| Кафка на царините

Бугарски новинар потрошил неколку часа за да земе пакет со он-лајн купени маици
Доколку купувате он-лајн производи во странство, подобро внимавајте. Почнувајќи од 1 јануари 2010 година прагот за купување без данок надвор од Европската унија се намали од 150 на 15 евра. Тоа, всушност, значи дека отсега секое купување освен неколку пара чорапи ќе подлежи на данок. За да се извршат тие формалности, купувачите се должни да ја посетат Царинската служба во Софија, како што морав да направам и јас, бидејќи некаде пред Божик нарачав пакет маици од една американска веб-страница. Во продолжение пренесувам што треба да се очекува од не толку кратката средба со службениците на оваа држава.
„Да се подигне од шалтер број 23“ гласеше пораката што пристигна по пошта. Царинското поштенско складиште во Софија е лоцирано блиску централната станица. Доколку се движите пеш по улицата, ќе ги забележите вработените кои туркаат колички со пакети на кои може да се прочитаат логоата: „Ибеј“, „Амазон“, „УСПС“, „УПС“ итн. Во еден идеален свет едноставно би платиле 4 лева за „предмети со данок на вредност“ и би заминале со вашиот пакет. Но, за жал, мојот случај беше далеку од идеален, бидејќи маиците беа испратени од Америка. „Ќе треба да го провериме“, ми најави госпоѓата зад шалтерот, покажувајќи на мојот пакет со недоверба. „Ќе го повикам надлежниот“. Инспекторот во цивилна облека пристигна навреме и ми побара документи за идентификација, а потоа брзо исчезна. Кратко време потоа бев повикан да минам низ една мала врата на соседниот шалтер број 30, која продолжуваше во мал додатен дел каде што персоналот се топлеше на подвижни радијатори. Двајца инспектори веднаш се зафатија со мојот пакет, отворајќи го со режач за кутии и вадејќи ја содржината. Како што се очекуваше, имаше неколку маици, сметка и неколку беџови кои беа бесплатен подарок од он-лајн продавницата.
„А што се овие?“, ме прашаа.
„Изгледа дека се беџови“.
„А зошто нема сметка за нив? И тие имаат вредност, нели“?
„Секако“, одговорив. „Но, тие се подарок од продавницата, јас не ги нарачав“.
Почнав да чувствувам дека моето објаснување нема да помине. Цариниците веќе беа убедени дека јас сум голем криумчар на калифорниски беџови. Тогаш ја објавија нивната пресуда.
„Оди на шалтер 17 и побарај сертификат ЕОРИ. Потоа можеш да се вратиш, да пополниш декларација“.
„Што е сертификат ЕОРИ?“, сакав да знам.
„Само оди таму, ќе ти објаснат на шалтерот“.
На шалтерот број 17 што беше канцеларија за сметководство, никој никогаш не слушнал за сертификат ЕОРИ, но морав да пополнам образец со сите лични податоци. „Сега ќе треба да направиш фотокопија на личната карта“, ми објасни службеникот. Ме фати нервоза. Дојде време кога требаше да објаснам дека ги знам моите права според актот за заштита на податоци. Но, по неколку минути замајувачка дискусија, сфатив дека доколку сакам да заминам со моите маици, немам друга опција освен да дозволам државата да ги крши сопствените закони. Засрамено се пробив до шалтерот број 21 каде што беше сместен фотокопирот - неверојатно скап за да се удри со нога - а потоа отидов на шалтер број 13 каде што се делат сертификати ЕОРИ - да, тие навистина постојат. Ако добиете шанса да го посетите шалтерот број 13, треба да знаете дека таму можете да пушите: очигледно, тоа е специјален случај каде што не важи забраната за пушење во јавни институции. Службеникот зад шалтерот поминал најмалку пет години на факултет, но неговата работа не е ништо повеќе од препишување на рачно напишани изјави од мојот образец во компјутер, за што - изненадувачки - е потребен најмалку половина час. Конечно, имав сертификат ЕОРИ на кој се наоѓаше мојот специјален „привремен број“ како он-лајн купувач, што се разликуваше многу малку од мојот број на социјално осигурување. Службеникот звучеше уверливо: „За да биде се' валидно, овие треба да ги потпише директорот на царината“, ми објасни тој. Директор на царина беше една неверојатно зафатена жена, бидејќи имаше две секретарки. Го предадов купчето документи за да го потпише, но двете госпоѓи не сакаа да ја вознемируваат нивната шефица, па затоа чекав да излезе таа од нејзината канцеларија, да му се развика на друг службеник. Потоа ги потпиша моите документи без да ги прочита. Се вратив на шалтер број 17 за да ми стават печат, а оттаму бев испратен на шалтер број 28 каде што пополнив „соодветна“ царинска декларација што ме чинеше 8 лева. Потоа ми беше предаден флопи-диск со моите податоци за што добив инструкции да го однесам на шалтер број 9 - очигледно бугарската царинска служба допрва треба да ги открие радостите на локално поврзување. На шалтер број 9 целата канцелариска опрема, вклучувајќи ги и компјутерите, беа комплетно нови. Службеничката извади чуден апарат што го поврза со УСБ-порт на нејзината ултрамодерна машина: тогаш сфатив дека тоа беше читач на флопи-диск. Бев вчудовиден - тоа беше како да приклучила количка на вселенски брод.
Се' уште не бев готов. Прво требаше да се јавам на шалтер број 14 - канцеларија за банкарски услуги каде што платив. Потоа чекав на шалтер број 9, додека моите пари се појават на сметката на царинските служби, па пак се вратив на шалтерот број 23 (за данокот на „предмети со вредност“), а оттаму се упатив во последната фаза од мојот принуден марш до шалтер број 30 каде што конечно можев да го земам мојот отворен пакет со маици. Тука беше крајот на незаборавните четири часа меѓу ѕидовите на Царинската служба во Софија. (Прес Јуроп) |