Дигиталните книги ги победија печатените

„Амазон“ продава повеќе дигитални книги отколку печатени
Невена Поповска
„Амазон“ неодамна објави дека за секои 100 печатени книги во својата онлајн-продавница продава 143 дигитални на корисниците на нивниот е-читач „Kindle“. Истражувањата покажуваат дека односот драстично се мeнува во корист на дигиталните книги. Во последниве месеци односот се движи 9:2, што значи дека печатените книги одеднаш престануваат да им бидат интересни на читателите. Исто така треба да се спомене и податокот дека овие бројки ги вклучуваат и оние печатени книги што воопшто не се достапни во дигитален облик, а не ги вклучува бесплатните на „Kindle“.
Познавачите на околностите сметаат дека тоа не е ништо чудно, бидејќи тоа можело да се претпостави уште пред неколку години, но, сепак, е необично да се види дека печатените книги вака наеднаш заминуваат.
Во прилог на ова е и податокот дека на популарниот „Ајфон“, во последно време може да се најдат повеќе книги отколку игри. Електронските книги очигледно се се повеќе омилени кај читателите во светот за што сведочи и бројката од преку 27 илјади наслови кои во моментов им се достапни на корисниците на „Ајфонот“. Само за илустрација: бројот на игрите што ги нуди „i Tunes Add Store“ е за илјада и половина помал од бројот на насловите на книгите. Следниот месец кога „Apple“ на пазарот ќе го лансира својот нов модел, најавува дека на истиот уште полесно ќе може да се читаат некои класици и бројот на понудените наслови ќе се зголеми. Британскиот издавач Дан Франклин вели дека чекале „Apple“ да претстави некој од своите нови уреди за читање на дигитални книги и дека влегувањето на „Apple“ на пазарот на електронски книги ќе привлече нови читатели како што тоа своевремено го направи „i Tunes“ кога до луѓето ја доближи музиката.
Но, и покрај добрите резултати, сепак постојат извесни проблеми во оваа област, особено во областа на авторските права. Сите сакаат да ги заштитат авторските права на интернет, но не знаат како. Контролата на Интернетот едните ја сфаќаат како ограничување на слободата, а други како гаранција за правичност. Германската сојузна влада соопшти дека уште годинава има намера да донесе одлука за заштита на авторските права на интернет. Сите се согласуваат дека тоа е нужно, но мислењата се разидуваат кога станува збор за конкретни решенија. Меѓу поважните прашања кои се поставуваат е и прашањето: Како праведно да се платат авторите? Овде најпрво се работи за заштита на авторот чии текстови и фотографии или звучен материјал се појавуваат на интернет. Worldwideweb (www ) овозможува неовластено копирање и умножување речиси на се. Сега тоа е забрането, но сеуште е нејасно како тие забрани конкретно би требало да изгледаат, за да може да се надгледува нивното почитување и како да се казнат прекршителите. Еден од најпознатите примери за овој проблем е планот на „Гугл“ да копира и на интернет да објавува цели книги. Случајот на писателката Хелена Хегеман неодамна сликовито покажа како може да се злоупотребат дупките во законот кога се работи за интернетски копии. Таа во својот бестселер „Аholotl Roadkill“ од интернет едноставно препишала цели делови од текстови од различни автори. Со тоа книгата на Хелена Хегеман содржи неовластено преземени текстови. Главната дилема ја потврди германската министерка за правда Сабине Лојтхесер-Шнаренбергер, која вели:„Интернет мора да остане слободен, но не мора автоматски да биде и бесплатен. Слободата во Интернетот не смее да се сфаќа како одземање на правото на креативците“. Ваквата констатација наиде на широко одобрување од германските новинари, преку политичките партии, па се до иницијативата за авторски права која пред 10 години ја основаа здруженија на автори и уметници. Но, како да почне да се реализира оваа идеја во пракса и авторите да бидат платени за користењето на нивните дела-тоа сеуште не е баш најјасно. Единствено е јасно дека германската министерка за правда не сака примена на т.н. „француски модел“, според кој, судски ќе се гони секое кршење на авторските права. Бидејќи во праксата ова е мошне тешко да се спроведе, многумина предлагаат легализација на сите интернетски содржини, а за возврат би се вовело плаќање на т.н. „културна претплата“. Тоа би значело секој корисник на интернет би морал да плати паушален износ, а парите собрани на овој начин потоа би им се делеле на авторите. Но германската министерка за правда ја отфрла оваа идеја и предлага едноставно на интернет автоматски да се предупредува при секој обид да се изведе неовластено копирање.
Во секој случај за оваа тема многу се зборува, но како што оценува активистот Маркус Бекедал на крајот сепак не е понудено никакво ново решение. Тој е основач на блогот „Netzpolitik.org“ и смета дека министерката за правда нема доволно храброст да се соочи со овој сериозен проблем. Таа, се разбира, не го дели ова мислење и повикува: „Авторското право секогаш било огледало на напредокот, тоа е дело во процес. Затоа да се фатиме за работа и да напишеме ново поглавје во историјата на авторското право“.
Стиг Ларсон прв продаде милион дигитални книги
Шведскиот писател Стиг Ларсон е првиот автор кој продаде повеќе од милион примероци од своите книги во електронската книжарница на „Kindle“ на интернетската компанија „Амазон“. Во „Амазон“ наведуваат дека се продадени повеќе од милион примероци од Ларсоновата милениумска трилогија: „Мажите кои ги мразат жените“, „Девојката што си играше со оган“ и „Кули во воздухот“. Сите три книги се меѓу стоте најпродавани книги на сите времиња.
Стиг Ларсон е шведски писател и новинар, кој ненадејно почина од срцев удар во 2004 година, а неговата милениумска трилогија беше постхумно објавена и стана светски хит.
Кај нас издавачката куќа „Три“ го објави неговиот роман „Девојката со тетоважа на змеј“. |