Славе е најстар, зашто е анализиран

Ранонеолитските скелети вообичаено се поробусни, но не и откриениот на Грнчарица
Катерина Богоева
Неолитскиот скелет, наречен Славе Македонски, откриен на локалитетот Грнчарица во близина на штипското село Крупиште, чија старост според добиените резултати од анализата со метода на радиоактивен изотоп на јаглерод ц-14 направена на Шкотскиот универзитетот во Глазгов е утврдена на 6.745 години пред.н ера, засега е најстариот откриен скелет во земјава, бидејќи е првиот кому му е направена ваква анализа. Овој факт кој антропологот д-р Фаница Велјановска од Музејот на Македонија го смета за мошне значаен, не беше споменуван при минатомесечната презентација на добиените резултати, кога во медиумите од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата од Штип, беше соопштена веста за утврдената старост, при што скелетот беше нарекуван најстар, не само на територијата на Македонија, туку и воопшто во Јузгозападна Европа.
„Наодот е значаен, но од него не треба да се прави сензација. Направената анализа се користи со децении, но ми се чини дека ова е прв обид да се изврши на човечки коски од Македонија. Добиените резултати не се неочекувани, но споредуваме две работи што не се за споредување. Велиме дека е најстар, но досега откриените не се на тој начин анализирани“. Споменува дека во 70-тите години на минатиот век, при истражување на локалитетот Азанбегово - Вршник се откриени 34 човечки скелети, кои според археолошки критериуми биле датирани околу 6. 100 год. пр. н.ера. Ги обработиле унгарски антрополози, но не биле испратени за Ц-14 анализа со која старосната граница може да биде повлечена подлабоко во минатото. Коските се чувале во Музејот во Штип, од каде по извесно време и исчезнале.

„Јас не се сомневам во добиените резултати на склетот, но треба трезвено да ги прифатиме. За антропологијата нема незначајни наоди, бидејќи секој скелет е запис за еден човек, а тие даваат и информации за етногенезата, во чиј синџир не треба да постојат прекини“, вели антропологот и посочува дека вредноста на неолитските скелети лежи во нивната реткост не само во Македонија, туку воопшто во светот. За ретки се сметаат и неолитските населби каде се вршеле погребувањата, а скелетите нудат одговори на прашањата дали станува збор за откриено, автохтоно население или пак истото дошло со миграции од Исток.
Вељановска го опишува скелетот како страшно слабо сочуван, со делови на череп, без карлица и долги коски, поради што не може да се одреди неговата телесна височина. И при одредувањето на машкиот пол, на скелетот стар од 45 -50 години, имала можност да користи само 5, од расположивите 30 параметри, поради што тој податок го става под „три прашалници“. Славе бил анемичен, имал артритис, еден изваден и еден заб со кариес, но значаен момент е што предните заби му биле извадени до корен, што вели таа, говори дека на тој начин придржувал некоја алатка при работа.
„Тој му припаѓал на грациозниот, медитерански тип какво што било населението на целиот Балкански простор во неолитот, но чудно е што е многу мал, со нежна градба, бидејќи ранонеолитските скелети вообичаено се поробусни. Ова сознание ги шири познавањата за неолитското население, а тука и лежи значењето на наодот, кој послужи за датирање на наоѓалиштето. Во земјава ни недостасуваат мезолитски скелети, скелети од палеолитот, а токму нивното откривање би можело да биде сензација. Рано неолитски скелети се откривани и досега на повеќе места во Балканот“. За резултатите од Глазгов таа дознала од медиумите, што отвора низа прашања за правилниот третман на антрополошката работа.
„Се чувствував навредена што не бев повикана да го видам скелетот на лице место по откривањето пред да биде подигнат. Свесни сме дека во земјава, ние антрополозите сме малубројни и дека има многу археолошки истражувања, но за вака вредни наоди треба да бидеме повикувани.Скелетот Славе треба да биде поука за да се променат нештата, а претпоставувам дека проблемот е во законското регулирање на постапката“.
Археологот Трајче Нацев од Заводот и Музеј од Штип, раководител на археолошките истражувања на трасата на регионалниот хидроситем „Злетовица“, во рамките на кои е и откриен скелетот, посочува дека археолозите од Македонија не покажале интерес да го видат наодот, кој беше изложен за јавноста на Денот на музеите. Најавува дека го подготвуваат Славе за уште една анализа во странство, бидејќи смета дека може да биде и постар, за што му говори пронајдениот движен материјал на локалитетот, условите во кои е пронајден. Очекува датирањето да биде во раниот неолит, или пак во преодниот период, меѓу мезолитот и неолитот. Смета дека овој скелет не е најстариот, туку еден меѓу најстарите скелети во Југоисточна Европа и укажува дека за правење на одредени аналогии со други наоди, досега биле заинтересирани неговите колеги од странство. „Поради недостиг на анализи во Македонија сеуште не може да се каже и која е најстарата неолитска населба во земјава“.
Археологот Трајанка Јовчевска од Музејот во Велес која и го откри скелетот и работеше на Грнчарица, деновиве по стивнувањето на бурата околу неговата старост го потенцира фактот дека најважно е што на овој локалитет, за прв пат во Македонија е потврден раниот неолит. „Во досегашните истражувања недостигаше таа најстара фаза, но сега ги имаме податоците за континуитетот во неолитот“. Не е задоволна од досегашниот, како што вели сензационалистички третман на староста на скелетот, при што е занемарено неговото вистинско значење. Укажува дека на неолитските локалитети што обично се мали и имаат по десет куќи, по правило има по едно погребување. „Раната фаза на неолитот е дојдена како готова од Мала Азија со брановидни преселби, со готова култура. Со староста на скелетот само се потврдија моите претпоставки што ги согледав од откриените материјални докази на еднослојната населба“.
|