10.06.2012, 14:40 Коњот во филмот „До балчак“ не бил намерно убиен

„Погрдните зборови упатени кон режисерот Столе Попов укажуваат на тоа дека по секоја цена сака да му се наштети на овој проект“, велат од „Триангл филм“ во писмената реакција
„Веста која деновиве се објави во некои медиуми за тоа дека на снимањето на новиот филм на Столе Попов, ’До балчак‘, свесно е убиен коњ, е основана на тврдења на очевидци кои не се навистина запознаени со фактичката ситуација на настанот“, се вели во писмото на продуцентската куќа „Триангл филм“ кое пристигна во нашата Редакција по повод бурните реакции во медиумите и социјалните мрежи за наводното убиство на коњот за време на снимањето на филмот во селото Штавица, Прилепско.
Пред неколку дена, Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бараше затворска казна за режисерот Столе Попов поради „ѕверското однесување кон животните“. „Заклани кокошки, куче ѕверски убиено со копач на филмот ’Џипси меџик‘ и коњ усмртен со прекумерна доза на лекови за потребите на ’До балчак‘...“, е дел од реакцијата на активистите од „Анима мунди“ кои побараа да запре снимањето на овој филм.
Од „Триангл филм“ велат дека за потребите на конкретната сцена од филмот бил земен коњ кој требал да претставува стар, снемоштен и ранет коњ и бил пронајден со таков опис од физичко лице, а не од Зоолошка
градина. „Сопственикот на коњот, Пеце Пејчиновски, изјави дека коњот има слабо срце, проблеми со бели дробови и е на возраст помеѓу
32 и 34, што е еквивалентно на 105 години човечки живот. Значи, фотографијата што беше презентирана во медиумите - мртов коњ што лежи во крв е дел од филмската сцена во која коњот е полиен со филмска крв и воопшто не кореспондира со обвинувањата на некои медиуми дека коњот е малтретиран и притоа убиен. Одговорниот ветеринар кој беше присутен на снимањето потврдува дека коњот е третиран правилно, со сите претходно преземени заштитни мерки, но неговата здравствена состојба и старост довеле до трагични последици“, се вели во реакцијата.
Ветеринарот Љупчо Андревски, пак, вели дека животното, за жал, не ја издржало многу тешката конфигурација на теренот за снимање.
„Триангл филм“ официјално потврдува дека сите животни што се користат за снимањето на филмот имаат постојан надзор од ветеринар и за нив се грижат високостручни лица, дека животните се соодветно сместени и добиваат соодветна храна. Продуцентската екипа, како што вели во својата реакција, е вознемирена од несреќниот настан, но продолжува, „мора да се земат предвид фактите што укажуваат на тоа дека тврдењата ’коњот е свесно и намерно убиен‘ се извртување на вистината и шпекулации кои имаат цел да фрлат црна дамка на овој проект.“
„Користењето на овој ’голем новинарски наслов‘ со цел да се дискредитира едно уметничко дело е неетичко и неморално, а пред се' непрофесионално, како од страна на очевидците, така и од страна на некои медиуми што ја проширија веста“.
Од „Триангл филм“ велат дека за потребите на филмот досега биле искористени и во иднина ќе се користат уште многу други
животни со кои најодговорно тврдат се постапува на најхуман начин. „Ниту едно од нив нема да дозволиме да биде намерно повредено. Погрдните зборови упатени кон екипата на филмот, посебно кон режисерот Столе Попов, укажуваат само на тоа дека по секоја цена сака да му се наштети на овој проект“, велат од продуцентската куќа.
Снимањето на филмот „До балчак“, кое е во тек, почна пред еден месец. Новиот филм на Столе Попов е финансиран од државата со три милиони евра и се смета дека досега е најскапиот филм направен во Македонија. (Т.И.)
|