Број 2811  вторник, 14 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

„Калемар“ - албум на музичко наследство

Етногрупата „Баклава“ го промовираше својот втор албум насловен „Калемар“

Тина Иванова

Македонската акустична група „Баклава“, која музичката јавност ја опишува со додавката етно, го објави својот втор албум насловен „Калемар“ под етикетата на „Скопскиот џез-фестивал“. Промоцијата се случи минатата недела во кафе-барот „Сопотско“, и како што вели еден од членовите на групата, Дејан Сибиновски, големата посетеност потврдува дека „интересот за овој албум ќе биде голем кај македонскиот аудиториум“. Додека првиот албум, едноставно насловен „Баклава“, претставуваше жива снимка од концертот кој групата пред неколку години го одржа во МКЦ, „Калемар“ е студиско издание, снимен и миксан во „Кларион“ кај продуцентот Дејан Ангелевски.

„Калемар“ содржи 14 композиции во траење од еден час, од кои поголем дел се авторски, потпишани од членовите на бендот. А, само за потсетување, „Баклава“ се квартетот: Елена Христова, вокал, Никола Николов, тамбура, Владимир Мартиновски, бас тамбура и Дејан Сибиновски, деф и перкусии. Албумот го збогатуваат и гостите Ерхан Шукри на виолина и Дејан Теодосиевски на виолончело, додека на бонус-траката „Ој девојче“, снимена во 2004 година во студиото „Профундус“, учествуваат и Александар Стаматов на тамбура, како и Гудачкиот квартет „Квартет“. Сибиновски вели дека во креирањето на композициите за новиот албум внимавале да се задржи веќе препознатливиот стил на групата. А, насловот „Калемар“ пак, е инспириран од истоимената песна на поетот Ило Гајтаноски. „Всушност, името го претставува во еден здив звукот на овој албум, на кој самиот звук на нашите песни го калемевме од сето тоа што го создававме или репродуциравме од македонската традиционална музика. Сепак, целта не беше да се создава нова народна музика, туку едноставно да твориме како секој бенд од каков и да е жанр“, истакнува Сибиновски.

„Калемар“ се отвора и се затвора со двете прекрасни традиционални песни - првата „Твојте очи Лено“ и последната „Ој девојче“. Уште две песни од македонското звучно наследство го калемат овој албум - „Јаворе“ и „Севда“, додека останатите се авторски на тандемот - Елена Христова и Дејан Сибиновски, но е присутна и една на Владимир Мартиновски. И во ова свое второ издание, „Баклава“ ја продолжуваат звучната естетика на македонското национално музичко милје, и преку сопствените теми, носејќи ги во современоста нејзините препознатливи чувства или расположенија, сета тага, меланхолија, жед за љубов, радост и среќа, изразени во мелодијата, ритамот, во специфичната орнаментика, во дијалектиката. Она што го издвојува „Калемар“ од претходниот албум, се композициите, како четвртата „Ден“ или седмата на пример со наслов „Облаче“, кои ги допираат звучните нијанси на денешницата, па дури и оние на поп-културата, но сместени во интересен и необичен инструментален пакет од традиционални инструменти. Така, не може, а да не се почувствуваат и одредени инфлуенци од т.н. „ворлд мјузик“ сцена, од она што во последно време се изродува од нејзините пазуви. Но, истовремено, „Баклава“ ја задржува автентичноста не само на поднебјето од каде што доаѓаат, туку и на сопствениот звучен, културен израз кој го негуваат од самиот почеток. И овој албум, несомнено, го краси уште една, и не помалку важна димензија - беспрекорната интерпретација и особено магичниот вокал на Елена Христова.

„Баклава“, како што најавуваат, наскоро ќе одржат и промотивен концерт во Скопје, а се надеваат и на турнеја низ Македонија.


#
Статијата е прочитана 644 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Премиера на „Океаника“ во Кинотека
Градовите различно реагираат на уметноста
„Јас сум од Титов Велес“ ќе оди на уште 16 фестивали
„Скапоцениот камен од Медина“ наскоро во Македонија