03.05.2010, 17:21 Искршена спомен-плочата на бранителите кај тетовско Вејце

Плочата е уништена само една недела по нејзиното поставување
ТЕТОВО - Непознати сторители ја искршиле и ја расфрлиле на повеќе делови спомен-плочата во близина на шарпланинското село Вејце, која беше поставена минатата седмица во чест на загинатите бранители. Во месноста Бреза, каде што се одбележа деветгодишнина од загинувањето на осум полицајци и војници единствено биле „поштедени“ свеќите што ги запалија членовите на семејствата.
За вандалскиот чин информираше Марин Најдов, претседател на тетовскиот разгранок на „Достоинство“, кој вчера бил во месноста Бреза. Тој е огорчен од непримерниот однос на непознатите вандали. „Пред само пет дена го посетивме местото на трагедијата, каде што бранители од елитните ‘волци‘ на АРМ и ‘тигри‘ на МВР, свирепо беа убиени од припадници на ОНА во 2001 година. На денот на чествувањето, при поставувањето на спомен-плочата и положувањето букети цвеќе, се' помина мирно. За жал, вчера бев сведок на невиден вандализам. Ги повикувам надлежните органи што побрзо да ги откријат и да ги казнат сторителите“, изјави Марин Најдов. Тој најави дека за непримерниот настан „Достоинство“ ќе ги информира сите надлежни институции во земјата, а од градоначалникот на Тетово ќе побараат општината да постави спомен-плоча на истото место.
На 28 април во конфликтната 2001 година во близина на Вејце загинаа Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Игор Костевски и Миле Јаневски од составот на „волците“ на АРМ, како и Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски од „тигрите“ на МВР. Нивните имиња беа запишани на обележјето, кое веќе го нема на местото. (Г.Е.) |