Празнување на Прочка во Скопје

Прва изложба посветена на Прочка или Велики Поклади
Скопјани во минатото често на денот на празникот Прочка практикувале да се фотографираат во неколкуте ателјеа, а денешните посетители на Музејот на град Скопје преку отворената изложба тематски посветена на неговото празнување, имаат можност и да се запознаат со дел од атмосферата која доминирала во градот. На седумдесетина фотографии се гледаат деца и возрасни облечени во народни носии, во облека која се чувала од предците но и се позајмувала од околните села и од ромските семејства. Презентирани се и дел од обичаите, а во витрини се изложени и карактеристични парчиња облека.
Ова е прва изложба посветена на Прочка или Велики Поклади што се прославува помеѓу големите зимски и почетокот на пролетните празници, како вовед во најдолгиот и најстариот Велигденски пост. Нејзини автори се етнологот Ангелина Крстева и вишите кустоси етнолози Славица Крстева и Татјана Ѓорѓиовска, а истата е финансиски поддржана од Градот Скопје.
„Празникот Прочка изобилува со обичаи од кои дел имаат христијанска основа, а дел од нив се поврзани со паганските верувања“ - велат етнолозите и посочуваат: „По фотографирањето, пресоблечените возрасни и деца оделе на плоштадот во градот и на главните улици Краљ Петар (денешна Македонија) и улицата Војвода Путник (кејот на реката Вардар ) каде што според пишувањето на тогашниот весник „Наша стара Србија“ од 1927 година, изгледало како на пазар на разнобојни костими и тоалети. Празничната атмосфера се надополнувала со фрлање конфети, улични музичари со народни инструменти, игри и песна“.
По Втората светска војна празникот во редуцирана форма се прославувал само во круговите на семејствата „според сопствената иницијатива и убедување“ а од 60-тите години до денес почнува селективно навраќање на стариот начин на прославување со собирање на плоштадот и на Скопското Кале. (К.Б.) |