БП по Мексиканскиот Залив ќе дупчи во Медитеранот

Еколозите стравуваат од повторување на нафтената катастрофа што го уништи Мексиканскиот Залив
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Нафтената компанија БП најави дека во следните неколку недели ќе почне со работите за дупчење на морското дно во Медитеранот, трагајќи по нафта во заливот Сирта, во Либија. Станува збор за реализација на договорот за истражување и експлоатација на нафтата, во вредност од 900 милиони долари, што во 2007 година го потпиша компанијата со либиската влада.
Договорот го потпиша првиот човек на БП, Тони Хејворд, и тој тогаш беше оценет како најголемиот потфат на компанијата од тој вид, затоа што дупчењето на дното на морето кај либискиот брег ќе се врши на 1.750 метри. Тоа е 200 метри подлабоко од дупчењето извршено на платформата „Макондо“ во Мексиканскиот Залив, од каде што по експлозијата што се случи на 20 април годинава беше предизвикана досега најголемата еколошка катастрофа во САД. Веднаш потоа американската администрација воведе забрана за нови дупчења во овој залив на кој излегуваат јужните сојузни држави на САД, па големите компании се насочија кон подрачја во потрага по нови избори на нафта, а, пред се', кон Средоземно Море.
Владата на Италија побрза да издаде дури 21 дозвола за истражување и дупчење на морското дно околу Сицилија, а почетокот на реализацијата на „историскиот потфат“ на БП за дупчење на толку голема длабочина во либискиот крајбрежен појас ги натера еколозите да предупредат на опасноста што се надвиснува врз целиот овој проект. Еколошки експерт за лондонски „Фајненшл тајмс“ изјави дека стравувањето се должи на поставеноста и на ситуацијата во која се наоѓа Медитеранот. Според него, морето што е сместено меѓу европскиот и африканскиот континент и Блискиот Исток е како огромно езеро, на кое му се потребни околу 90 години за да ги помеша своите води со Атлантскиот Океан, поради тесниот премин кај Гибралтар. Токму поради тоа Медитеранот сега е едно од најзагадените мориња во светот, што е предизвикано од помалото, но редовно истекување на нафта што секоја година се случува кај постојните дупчалки и платформи, од рафинериите, нафтоводите или танкерите што ја разнесуваат нафтата.
Еколозите укажуваат дека една евентуална хаварија, проследена со еколошка катастрофа, како онаа во Мексиканскиот Залив, би била непоправлива за Средоземното Море. Безбедносното и еколошкото стравување уште повеќе се зголемува со тоа што дупчењето ќе се врши во земја каква што е Либија, каде што слободата на информирање и пристапот до информации се максимално ограничени, за да може да се јави и да се алармира навреме, доколку нешто се случи, како и затоа што доаѓа во услови на крајно нарушен углед на БП во светот.
Предупредувањата за можна катастрофа, уште пред да се почне со работата, најдобро покажува колку е урнато реномето на оваа голема и до неодамна богата и моќна нафтена компанија. Поради хаваријата во Мексиканскиот Залив, БП во вториот квартал од оваа година покажа загуба од 11 милијарди фунти, најголема во историјата на Велика Британија. Сега мора да продава дел од својот имот за да обезбеди 20 милијарди фунти за санација на последиците од хаваријата и за да ја плати штетата, а потоа под притисок однадвор мораше предвреме да се пензионира нејзиниот извршен директор Тони Хејворд, а за да им угоди на САД прв пат на чело на компанијата доаѓа еден Американец. Претставник на бордот на директори демантираше дека врз нив бил вршен притисок за кадровските измени во врвот, но во Лондон се потсетува на изјавата на претседателот Барак Обама, кој во едно интервју гневно порача дека кога првиот човек на БП би работел кај него, веднаш би го избркал од работа.
Конечно, целиот проект со Либија почнува во атмосфера на досега незабележан јавен притисок од САД врз една странска (мултинационална) компанија, за нејзината, наводна, вмешаност во еден стар политичко-судски случај, врзан за осободувањето на „бомбашот од Локерби“. Гневни поради она што го направи БП во Мексиканскиот Залив, Американците го искористија почетокот на реализацијата на договорот со Либија, за да ја обвинат компанијата (британските и шкотските политичари) дека зделката ја добила како компензација за пуштањето на слобода на Абдел Басет ал-Меграхи, осуден на доживотен затвор за учеството во терористичкиот напад од декември 1988 година, кога во експлозијата во патничкиот авион на „Пан Америкен“ беа убиени 270 луѓе, меѓу кои и 189 Американци.
Во САД се закажа истрага во сенатската комисија за надворешни работи, за „крвавата“ зделка на БП, која засега пропадна затоа што британските и шкотските министри одбија да одат на сведочење во Вашингтон, а одби да сведочи и се' уште актуелниот прв човек на компанијата Хејворд. Тој им возврати на некои американски политичари дека е неоправдано и претерано демонизиран во САД и почна да се подготвува за работа во Сибир, од оваа есен, кога ќе се повлече од сегашната функција. Некои Американци би сакале тој таму да биде испратен по казна, како што тоа го правеше Сталин, во време на своите политички чистки, но Британецот Хејворд таму ќе оди како претставник во заедничката компанија што во Русија ја имаат БП и еден руски нафтен конзорциум.
|