Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Кои се седумте чуда во Македонија
30.07.2007, 13:35

Аквадуктот во Скопје

За историјата на познатиот аквадукт во Скопје, изграден од камен и тули кој денес брои 55 лака што се потпираат на масивни столбови, се врзуваат две можни датума. Според едни, граден е во VI век за време на владеењето на Јустинијан за снабдување со вода на новиот град Јустинијана Прима, а според други во XV век, за време на владеењето на Иса-бег и Мустафа-паша.

Но, неспорно е дека аквадуктот со својот изглед ги воодушевувал патниците кои поминувале низ градот и го спомнувале во своите списи. Во 1669 година патописецот д-р Браун запишал дека "аквадуктот е прекрасен стар објект, кој на ова место му носи голема почит". Многумина од историчарите го цитирале и познатиот хроничар на владеењето на Јустинијан Прокопиј, според кого водоводот бил подигнат во периодот од 527 до 565 година.

Се верува и дека поради сличноста со техниката на градење на аквадуктот со Куршумли - ан во Скопје, тој не потекнува од византискиот период, туку бил граден во XV век.

Патниците, историчарите и сите кои пишувале за скопскиот аквадукт не се согласувале околу бројот на неговите лаци: според некои тврдења нивниот број бил 200, па 60, а бројот од 55 лака е забележан и во Енциклопедијата на ликовните уметности објавена во Загреб во 1960 година.

Се смета дека преку аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до "топџиската касарна", Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли -ан и Сија-беговата џамија. Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток. Количеството вода која била пренесувана преку овој, за многумина, типичен претставник на римско-византискиот начин на градење, било константно и бил загарантиран нејзиниот довод преку целата година.

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |