Српската валута падна до нов рекорд
Белград - И покрај завчерашната интервенција на Народна банка на Србија од 20 милиони евра, динарот вчера по еднодневното заздравување, повторно ослабна во однос на еврото, и тоа за 26 пари, или 0,25 отсто. Така, официјалниот среден курс изнесуваше 106,2256 динари за евро, што е историски најниска вредност на српската валута во однос на европската. Централната банка завчера продаде 20 милиони евра од девизниот пазар за да ја ублажи дневната прекумерна осцилација на курсот.
Од почетокот на годината Централната банка на Србија има продадено вкупно 1,65 милијарди евра, пресметувајќи ја и вчерашната интервенција.
Во Народната банка на Србија вчера беше извршено примопредавањето на должноста гувернер на централната банка и притоа новиот гувернер Дејан Шошкиќ истакна дека еден од неговите приоритети ќе биде засилување на довербата во динарот и „финото нагодување на монетарниот систем“. (Ек.Р.) |