иако коритото се' уште е полно со вода, комплетно го уништија и го руинираа околниот простор. Пред да биде земен и ставен во функција, а притоа во него да бидат вложени 200.000 евра, базенот беше запуштен и на негово место растеа патлиџани. Не знам што ќе се случува со базенот и локацијата“, вели закупецот Маниќ. |