Со вината на „Сковин“ опиеност на сите сетила

Македонскиот вински клуб секој последен четврток во месецот ќе организира дегустации на вино
Прекрасен полн вкус кој ги дразни сите сетила и предизвикува чувство на целосна омаеност, вака ги оценија седумте вина на винарската визба „Сковин“ присутните на завчерашната дегустација во хотелот „Александар палас“, организирана од страна на Македонскиот вински клуб. Македонскиот вински клуб, формиран пред една недела, првично ентузијастички создаден од лица чија голема љубов е токму пијалакот на боговите, секој последен четврток во месецот ќе организира дегустации на вино, а честа да бидат први им припадна токму на вината на „Сковин“. Служењето одреден вид храна со одреден вид вино само ја заокружи сликата на наполно доживување на храната и пијалакот. Дегустацијата опфати седум вина на „Сковин“.

„За добредојде во секоја пригода се препорачува пенливото вино. Тоа е прво македонско пенливо вино по класична метода, што значи дека секое шише е со посебна ферментација. Од белите вина кои прават чекор со својот вкус на пазарот се вината „водно“, кое е купажа од совињон и семијон, мешавина која дава екстрактивност и свежина, кои комбинирани одговараат со сите лесни јадења. „Шардоне“ е вино кое се смета за камелеон во категоријата бели вина, затоа што го има на сите континенти и успева секаде. Тоа е полно вино со мирис на јаболко, банана и јужно овошје со висок процент на алкохол и е препорачливо да зрее во буре. „Вранец“ е претставник на македонските црвени вина, кое е полно екстрактвино вино со мирис на шумско овошје. Ново вино на „Сковин“ е „сирах каберне“, кое се смета за вино на 21 век. Станува збор за вино кое потекнува од Персија, а неговите главни карактеристики се зачинските ароми со мирис на модра слива и овошје, лесно, пивко, пријатно за пиење. За круна на македонското винарство се смета „марков манастир“, бидејќи е прво врвно македонско вино. Потекнува од една микролокација со одредена контрола на производство, кое дава вино кое е комплексно и полно. „Мускат“ е ароматично вино кое одговара со сите десерти, но може да се комбинира и со храна“, објаснува Надежда Софијанова, технички директор на „Сковин“.

Во дегустирањето на прекрасните креации на ’Сковин‘, кои помагаат да се чувствуваме пријатно и релаксирано, најважно се сензорните осети на арома и вкус, а тие се исполнети со пополнување на сите потребни параметри, вметнати токму во овие вина, оценија енолозите. (А.С.) |