Поезија и изложба на „Бит фест“
Вечерва во римскиот театар во Хераклеја во Битола, во 20.30 часот, по петти пат ќе бидат отворени „Хераклејските поетски свечености“, кои годинава прераснуваат во Меѓународен фестивал на поезијата во регионот на Балканот и пошироко. Ќе трае два дена, со учество на 30-ина поети од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, БиХ, Албанија, Украина и САД. Фестивалот кој е дел од манифестацијата „Бит фест“ предвидува промоција на ревијата за уметност„Поезија и тн“ и доделување на признанието „Мала Хераклејска лира“, за најдобрите млади поети покрај предвидената парична награда. На најдобриот поет од странство, градот и градоначалникот Владимир Талевски ќе му доделат награда на град Битола.
Утревечер (недела) во културниот центар „Магаза“ во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Хераклејски импресии“ на ликовниот уметник Панде Петровски.
Петровски е член на ДЛУМ, на ДЛУ-Битола и на Македонското научно друштво.
Од 1959 година досега тој се претставил на 25 самостојни изложби во земјава, во Србија, Шведска и во Австралија, а учествувал и на стотина групни изложби. Автор е на неколку книги на афоризми и хуморески, а соработувал со повеќе весници и списанија. Добитник е на повеќе награди. (К.Б.) |