09.05.2012, 12:21 Велешанец две и пол години ја силувал 24-годишната ќерка

Инцестот бил откриен неодамна, против него е поднесена кривична пријава за родосквернавење, а истражен судија му одреди едномесечен притвор
Четириесет и осумгодишен велешанец е осомничен дека со години ја малтретирал својата ќерка, принудувајќи да ја има сексуални односи со него. Инцестот бил откриен неодамна, против него е поднесена кривична пријава за родосквернавење, а истражен судија му одреди едномесечен притвор, по што е префрлен во истражниот затвор „Скопје“. Тој и предходно бил пријавуван за силување и за кражба, за што и бил во затвор.
Како што соопшти полицијата, хоророт во велешкото семејство се случувало во изминативе 2,5 години. Таткото ја принудувал 24-годишната ќерка на сексуални односи, заканувајќи и' се никому да не кажува.
Како што се дознава, велешанецот живеел со сопругата, синот и снаата, а ќерката била мажена и имала мало дете. Со своето семејство живеела на оддалеченост од околу 300 метри од татковата куќа. Нејзиниот сопруг често бил отсутен од дома бидејќи работел во странство. Вообичаено, таа постојано одела на гости дома или, пак, родителите доаѓале кај неа на посета. Никој не знаел дека при тие посети се случува хорор.
Од МВР соопштија дека 48-годишникот досега бил пријавуван за разни кривични дела. За силување веќе бил осуден на пет години затвор, додека за кражба добил четири месеци. Бил во затвор, ја издржал казната, излегол на слобода и повторно се судрил со законот. Овој пат во уште пострашна форма, уништувајќи го животот на своето чедо.
Медиумите веќе го нарекоа овој случај „Велешки Фрицл“, а јавноста памети дека ваков епитет му беше даден и на 42-годишниот велешанец, кој лани во декември беше осуден на 15-годишна затворска казна затоа што ги обесчестил своите три малолетни ќерки на возраст од три до седум години. Родосквернавењето беше откриено во 2010 година. Судскиот процес, со оглед на деликатноста на случајот, беше затворен за јавноста, но можеше да се дознае дека за обвинетиот беше побарано невропсихијатриско вештачење со кое требаше да се докаже дали во време на сторување на делата бил пресметлив, а во исто време одбраната побара негово полиграфско тестирање. Пред судот, таткото негираше дека е виновен.
Мајката потврди дека честопати била физички малтретирана од својот сопруг, но таа не знаела за сексуалната злоупотреба на децата, која траела со години. Инаку, по обелоденувањето на случајот, девојчињата, заедно со својата четврта сестра, која не била сексуално малтретирана, беа сместени во згрижувачко семејство надвор од Велес. Според информациите од надлежните, девојчињата добро закрепнувале од траумите. Центарот за социјални работи му го одзеде родителството право на таткото. (Г.А.)
|