08.01.2013, 17:43 Ќе повлече ли нога ДУИ за реконструкција?

ДУИ прва стави на тест двајца свои министри - Арифи и Бејта. Дали следни на ред се министри на ВМРО-ДПМНЕ?
Александра М. Митевска
Политичка промоција или деградација? Што, всушност, значи најавата на ДУИ дека неколкумина нејзини функционери кои ги бранеа досега боите на партијата во Владата ќе се испробаат на локално ниво, на изборите за градоначалници?
На ова прашање се можни различни одговори, во зависност од тоа кој од кој агол гледа на селекцијата што ја направи ДУИ спроти новите избори и на тежината на министерката наспроти градоначалничката функција. Затоа пак, се речиси неподелени размислувањата во политичките кругови дека потезите на ДУИ, иако на прв поглед се чинат изолирани, навестуваат тивка реконструкција на владиниот кабинет.
Кадровско освежување на „Илинденска“, според наши информации, може да биде еден од обидите на владејачката гарнитура за премостување на политичката криза, која кулминира со опозициски бојкот на парламентот и со најави за изборна апстиненција, по што паднаа во сенка несогласувањата што неколку месеци тлееја меѓу партнерите во владејачката коалиција.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема најави дека некој од нејзините министри ќе се обиде во градоначалничката трка. Од партијата потсетуваат дека се објавени досега десет градоначалнички кандидатури, а за другите велат дека ќе се утврдуваат во наредниот период.
Сепак, ако премиерот Никола Груевски се реши навистина за проветрување на кабинетот, не се исклучува можноста да бидат тргнати настрана или евентуално ротирани и кадри на ВМРО-ДПМНЕ, независно од улогата што тие би ја имале на престојните избори.
Кандидатурите на вицепремиерката за евроинтеграци, Теута Арифи, и на министерот за локална самоупрва, Невзат Бејта за градоначалници на Тетово и на Гостивар - двете коти од најголемо значење за албанскиот политички блок - се речиси извесни. Локалните избори се очекува да донесат пресврт во политичките биографии на двајцата актуелни министри. Особено во долгогодишната кариера на Арифи, која досега се нема испробано во локалната власт, а која е прв министер за евроинтеграции од политичкиот камп на Албанците. Прашање е кому ќе му припадне министерската функција во овој мошне значаен ресор во Владата ако Арифи биде избрана за градоначалник на Тетово? Дали тоа место повторно ќе го добие ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да си го врати назад? И обратно: се отвора дилемата - што ќе биде во случај на пораз, кој би му наштетил на политичкиот легитимитет на Арифи или на Бејта за понатамошно извршување на министерската функција.
Ситуацијата е парадоксална со самото тоа што министерот за локална самоуправа ќе се натпреварува на локални избори, а вице-премиерката за евроинтеграции ќе се бори за градоначалничко место во клучни моменти за евроинтеграциските процеси на земјава. Бејта и Арифи беа избрани за членови на Владата пред една и пол година, по изборите во 2011. Нивниот случај - од позиција на министри да бидат кандидати за градоначалници е, веројатно, единствен во досегашната изборна историја на земјава. Оттаму и прашањето како Арифи и Бејта ќе дејстуваат на два фронта во наредниот период, кога од нив ќе се очекува и да ја извршуваат министерската функција и да бидат активни во кампањата за изборите за градоначалници, на кои битката е многу поперсонализирана, во споредба со парламентарните избори.
Измените во изборниот законик, што владејачкото мнозинство ги донесе во ноември минатата година, не предвидуваат ограничувања за министрите да се испробаат во изборна битка. Сепак, предвидени се одредени ограничувања од аспект на извршувањето на функцијата во периодот на кампањата, во делот на располагање со буџетски средства, започнување изградба на нови објекти, вонредно исплаќање плати, пензии, социјална помош...
Премиерот Никола Груевски, во изминатите седум години, колку што е на чело на Владата, во три мандати, ниту еднаш не направи поголемо кадровско освежување на кабинетот. Поради тоа, дел од членовите на Владата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се на функциите уште од 2006 година и досега ги преживејаа сите пропусти и скандали што се случија во нивните ресори. Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска или Зоран Ставрески се на добар пат да се вбројат во категоријата министри со најдолг стаж.
Промените во кабинетот, но и во поширокото функционерско опкружување на Груевски, главно, се изведуваа досега преку оставки или преку селење на други функции. Поранешниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, професорот Трајко Славески, на пример, е еден од ретките што јавно одби да поднесе оставка од министерската функција во финансии, по што беше разрешен. Други министри и носители на функции, главно, тивко заминуваа меѓу два изборни циклуси или поднесуваа оставки, за потоа да бидат назначени на други места. Љубиша Георгиевски, на пример, беше претседател на Собранието, па стана амбасадор во Белград, Антонио Милошоски не беше избран за министер за надворешни работи во овој мандат, но му припадна да ја раководи собраниската Комисија за надворешна политика...
Франција
Вечера за министрите кои „не служат за ништо“
Францускиот премиер Жан-Марк Еро одлучил да ги покани на вечера министрите кои според неделникот „Маријан“ „не служеле за ништо“, пренесува дописникот на МИА од Париз.
Според пишувањето на француските медиуми, станува збор за неколку министри и државни секретари: Силвија Пине (Занаетчиство), Гијом Гаро (Прехранбена индустрија), Франсоа Лами (Градови), Кадер Ариф (Воени ветерани), Мишел Делоне (Стари лица), Жор-По Ланжеван (Образовен успех), Тјери Репентан (Професионална обука), Елен Конвеј (Французи во странство) и Ѕамина Бенгиги (Франкофонија). |