Наталитет
Абортуси има исто колку и раѓања

Во 2005 година во земјава официјално се регистрирани 6.436 абортуси, а многу поголема е бројката на дивите абортуси
Во Македонија само два отсто од женската популацијата употребува таблетите за контрацепција како метода за заштита од несакана бременост. Овој процент е толку низок со што Македонија, во споредба со земјите во регионот, е на последно место според тоа колку е застапена оралната контрацепција.
Повеќе таблети за заштита од бременост користат жените во Албанија и тоа околу 3,5 отсто, потоа Србија и Црна Гора со 2,8 отсто и Украина со 2,1 отсто. Оралната контрацепција во Турција е застапена со 8 отсто, Хрватска со 9 отсто, а во Словенија овој процент се искачува на 23 отсто.
Овие фрапантни податоци вчера ги изнесе претседателот на Здружението на гинеколозите, д-р Славејко Сапунов, по повод 26 Септември, кој првпат се одбележува како Светски ден на контрацепција, под мотото „Живеј го својот живот, пред да започнеш друг“.
Тој посочи дека во нашава земја како заштита при сексот повеќе се практикуваат кондоми и тоа 14 отсто и спирали кај жените. Тој укажа дека од 210 милиони бремености годишно во светот, 17 милиони завршуваат со абортуси.
Поради тоа не зачудуваат ни сознанијата дека бројот на раѓањата во земјата се доближува до бројот на абортусите. Во Скопје овие два параметра -раѓањата и абортусите - се речиси изедначени, потенцира д-р Мирослав Темелковски, претседател на приватните гинеколози, кој, сепак, немаше податок колку од абортусите се прават на црно во приватните ординации.
Според официјалните податоци на Републичкиот завод за здравствена заштита, во 2005 година во земјава се регистрирани 6.436 абортуси, извршени во здравствените установи што имаат дозвола за вакви интервенции. Тоа значи дека на секои 100 породувања имало по 28 абортуси. Бројката на абортусите што се прават диво е многу поголема.

Дека се' повеќе абортуси се прават незаконски се потврдува и со податоците дека бројот на легалните абортуси на Клиниката за гинекологија се намалува од година во година. Ова ги загрижува и гинеколозите, зашто незаконските абортуси кои се несоодветно изведени често повлекуваат компликации, како на пример крвавења, инфекции, па дури и стерилитет кај жените.
„Младите жени обично се одлучуваат да направат абортус на диво за да не знаат нивните родители и затоа што сметат дека така имаат поголема дискреција“, вели директорката на Клиниката за гинекологија, д-р Адела Стефанија.
Која метода за заштита од несаканата бременост е најсоодветна тоа може да го оцени гинекологот, бидејќи тоа е индивидуално за секоја жена, потенцираа од компанијата „Баер Шеринг фарма“, кој вчера ја организираше кампањата за подигање на свеста на младите за употреба на оралната контрацепција. (Ј.Ј.) |