Савевски: Немавме среќа во Адана

Место денеска, УО на РФМ ќе го разгледа извештајот на селекторот во вторник
Роберт Димитриевски
Спортска несреќа. Така селекторот на машката ракометна репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски, во својот извештај го објаснува неуспехот во квалификациите за Светското првенство 2011 во Шведска. Извештајот ќе биде разгледан од Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија во вторник, откако седницата закажана за денеска е одложена поради зафатеност на членовите на УО. Таа точка од дневниот ред стана посебно интересна за јавноста и во контекст на гласиштата дека македонскиот национален тим би можел да го преземе Лино Червар, кој на неодамнешното Европско првенство во Австрија објави дека по него ќе се повлече од клупата на хрватската селекција.
„Во добро расположение го очекувавме првиот натпревар со Литванија, на кој одигравме нерешено иако на полувремето водевме со пет гола разлика. Наидовме на еден подготвен и силен противник, со посебно расположени голмани (16 одбрани наспроти нашите осум). Играта не беше на највисоко ниво, но, сепак, можевме сами да решиме, но во последните 1,5 минути не успеавме да упатиме удар на голот“, пишува Савевски. „На вториот натпревар со Турција бевме многу подобри и победивме со девет гола разлика, но тоа не беше доволно за пласман во баражот, што сметам дека беше повеќе спортска несреќа, отколку наше лошо издание“.
Селекторот наведува пет причини за неуспехот во Адана. Првата е отсуството на осум стандардни репрезентативци (Ангелов, Димовски, Ѓоргоноски, Јоновски, Стојановиќ, Ангеловски, Мајнов и Пецаковски). Втората е големата температурна разлика во салата, која предизвикала дехидрација на ракометарите, со забелешка дека се испиле сите 40 литри вода. Трета причина, според него, е непридржувањето до договорот за начинот на игра во клучните моменти, кога премногу се солирало, а четвртата е некоректниот пристап на Турција во третиот натпревар, кога играше со вториот состав. Конечно, тој ја спомнува и традицијата да се игра одлично дома и надвор со поддршка на навивачите, а послабо без неа.
Савевски ги фали обемните подготовки, условите за работа, ангажираноста на ракометарите и атмосферата во репрезентацијата. За надминување на слабостите, пак, предлага почести собири и барем шест контролни средби со силни противници до октомврискиот старт на квалификациите за ЕП 2012 во Србија, потоа вклучување талентирани ракометари (Левов, Н. марковски, Кукоски) и психолог во Стручниот штаб, како и формирање ракометен пул што ќе помогне во организацијата на работата.
„Оптимист сум и сметам дека со овие корекции можеме да направиме дна силна репрезентација, која ќе може успешно да се носи со најдобрите европски репрезентации и во догледно време да се надеваме на поголем успех на некои од светските првенства“, го завршува извештајот селекторот на ракометарите. |