„Те сакам до крај“ - нова песна на Кристина Арнаудова

Поп-пејачката Кристина Арнаудова интензивно работи на својот нов албум што би требало да се појави на домашниот музички пазар во април 2011 година. Како најава за проектот деновиве на радиостаниците ќе биде пуштен првиот сингл во две верзии - македонска и англиска, „Те сакам до крај“, односно „Love you for life“, чиј автор е американскиот композитор и продуцент Мајкл Ли Џексон, познат по тоа што е најверен соработник на легендарниот Ијан Џилан од „Дип парпл“. Песната е комплетно отсвирена во живо со повеќе од 20 музичари во едно од најголемите студија во Лос Анџелес, додека вокалот на Кристина е снимен во Македонија во студиото „До ре ми“. Македонскиот текст го напиша Кристина, а финалниот микс на песната го направи Кокан Димушевски, кој ќе ја работи и финалната тонска продукција на албумот. Мастерингот на овој материјал му е доверен на еден од најпознатите тонски инженери во светот, Ник Благона, кој работел на албумите на „Полис“, „Дип парпл“, „Чикаго“... Кристина вели дека со овој сингл и' се остварил уште еден сон во однос на придружните вокали што ги пее афроамерикански госпел хор, но само на
англиската верзија. Продуцент на вокалот на овој сингл, како и на останатите на албумот ќе биде пејачката Тања Царовска. |