Со Грин по стартна победа во Украина

Во вторник, во Јужни, Македонија почнува во квалификациите за ЕП 2011
Наум Котевски
Двајцата Американци, кои од пред неколку дена се нови Македонци, Маркиз Грин и Бо Мек Кејлеб се појавија во „Александар Палас“ речиси половина час пред почетокот на последната прес-конференција пред кошаркарската репрезентација да отпатува во Јужни, на вторничкиот стартен квалификациски меч за пласман на ЕП во Литванија 2011 година. Седнаа скромно и со нормална доза на срам во последниот ред во салата, чекајќи го селекторот Марин Докузовски. И на тој начин и нему и на новинарите им ја демонстрираа својата сериозност и дисциплина. „Ова е шанса и за наша лична промоција и за промоција на Македонија. Ќе дадеме се од себе да ви помогнеме да играте на ЕП“, едногласни беа двајцата.
Токму поради нив и порасна оптимизмот кај сите во националниот состав дека Македонија може втор пат по ред да учествува на вакво големо натпреварување.
„Како што е познато имав големи проблеми со составот, особено на плејмејкерска позиција. По откажувањето на Вашингтон и на Илиевски само Мираковски е класичен плеј. Но и тој се повреди, па просторот за маневар беше мал. Пробав со Соколов кој не беше лош, но тоа не е неговата природна позиција“, почна со своите проблеми Докузовски и продолжи: „И Грин и Мек Кејлеб се квалитетни кошаркари. Едниот игра за Скаволини, а вториот беше фантастичен со Партизан во Евролигата, а сега е член на Монтепаски“.
Според правилата на ФИБА Докузовски за секој натпревар може да пријави само по еден Американец. „Со Украина ќе игра Грин. Тој одигра два меча во Охрид со Катар и моментно е поподготвен од Мек Кејлеб, кој има подолга пауза. За наредниот меч со Унгарија и тој ќе биде кандидат за првиот тим“, веднаш ја реши дилемата Докузовски, кој како селектор на Македонија веќе има искуство со Украинците.
Имено, со Украина досега сме играле два пати. Имаме по една победа и еден пораз. Двата меча под водство на Марин ги одигравме во квалификациите за ЕП 2001 година - во Скопје славевме со 84:58, а во Киев загубивме со 95:86. Тој натпревар практично беше директен дуел за пласман на ЕП во Турција, па ете сега шанса за комплетен реванш. „Украина е незгоден противник. Моите информации велат дека сега им се приклучиле и двајцата НБА кошаркари, Печеров 213 см. високиот играч на Минесота и Фесенко од Јута Џез, 212 см“. Станува збор за висока екипа силна под обрачите. Ќе мора да наметнеме побрза игра со Грин и да ги извлечеме надвор“, објаснува Докузовски, кој на прашањето дали инсистирањето на удари за три во подготвителниот период ќе биде „лајт мотивот“ на репрезентацијата и во квалификациите кажа: „Веќе реков дека имавме проблем со плејмејкер. Во таква ситуација тешко е да организираш игра за центрите и крилните повисоки играчи. Сега може повеќе да комбинираме“.
Докузовски во Украина ќе ги има на располагање сите кошаркари, освен Ристе Стефанов кој никако да го реши стариот проблем - воспалението на тетивите.
„Тоа е хендикеп. Тој нема да може да тренира уште пет шест дена. Па потоа ќе видиме за наредните натпревари. Но, очекувам товарот што ќе падне на Соколов, браќата Стојановски и сите останати да го издржат“.
Според капитенот Перо Антиќ, Македонија за разлика од настапот на ЕП во Полска е послаба за Врбица Стефанов но....„Во екипата владее огромно пријателство. Атмосферата е одлична и сите 12 играчи се капитени. Ова е шанса за младите кошаркари кои се перспектива за македонската кошарка да се докажат. На подготовките го дадовме максимумот. Не чека тежок месец во кој треба да ги одиграме сите осум меча. Подготвени сме за предизвикот“, потенцира Антиќ.
Да потсетиме Македонија за противници во групата покрај Украина ќе ги има и Унгарија, В.Британија и Унгарија. Според Докузовски доволни би биле шет победи, сите четири на свој терен и две во гости. Само првиот од групата обезбедува директен пласман, а дополнителна шанса ќе имаат и двете најдобропласирани екипи од трите групи.
Докузовски разочаран од односот на Илиевски
„Нема никого да молам да игра за Македонија“, вака селекторот Докузовски ја почна приказната за лошото искуство со Владо Илиевски, кој го откажа настапот поради, наводна, повреда.
„Со Илиевски неколку пати се слушав. Уште во јуни покажавме разбирање за неговите објективни семејни проблеми. Ништо не навестуваше дека ќе откаже. Но на осми јули ми се јави и ми кажа дека лекарите во Словенија му сугерирале дека едната нога му е послаба за 30 отсто и дека ако сака да продолжи да игра кошарка мора да паузира. Тоа ме зачуди, бидејќи пред тоа играше за Олимпија и беше прогласен за МВП. Тогаш немаше информации за никакви проблеми“, додаде разочараниот Докузовски, кој демантира дека Иливски се понудил да дојде во Скопје со цел овдешните лекари да го потврдат проблемот. „Тоа не е вистина. На никого не му кажал да дојде во Скопје. Вашингтон, на пример, откажа ама дојде тука и повредата се потврди со проверките кои му беа направени“. |