| Ќе се формира фонд за дигитализирање на наследството

По изготвената стратегија, од јуни ќе се проектира и национална програма за дигитализација
Катерина Богоева
Македонија ја доби својата Нацрт - стратегија за дигитализација на културното наследство која вчера беше презентирана на одржаната јавна расправа во НУБ „Св. Климент Охридски“, пред претставниците на надлежните институции и поединци од земјава.Стратегијата е иницирана од Министерството за култура во соработка со Управата за заштита на културното наследство, а на нејзиното оформување од јуни минатата година, работи стручна група во состав: координатор Лазар Шуманов и членови Смиле Марковски, Стана Јанкоска, Саша Крстевски, Горан Патчев, Катица Атанасовска, Марија Николоска, Дарко Кржовски, Вера Корошец, Горан Стојковски, Петар Волнаровски , Михаило Чиковски , Боне Величковски и Убавка Гајдова.
Таа предвидува дефинирање на стандарди на дигитализацијата и остварување на можности за дејствување и понатамошно дизајнирање на целокупниот процес. Планирано е формирање на центри, оддели, одделенија и дооформување на постојните центри за дигитализација при соодветните институции на национално, регионално и локално ниво (активирање на Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство - УНЕСКО), како и регулирање и креирање на дигиталните содржини, нивна пристапност и обезбедување на долгорочна заштита.
До крајот на април годинава треба да биде формиран фонд за дигитализација, а е наведено и потребното едуцирање, усовршување и специјализирање на кадрите, како и дефинирање на приоритетна листа за дигитализација (недвижно, движно и духовно - нематеријално културно наследство), како и комплетно опремување со најмодерна, најсофистицирана опрема.
Заменик - министерот за култура Драган Недељковиќ потенцирајќи ја важноста на инвестирањето во дигитализацијата како процес на приближување на достапноста на културното наследство на национално и меѓународно ниво, вчера меѓу другото рече:„Поаѓајќи од големото значење што го има автоматската обработка на податоците во дејноста на заштитата на културното наследство и следејќи го процесот на дигитализација на културното наследство, во согласност со иницијативите на земјите од Европска Унија, Министерството за култура ја препозна дигитализацијата на културното наследство како значаен елемент во изградбата и развојот на информатичкото општество и општеството на знаење, сегмент кој претставува значаен фактор во остварувањето на културната политика и на културниот развој на земјава“.
Освен Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство носители на стратегијата се и Министерството за информатичко општество, Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство (УНЕСКО), Националниот конзерваторски центар, Музејот на Македонија, НУБ „Св. Климент Охридски“, Државниот архив , Кинотеката и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“. Периодот до 2012 година се смета за пилот период во кој освен националната стратегија треба да се реализира и предвидената програма за дигитализација, по што ќе се сумираат добиените резултати и ќе се предложат потребните мерки.
Стратегијата како што посочи Лазар Шуманов, е отворена за писмени забелешки и предлози, а дел од нив можеа да се чујат и на вчерашната расправа, како што беше и забелешката за неопходното дигитализирање на вредниот аудио и визуелен материјал од МРТВ (на што директорката на Кинотеката Мими Ѓоргоска, укажа дека оваа институција веќе реализира проект за евиденција и ревалоризација на снимките што ги поседува јавниот сервис, по што истите и ќе се дигитализираат ). Беше посочено и на потребата од голема стручност при подготвувањето на материјалите пред започнување на процесот на дигитализација.
Илустрирајќи ја потребата од дигитализација на културното наследство, вчера од страна на ИКОМОС на присутните им беа презентирани и фотографии од земјотресот на Хаити, каде меѓудругото се уништени и вредни споменици на културата. |