Број 3347  сабота, 31 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Хроника

Нема бензин - нема судење!

Масовно се одложуваат пресуди и судења, бидејќи нема бензин за возилата за спровод

Иван Бојаџиски

ШТИП - Во основниот суд во Штип во четвртокот не можеше да биде изречена пресудата за Ферит Лазаревиќ од светиниколското село Немањица, осомничен за убиство на мајка си, бидејќи извршителот на злосторството, кој е во притвор во затворот во Прилеп, не можел да биде донесен во штипскиот суд. Причината е што затворот немал бензин за да може да го изврши транспортот на притворениот на релација Прилеп – Штип и назад!

Во потрагата по елементите на најновиот скандал што го потресува македонскиот затворски систем, бевме во штипскиот суд и во Основното јавно обвинителство откако претходно, од квалификуван извор, ја добивме информацијата за бизарната причина за одложениот судски процес.

Во Основниот суд во Штип не успеавме да се сретнеме со судијката Јулијана Неткова, која со петчлен судски совет го водеше процесот, бидејќи таа вчера заминала на одмор. Основниот јавен обвинител, Стојче Миланов, ни рече дека тие биле подготвени за завршниот ден од процесот за делото за кое е предвидена казна затвор од најмалку десет години, но од судијката биле известени дека судењето се одложува. „За причините за одложувањето не бевме информирани, а судот нема обврска да не' информира за причините и ние не знаеме зошто се случи одложувањето“, изјави вчера Миланов.

Судењето на Ферит Лазаревиќ се одржа во вторникот, а во четвртокот требаше да бидат изречени завршните зборови на обвинителството и на одбраната. Но, Лазаревиќ ќе остане во притвор се' до почетокот на септември, кога завршува летната ферија на судиите само затоа што затворот во Прилеп немал илјада денари за бензин!

Поради недостиг од бензин за возилата за спровод неодамна беше одложен и судскиот процес за братоубиството во Охрид. Причината за одложувањето беше идентична: обвинетиот не можеше да биде донесен од затворот во Скопје за да сведочи во охридскиот суд!

Најновата афера поврзана со македонските затвори доаѓа само една недела по посетата на министерот за правда, Михајло Маневски, на неколку казнено-поправни установи во земјава, меѓу кои и на штипскиот затвор. Тогаш министерот се пофали со уредени паркови, питоми животни кои шетаа низ дворовите, спортски терени и со кујна во која храната била како во секој пристоен ресторан. Новинарите негодуваа што немаа можност да ги видат затворениците и да ги прашаат како го чувствуваат животот во затворот. Министерот не кажа ништо за финансиските можности на нашите затвори. Новинарите требаше само да поверуваат во убавите зборови и на сопствените оцени на Маневски за одличните услови во затворите, што е еден од условите за влез на Македонија во ЕУ.

За овој скандал се обративме и до затворот во Прилеп. Оттаму бевме известени дека директорот бил на одмор. На нивното прашање зошто го бараме директорот и откако им кажавме за случајот, добивме одговор дека во затворот никој друг освен директорот не е надлежен да дава изјави.


#
Статијата е прочитана 1336 пати.

Испрати коментар

Од: marjan.pp
Датум: 31.07.2010 00:56:45
nema benzin? a voziloto lada niva na zatvorot cel den vrti niz gradot za privatni raboti,odnosno za agencijata za obezbeduvajnje vo koj udel ima soferot i gradonacalnikot.s t r a m o t aaaaaa

Најди! во Утрински
Хроника
Пет години затвор за обид за убиство
Четворица повредени во судир