Кристофер Делисо на Саемот на книгата во „Матица“

ТРАДИЦИЈА - Авторот на книгата „Hidden Macedonia“ Кристофер Делисо викендов беше гостин на традиционалниот Саем на книгата што клубот „Матица“ го организира во својата книжарница веќе осма година. Својата „Hidden Macedonia“ Делисо ја опиша како прекрасен патепис кој произлегол од неговите патувања низ Македонија, особено пределите околу Преспанското и Охридското Езеро.
„Се поголем е интересот на Запад за Македонија, рече Делисо и токму едно вакво издание може многу да помогне во промоцијата на земјата и нејзиното културно и духовно богатство како и големиот број природни убавини“.
Инаку Саемот во клубот „Матица“ годинава се одвива под мотото „Книга во секој дом“ и на читателите им се нудат околу 500 наслови од повеќе литературни жанрови. Книгите се продаваат со попуст од околу 80 отсто и просечната цена изнесува 170 денари. Освен изданија на „Матица Македонска“ можат да се набават и изданија од „Темплум“, „Или-или“, „Лотос“, „Ми-Ан“, „Дијалог“, „Македонска реч“ како и изданија од издавачки куќи во Србија, Велика Британија и САД. (Н.П.)
|