18.04.2012, 16:10 Брисел со мерки против невработеноста

Меѓу мерките се воведување минимална плата, мобилност на работниците и отворање на пазарите на труд за Бугари и Романци
Брисел - Европската комисија ќе го претстави планот за борба со зголемената невработеност во Европа, изработен на барање на шефовите на држави и влади од ЕУ, објави интернет-страницата „тоутелеуропе.еу“.
Текстот, кој нема задолжителен карактер, содржи серија мерки меѓу кои воведување на минимална плата по сектори, мобилност на работниците и отворање на пазарите на труд за Бугари и Романци.
Ласло Андор, еврокомесарот за вработување, социјални прашања и социјално вклучување, смета дека прашањето за минималната плата е деликатна тема во Европа. Според Комисијата, пак, минималните плати кои не се премногу ниски, придонесуваат за борба против сиромаштијата и стимулирање на потрошувачката.
Во Европа осум проценти од работниците се сметаат за сиромашни доколку заработуваат помалку од 60 проценти од просечната плата во земјата. Во Германија само 70 проценти од работниците имаат гарантирана минимална плата, поради што Комисијата предлага да се воведе минимална плата по сектори, за нивна стимулација и зголемување на економскиот раст.
Комисијата предлага промовирање на идејата на вистински пазар на трудот на европско ниво. Идејата е да се координираат националните политики за вработување со буџетската политика. Брисел сака да ги охрабри владите да гледаат на пазарот на трудот во целина, а не само на национален план. За примена на оваа мерка, според Комисијата е потребно посоодветно признавање на дипломите, како и европска помош за невработеноста и стимулирање на меѓународната мобилност. (МИА)
|